Почетна » Промоција на безбедна училишна средина » Следна станица


Кампања „Следна станица“  

Првата детска амбасада во светот Меѓаши, во рамки на проектотПромоција на безбедна училишна срединаја започнува тригодишната кампањаСледна станица“, која има за цел да го поттикне практикувањето на позитивните вредности кај младите и со тоа да ја превенира појавата на насилство во училиштата. „Следна станица“ на креативен начин ќе им ги претстави на учениците сите позитивни работи кои ги овозможува пријателството и ќе им ја укаже важноста од меѓусебното прифаќање, разбирање и почит 

Кампањата ќе содржи станици како: 1. Разбирање, 2. Почит, 3. Храброст, 4. Поддршка, 5. Љубов и 6. Пријателство. Преку симболичната презентација на секоја од станиците, со карактеристичните позитивни вредности, ќе се даде правец кон безбедната училишна средина. Процесот почнува од вклучување на децата во подобрување и промоција на безбедна училишна средина, продолжува со нивно охрабрување да бидат активен дел од промената, ги поттикнуваме на меѓусебна соработка, поддршка и прифаќање преку другарството и љубовта, како позитивни карактерни црти, се со цел да постигнеме некаква промена кај нив лично, како и во нивното опкружување.  

Сакаме да го објасниме нашето патување кон безбедна училишна средина  и на тој начин да ги презентираме позитивните вредности најмногу насочени кон учениците. Како и сѐ во животот така и конфликтите имаат некаков пат, насока поради која истите се продлабочуваат или прекинуваат, ние ги презентираме можностите за секој еден млад човек, ученик, дека крајната дестинација може да биде онаква како што посакува. Не секогаш сѐ зависи од нас, но преку нашите постапки даваме пример на другите и со тоа влијаеме кон резултатот. Сакаме да ги разбудиме заспаните набљудувачи, да ги освестиме среќните сеирџии, да ги охрабриме уплашените пријатели и другари и сето тоа да го направиме ненасилно меѓутоа активно, смислено со цел и секако заеднички 

Кампањата не се однесува само на содржината, станува збор за поврзување со децата, децата кои се жртви, децата кои се насилници, па и оние кои се пасивни учесници. Веруваме дека секој ученик има право да учи и да расте во средина без малтретирање, злоупотреба и дискриминација. Со поттикнување на чувството за заедница, емпатија и разбирање, имаме за цел да создадеме позитивен ефект што ја надминува дигиталната област и продира во училишната клупа 

Ги повикуваме учениците од сите основни и средни училишта во земјава колку што е можно поактивно да се вклучат во кампањата и да дадат свој личен придонес во креирањето на безбедна училишна средина 

Кампањата се спроведува со финансиска поддршка од Детската фондација ,,Песталоззи“, во партнерство со Коалиција на младински организации - СЕГА, Лабораторија за социјални иновацииСмарт АП и Македонски центар за граѓанско образование – МЦГО. 

Прва детска амбасада во светот Меѓаши