Почетна » ПРЕЦЕДЕ » ПРЕЦЕДЕ 2 » Публикација Мирот се гради од најрана возраст


ПРЕДГОВОР

 

Публикацијата „Мирот се гради од најрана возраст“ е подготвена во рамките на проектот „Партнерство за помирување преку ран детски развој и образование во Европа“ (ПРЕЦЕДЕ) кој е финансиран од Европската унија, Инструмент за претпристапна помош (ИПА), Инструмент за граѓанско општество (СЦФ). Станува збор за регионален проект кој се спроведува во неколку земји во регионот и е насочен кон градење на мирот и помирувањето преку работа со децата уште на предучилишна возраст. Партнерството го сочинуваат граѓански организации од шест земји: Pomoc deci1) од Србија, Centar za Civilne Inicijative2) од Хрватска, Partnerë për Fëmijët3) од Албанија, Balkan Sunflowers Kosovo4) од Косово*, Deca prije svega5) од Црна Гора, Early Years6) од Северна Ирска и Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“7) од Република Македонија. Овој проект се спроведува од декември 2012 година до ноември 2016 г. Во оваа публикација читателот ќе може да се запознае со предизвиците, научените лекции и најдобрите практики кои произлегоа од спроведувањето на овој проект во Република Македонија. Публикацијата „Мирот се гради од најрана возраст“ претставува мозаик на текстови подготвени од страна на најголем дел од учесниците во овој проект, односно детските градинки кои беа вклучени во проектот, граѓански организации, неколку општини, експерти, соработници и поддржувачи на самата програма, којашто без активното учество, поддршката и целосната посветеност на споменатите актери немаше да може да се реализира во полн обем и онака како што беше планирано. Оваа публикација е подготвена од група на автори кои споделија како тие гледаат на она што е работено во оваа програма. Публикацијата е посветена на позитивните искуства и резултати произлезени од проектот на мрежата ПРЕЦЕДЕ. Самата публикација претставува своевидна форма на евалуација, базирана на проценката на четиригодишниот напор што ПРЕЦЕДЕ програмата го вложи и најважно - промената што веруваме дека сме ја направиле, анализирајќи и фокусирајќи се на следниве нешта: • регионален пристап за работа на развојот на почитување на различноста и градење на мирот во регионот, преку работа со деца и најважно - со возрасни кои влијаат на нив - воспитувач(к)ите и родителите; • развивање национален пристап кон работата на развој на почитувањето на различностите и градење на мирот во целина; • градење на капацитетите и на локалните граѓански организации и на предучилишните установи за истражување, мониторирање, дејствување и евалуирање на промените со цел да се подобри работата и засновање на нивните аргументи за застапување врз основа на податоците; • влијание на промена во работата на воспитувач(к)ите - да го вклучат пристапот за развој на почитувањето на различностите кај малите деца во текот на целокупната работа и воспитување (не само во одредени активности); • инспирација за понатамошни активности во нашата средина/организација • и секако, сè друго што секој кој на некој начин бил вклучен во оваа програма го гледа како важен аспект на ПРЕЦЕДЕ. Во спроведувањето на самиот проект беа вклучени 11 предучилишни установи во Република Македонија, и тоа: Јавна општинска установа - Детска градинка „23 Август“ од Берово, Јавна општинска установа - Детска градинка „8ми Март“ од Струга, Јавна општинска установа - Детска градинка „Ангел Шајче“ од Куманово, Јавна општинска установа - Детска градинка „Астибо“ од Штип, Јавна општинска установа - Детска градинка „Брешиа“ од Дебар, Јавна установа - Детска градинка „Детска радост“ од Скопје – Општина Гази Баба, Јавна општинска установа - Детска градинка „Детска радост“ од Струмица, Јавна општинска установа - Детска градинка „Јасна Ристеска“ од Охрид, Јавна општинска установа - Детска градика „Младост“ од Тетово, Јавна општинска установа - Детска градинка „Планински цвет“ од Вевчани и Јавна општинска установа - Детска градинка „Фидани“ од Скопје – Општина Чаир. Покрај погоре споменатите јавни општински установи -детски градинки (ЈОУДГ), во спроведувањето на програмата беа вклучени и неколку граѓански организации, експерти, новинари/медиуми, сите оние кои сакаа на различни начини да помогнат во спроведувањето на програмата - родителите, членовите на семејствата и секако децата. Освен претставувањето на позитивните искуства од спроведувањето на програмата ПРЕЦЕДЕ, во оваа публикација се претставени и дел од истражувањата кои се спроведоа во рамките на истата од страна на три градинки и една граѓанска организација кои се очекува да бидат мост меѓу теоријата и праксата. Па оттука, можеме да кажеме дека оваа публикација нуди различни теми и перспективи. Воспитувањето, растот и развојот на децата е општествена дејност која дава значаен придонес во создавањето на поодговорно, демократски насочено и толерантно граѓанство. Преку овој проект сметаме дека спроведовме низа активности кои помагаат во градење на инклузивно општество во кое децата и возрасните ќе ги почитуваат различностите. На градењето на мирот гледаме како на процес со кој се шири општествена правда и рамноправност и кој е посветен на разрешување на различните причини за разните видови насилство (директно, индиректно, структурно) кои оневозможуваат да се постигне траен мир. Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ изразува голема благодарност до сите кои беа вклучени во спроведувањето на самата програма и заедно со голем ентузијазам и посветеност работевме на постигнувањето на резултатите на истата. Тоа е очигледно и при подготовката на оваа публикација каде што сите автори доброволно и волонтерски подготвија свој текст, кој се најде подолу на страниците на оваа публикација.

 

PDF - превземи ја публикацијата