Почетна » СОС телефон » Полугодишен извештај 2021 - СОС


Полугодишен извештај за работата на СОС телефонот за деца и млади - 2021 година

 

+389 (0)70 390 632

+389 (0)2 2465 316

sos@childrensembassy.org.mk

https://www.facebook.com/megjashi/ 

 http://www.childrensembassy.org.mk/

Работата на СОС телефонот е цврсто заснована на принципите на Конвенцијата на ООН за правата на детето што ги истакнуваат правата на децата на приватност и заштита од повреда. Целта на СОС телефонот за деца и млади е да обезбеди поддршка на децата кои имаат потреба, да обезбеди форум за споделување информации и поддршка, поддршка при застапување и лобирање, промовирање на правата на детето и промоција на СОС линијата како медиум за поддршка на децата.

Меѓаши е членка на глобалната мрежа на СОС-линии Child Helpline International (CHI), и во својата работа ја користи методолигијата на евиденција на мрежата. Меѓаши учествува во годишните анкети што ги спроведува CHI меѓу своите членки врз чија основа потоа подготвува извештај што може да послужи како аргументирана алатка за застапување на детските права пред владите, како и да ја унапреди работата на линиите, членки на мрежата.

 

Резиме на дојавите

  

Во текот на првата половина од 2021 година, на СОС линијата за деца и млади решавани се вкупно 151 случаи (дојави). Со овие случаи остварена се дополнителни контакти, со цел да бидеме во постојана комуникација и тек со настаните во решавањето на проблемот.

Вкупно 223 деца и млади се опфатени со дојавите, а од нив 99 се машки, 100 женски деца, а за 24 деца не е познат полот. Споредбено со првата половина од 2019 година (50 дојави) и 2020 година (115), бројот на дојавите е зголемен за три пати во однос на 2019, односно за една третина во однос на 2020 г.

 

Број на дојави/предмети (случаи)

Број на деца опфатени во дојавите/предметите

Број на остварени повратни контакти со дојавите

151

223

226

 

И оваа година административниот (фиксен) број на Детската амбасада Меѓаши беше најчесто користен канал за комуникација, поточно примени се 133 дојави преку овој број.

                Најголемиот број од децата или 197 живеат во урбана средина,  а 20 деца живеат во рурална средина, непознато 6. Бројот на јавувачите од руралните средини, како и во претходните години, останува многу мал во однос на бројот на јавувачите од урбаните средини. Меѓу можните причини за ова може да е неинформираноста на луѓето коишто живеат во руралните средини во врска со правата на децата, начинот и постапката за нивна заштита, како и недоволното промовирање на СОС-линијата во овие средини. Секако, меѓу причините е и фактот дека најголем дел од населението живее во урбана средина.

 

                За 223 деца постои можно прекршување на едно или повеќе детски права. Најчестите прекршувања се однесуваат на категоријата семејни односи (прекршување на правото на детето за видување со едниот родител при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа), а веднаш потоа се пријавите за прекршувањата на правата на детето при насилство (меѓуврсничко насилство (булинг), физичко насилство, ментално/емоционално насилство, занемарување (негрижа), сексуално насилство). На трето место по зачестеност е прекршување на правото на пристапност до институции, социјални, здравствени и други услуги, потоа проблеми поврзани со ментално здравје, училиште и физичко здравје. Кај голем дел од дојавите се пријавениот проблем е комплексен и може да се регистрира во повеќе категории, со што бројот на засегнати деца по категорија на проблем е поголем од бројот на деца кои се опфатени на кои се однесуваат дојавите бидејќи едно дете се брои повеќе од една, односно од бројот на категории во кое е регистриран проблемот.

 

Првите најчести прекршувања на правата на детето според категоријата на проблемот на кој се однесува дојавата

 

 

 

 

                Повторувањето на прекршувањето на правото на видување на двајцата родители во континуитет во последните неколку години и опстојувањето на врвот од проблемите заради кои се јавуваат на СОС телефонот е една од причините заради кои Детската амбасада Меѓаши заедно со Народниот правобранител даде и два поддршка на Иницијативата за заедничко и споделено родителство и нивните активности. Особено сме загрижени за синдромот на отуѓено дете што се јавува кај децата на разведени родители, зашто има сериозни последици врз развојот на овие деца и нивната личност. Тесно поврзано со овој проблем и е проблемот на грабнување на детето од страна на еден од родителите кои се разведени, проблем кој прв пат по подолго време беше неколку пати пријавен на СОС телефонот во првата половина од 2021 година. Детската амбасада Меѓаши долго време лобираше и се залагаше за примена на Хашката Конвенција за граѓанско правни аспекти на меѓународно грабнување на деца, којашто Македонија ја потпиша во 1991 година. Оттаму во случаите на грабнување деца од еден родител, надлежните се обврзани да постапуваат согласно Конвенцијата и на тој начин да придонесат во насока на почитување на најдобриот интерес на детето.

 

Преземени активности

 

Преземени активности во однос на наоѓање решение на проблемите искажани во дојавите, во најголем број дадени се: препораки, упатувања до надлежни за спроведување на законот, упатувања до други институции во земјата или надвор од неа, упатувања до советници во училиштата и со директни интервенции.

Во текот на преземањето активности за решавање на проблемите беа остварени контакти и соработка со други организации, служби и институции и во најголем број соработката беше успешна и беше најдено решение. Во текот на постапувањето и давањето поддршка, тимот на СОС-телефонот често соработуваше со центрите за социјална работа , посебно со Интервентиот тим при скопскиот Центар, како и центрите од другите градови, Секторот за внатрешни работи, училишта, Здружението на млади правници, Коалицијата за правично судење, Прв семеен центар како и други чинители и организации заради давање подобра и поефикасна поддршка на јавувачите.

 

ЗАВРШНИ СОГЛЕДУВАЊА 

 

Кога станува збор за организациското водење случаи, нашата примарна цел е најдобриот интерес на детето, односно постапувањата треба да се од витално значење при донесување одлуки и спроведување активности кои се однесуваат на секое дете поединечно, но и на одредена група деца. Принципот на најдобриот интерес на детето претставува општ принцип кој во најширока смисла на зборот води кон остварување благосостојба на детето.  СОС тимот  е составен од различни профили на луѓе: психолози, правник, криминолог, педагог, социјален работник и од неодамна волонтер – дефектолог. Оваа тимска разноликост  ни дава можност секој случај поединечно да биде разгледан од повеќе аспекти и да се изнајде најдобро решение за негово решавање.

Со нашето долгогодишно искуство во соработката со центрите за социјална работа  имавме можност да увидиме дека огромниот број случаи  и недоволниот број на човечки ресурси кои треба да бидат вклучени во активно водење и следење на еден случај е клучниот проблем за ненавремено постапување и заштита на децата. Дополнителен проблем претставува и немањето соодветни обуки  на вработените во постапувањето со деца како и кои се мерките што ги има центарот  во негова надлежност. Ние сме секогаш отворени за соработка, за насоки и поддршка, со што би можеле  да помогнеме и да ја подобриме ситуацијата.

Целосниот извештај може да го превземете на веб страницата на Првата детска амбасада Меѓаши.

 

онлајн истражување за навиките и начините на комуникација на децата и младите при барање совет

 

Во насока на постојано унапредување на работата на СОС телефонот за деца и млади и поголемо доближување до оваа целна група, Детската амбасада Меѓаши повремено прави испитувања на ставовите и мислењето на младите за својата работа. Во текот на април и мај 2021 година беше спроведено онлајн истражување на примерок на деца и млади на возраст од 11 до 18 години за навиките и преферираните начини на комуникација при барање совет, областите за кои имаат потреба од совет и поддршка, како и темите од нивни интерес.

Прашалникот го одговорија 431 ученик, од кои 114 Албанци и 317 Македонци (женски 247, машки 177),  287 родители, од кои 214 се женски, а 69 машки, 195 Македонци и 92 Албанци и 113 наставници, од кои 45 Албанци и 68 Македонци. Во најголем број се жени (91).

Ученици

Повеќе од половина од учениците се информирани за постоењето на СОС телефонот за деца и млади, а речиси никој не познава некого кој се јавил на телефонот. И подготвеноста на учениците да се јават на истиот телефон е навистина мала бидејќи сметаат дека немаат потреба, а и се чувствуваат непријатно да разговараат со некој непознат.

Онлајн наставата е најчест проблем за учениците во моментот, но не се непознати за нив ниту проблемите со спиење, чувството на тага и загриженост.

Доколку учениците имаат потреба да побараат помош за некој проблем и да се јават на СОС телефонот за деца и млади, најлесно ќе им биде да напишат порака на ФБ и Инстаграм, како и СМС порака.

За да би се јавиле на СОС телефонот, учениците имаат потреба да го знаат следното: да знаат дека е безбедно, да знаат дека ќе разговараат со експерти, да им се заштитени личните податоци, како и  да знааат дека се јавуваат кај некој кој може вистински да им се помогне.

Родители

Најголем број од испитаните родители знаат за постоење на СОС телефонот за деца и млади, и знаат дека нивното дете не се јавило на истиот, како што не се јавиле ниту тие самите.  Речиси две третини би го охрабриле своето дете да се јави на СОС телефонот доколку има потреба но, сеуште постои значителен процент на родители кои рекле дека не би го охрабриле. Како најчеста пречка што родителите мислат дека би ја имале децата/младите да побараат помош и да користат една ваква СОС линија за деца и млади го наведуваат стравот (од можни последици) и срамот (од околината, од другарчињата), неинформираноста и незнаењето за постоење на една ваква линија, несигурноста во себе и немањето храброст, менталитетот и предрасудите, како и притисоците од околината и недовербата што ја имаат кон возрасните генерално.

Наставници

Најголем број од наставници од македонските училишта знаат дека постои СОС телефон; речиси се поделени наставниците од албанските училишта во однос на нивната информираност за постоењето на линијата. Само еден наставник познава ученик кој се јавил за помош на СОС телефонот, а повеќе од ¾ од наставниците се подготвени да ги упатат учениците да се јават на сос телефонот. Како начјести причини кои наставниците ги наведуват зошто учениците не би се јавиле на СОС телефонот се: неинформираност, страв, срам, недоверба, предрасуди, немање храброст. Никој од наставниците не побарале помош од СОС телефонот во случај кога забележале проблем кај некој од учениците. Но, сепак тие во поголем број (60%)  изразија подготвеност да се јават доколку забележат проблем кој не се во можност да го решат.

Препораки од наставниците за СОС телефонот:

„Бројот на СОС телефонот да биде јавно достапен на сите социјални мрежи и на видни места во градовите, училиштата, кафулињата и сл. Може и мобилна апликација да се креира, за поголема и брза достапност.“

„Мислам дека би било добро да има почесто прашалници за наставници, ученици, родители на одредени теми.“

„Сметам дека СОС телефон е добра идеја и добро би функционирала во иднина за поддршка на младите.“

„Отворете што е можно поскоро веб-страница за СОС-информации за да им помогнете на децата што е можно поскоро.“

 

Ова истражување е дел од проектот „Да ги земеме правата во наши раце“, во партнерство со Save the Children Kosovo што е финансиски поддржан од Владата на Шведска.

 

Истражувањето беше реализирано од страна на Проф.д-р Елеонора Серафимовска и Проф.д-р Маријана Марковиќ, Универзитет Св.Кирил и Методиј,  ИСППИ, Психолошка Лабораторија.

 

Полугодишен извештај јануари - јуни 2021