Почетна » Алтернативни извештаи » ИЗВЕШТАЈ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ДЕЦАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


Извештајот за остварување на правата на децата во Република Македонија дава општа слика за состојбата со остварувањето на правото на образование на децата со посебни образовни потреби, како и вклученоста на децата Роми во целокупниот образовен процес. Во овој извештај се разгледуваат и состојбите во областа на доењето, малолетничката правда, почитувањето на правата на децата во областа на детското учество, децата кои употребуваат дрога и децата жртви на продажба, трговија и киднапирање. При следењето на состојбата со правата на децата во погоре наведените области, како основа беше земена Конвенцијата за правата на детето (КПД), двата Факултативни протокола кон КПД и Препораките од Комитетот на Обединетите нации за правата на детето, коишто беа испратени до Република Македонија во 2010 година. Овој извештај го опфаќа следењето на состојбата со правата на децата во периодот на 2013 и првата половина од 2014 година. Извештајот е подготвен од неформалната Коалиција на невладини организации за правата на детето, којашто е основана и координирана од страна на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, а во неа, заедно со Детската амбасада Меѓаши, членуваат 14 организации и една коалиција на граѓански организации. Најважните наоди во однос на спроведувањето и почитувањето на правата на децата во наведените области се наведени во извештајот во форма на позначајни резултати до кои сме дошле преку сознанија, генерални согледувања и заклучоци. Извештајот се заокружува со препораки, коишто ги даваме како Коалиција, со цел подобро остварување на правата на децата преку целосна имплементација на водечкиот меѓународен документ кој ги дефинира правата на децата, Конвенцијата за правата на детето.  Како Коалиција, би сакале да искажеме благодарност до сите што  се вклучија во собирањето на податоците, како даватели на податоци или како учесници во обезбедувањето податоци. Нивното учество и споделување на информациите беше повеќе од добредојдено затоа што покрај тоа што помогна за подготовката на овој извештај, воедно помага и за креирање подобар свет за децата.      Подготовката на овој извештај е поддржана од страна на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија преку проектот „Градење на капацитетите на невладиниот сектор во мониторирањето на детските права“.

Целиот извештај PDF

 



ИЗВЕШТАЈ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ДЕЦАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

ПРЕДГОВОР

            Пред вас се наоѓа Извештајот за остварување на правата на децата во Република Македонија, којшто дава слика за состојбата со остварувањето на правото на образование на децата со посебни образовни потреби, како и вклученоста на децата Роми во установите за згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст. Исто така, во овој извештај се разгледуваат и состојбите во областа на доењето, малолетничката правда, почитувањето на првата на децата во областа на детското учество, децата кои употребуваат дрога и децата жртви на продажба, трговија и киднапирање.