Почетна » Мисија и визија » 28 години од оформувањето на Детската амбасада Меѓаши.


На 29 април се навршуваат 28 години од оформувањето на Детската амбасада Меѓаши.

Драги пријатели и пријателки, поддржувачи и сојузници,
Во ова чудно време-невреме би сакале да ја споделиме со вас радоста за нашата 28-годишнина на многу години исполнети со работа и активности во секакви околности, години посветени на помош на деца кои страдаат, години со тага, но и исполнетост што можеме да бидеме поддршка.
Зад нас се години и години работа. Поголеми или помали, кризите се составен дел од нашата историја, а за оној кој страда или има потреба од помош, не постои помала или поголема криза.
1992-1996

Посветени на поддршката на децата погодени од војната во поранешна Југославија/деца-бегалци од Босна и Херцеговина згрижени во Македонија
Започнавме со босанската криза и потребата да се згрижат голем број деца-бегалци. Организиравме лет од Сараево и јавно повикавме за згрижување на децата во Македонија. Со голем дел од тие деца (сега возрасни) сме сѐ уште во контакт, некои волонтираат, а некои физички оддалеку, но во срцето блиску, следат и понатаму што работиме.