Почетна » СОС телефон » Можеби сме различни, но сите сме талентирани


Можеби сме различни, но сите сме талентирани: Приказни на нашите различни, но талентирани девојки и момци

Мисијата на Првата детска амбасада во светот- Меѓаши е заштита на децата и нивните права. Целта на Меѓаши е заштита и одбрана на детските права со што се стреми кон остварување на својата визија за „Поправеден свет за секое дете“. Кон оваа цел  се стреми секоја активност, програма или проект што Меѓаши го спроведува, со секоја иницијатива за застапување на правата на децата и со секоја услуга што организацијата ја обезбедува.

Во периодот април – август 2022 година, Меѓаши го реализираше проектот „Можеби сме различни, но сите имаме талент (кампања за подигнување на свеста)“, финансиран од Институтот за комуникациски студии (во рамки на проектот REPORTING DIVERSITY NETWORK 2.0), финансиски поддржан од ЕУ.

Преку активностите и кампањата што ја спроведовме, а во рамки на која е и оваа публикација, сакаме да ја промовираме перцепцијата на децата и луѓето со атипичен развој како талентирани личности и да преминеме од перципирањето на нивната „попреченост“ кон перцепција на нивните квалитети и способности како личности независно од типичноста на нивниот развој. На пример, децата со оштетен вид имаат извонреден слух, или, децата од аутистичниот спектар се одлични за брзо меморирање, учат да читаат на многу рана возраст итн.

Во реализацијата на активностите беа вклучени и волонтерите на Ало Бушавко - телефонот за деца и млади, чија подготвеност за работа и младешки дух додаде дополнителна перспектива  во креирањето на сите содржини во текот на кампањата. Почнувајќи од јуни сè до крајот на август беа објавени пет куси документарни филмови за пет исклучителни млади девојчиња и момчиња со попречености. Во рамки на овој проект подготвивме видео записи не само за овие лица, туку и споделивме приказни и на други лица со атипичен развој и потсетивме дека сите деца ги имаат истите права, без разлика дали станува збор за дете и млада личност со типичен или атипичен развој.

Искуството што секој од нас индивидуално и како организација го стекнавме во дружењето и запознавањето на овие личности нѐ збогати нас, нѐ направи посвесни, поотворени за различностите, за убавината на различното, за потенцијалите што секој од нас ги има. За ова искуство сме неизмерно благодарни на Ружица, Ренато, Осман, Мелани и Илина и нивните семејства и ментори, што ни ја укажаа довербата и ги споделија своите прекрасни животни приказни.

Оваа публикација е збир на главните сознанија и искуства со кои се стекнавме во текот на петмесечното патување, коишто сакаме да ги споделиме со јавноста. Веруваме дека приказните на овие девојчиња и момчиња  ќе допрат до срцата на сите што ќе ја видат оваа публикација!

 

Јорданка Черепналкова-Трајкоска со тимот на Проектот „Можеби сме различни, но сите имаме таленти“

 

Повеќе...