Почетна » СОС телефон » Годишен извештај за работата на СОС-линијата за деца и млади 2022


ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА 2022

АЛО БУШАВКО  

ТЕЛЕФОН ЗА ДЕЦА И МЛАДИ  

070 390 632

alobushavko@childrensembassy.org.mk

https://www.facebook.com/SOSHELPLINEMEGJASHI/

Alo Bushavko (@alobushavko)

https://alobushavko.mk/

http://www.childrensembassy.org.mk/

    

БЛАГОДАРНОСТ            

 

          Тимот на АлоБушавко - телефонот за деца и млади при Првата детска амбасада во светот Меѓаши – Република Македонија упатува голема благодарност до сите што ни укажаа доверба изминатата година, јавувајќи се и споделувајќи ги со нас нивните грижи, дилеми и прашања.

          Би сакале да  испратиме  порака во вид на благодарност за професионалноста и соработката на институциите како Центрите за социјална работа ширум Македонија, особено на  Народниот правобранител, Интервентниот тим при ЈУМЦСР Скопје, Државниот просветен инспекторат,  Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за образование и наука итн. Благодарни сме за соработката и поддршката од други организации: Здружение на млади правници, Коалиција за правично судење, Национална СОС линија за семејно насилство, и др., кои нè почестија со нивната соработка во текот на целата година. Посебна благодарност до Здружението на студенти по психологија „Психеско“ за нивниот придонес во реализирање на дежурствата на АлоБушавко - телефонот за деца и млади како и во тековните кампањи и активности и севкупната промоција на АлоБушавко и работата на Прва детска амбасада во светот Меѓаши.  

          Горди сме што имавме можност да соработуваме, Ви благодариме за професионализмот што го покажавте и сакаме да ја задржиме и продолжиме оваа соработка и во наредната година во што поголем број!

            Неизмерно им благодариме и на нашите минати и сегашни  волонтерки и волонтери за нивното одвоено време кое го посветуваат во работењето на АлоБушавко-телефонот за деца и млади. Ви благодариме за целокупната помош, секогаш ја цениме вашата соработка, посветеност и несебична заложба, времето, енергијата, вештините и знаењето што го посветивте на децата кои имаат потреба од поддршка! Посебна  благодарност за нашата долгогодишна волонтерка Мимоза Костоска, која во 2022 година посвети над 390 часа разговарајќи со деца, родители и загрижени возрасни и оттаму ја прогласивме за „Волонтерка на 2022 година“.

 

Резиме на наодите од работата на АлоБушавко-телефонот за деца и млади во 2022 година

 

Минатата  гoдина Ало Бушавко-телефонот ѕвонеше 357 пати. И покрај тоа што бројот на деца кои нè контактирале не е голем, сепак споредено со минатите две години се забележуваат поголем број деца и млади кои директно нѐ контактираат. Тимот на Ало Бушавко и понатаму продолжува со напорите и активностите за охрабрување на децата и младите да се  јават за да се информираат или за да пријават прекршување на нивните права. Продолживме со пренасочување на повиците и притоа не направивме никаков прекин во давањето на нашите услуги и 24/7 достапност.

            2022-та започна во пандемиското општествено расположение – образованието, освен предучилишното,  сѐ уште се одвиваше онлајн, сѐ до крајот на учебната година во јуни 2022. Почнаа да се намалуваат смртните дојави како последица на Ковид-19, новите варијации на вирусот беа со полесни симптоми па луѓето почнаа поопуштено да се враќаат на своите претходни социјални навики, сѐ повеќе се вратија на работа од канцеларии, сѐ повеќе социјални настани, приватни и деловни, почнаа да се организираат. Се чинеше дека сѐ ќе биде како што беше пред пандемијата.

            Сепак, ништо не е како пред пандемијата, а особено не беше иста психичката состојба на населението после сите загуби и непријатни искуства што ги донесе двеипол годишната пандемија. И покрај тоа што имаше повеќе укажувања и од некои стручни лица и организации дека треба да се обрне поголемо внимание на менталното здравје општо, никој тоа не го адресираше.

 

Преземете го целосниот извештај - PDF...