PDF
Драги наставници и наставнички,
Пред вас е публикацијата „Сите сме деца на овој свет: како со учениците да се разговара за бегалската криза“.
Овaa публикација е обид да придонесеме кон разбирањето на тешката состојбата на илјадниците луѓе кои секој ден минуваат низ Македонија, блиску до нас и нашето секојдневно живеење. На многу начини тие се нашето лице и наличје.
Пред неколку месеци или година не можевме ниту да претпоставуваме дека хуманитарна криза од овој вид ќе се случи и кај нас, дека толку голем број луѓе и деца ќе бидат загрозени и со потреба за помош. Од тивкото и незабележително поминување на бегалците низ Македонија под закрила на ноќта, преку одењето со часови поред пругите, до големите бегалски кампови на граничните премини, нивната состојба не се подобрува.
Хуманитарната помош е прва и најважна работа која во вакви ситуации треба да се направи. Меѓутоа, истовремено потребно е и да се разговара за тоа што се случува.
Голем број организации, граѓани и граѓанки се вклучија во разни видови хуманитарна помош, покажувајќи дека не сме заборавиле што е солидарност. Но, за жал, глобално, бегалците се повеќе почнуваат да се доживуваат како закана, а ксенофобијата забрзано расне. Се зголемува стравот од тероризам, менувањето на демографската слика, грижата за одземање на работните места, влијанието врз домашната култура итн.
Потребно е постојано да развиваме емпатија. На прашањето „зошто да им помагаме токму на бегалците кога има толку многу граѓани на Македонија на кои им треба помош?“ треба да потсетуваме дека мултикултуралноста и солидарноста не би смееле да имаат граници. Да учиме и поттикнуваме прифаќање, соработка и разбирање. Младите и децата да ги вклучуваме и со нив да разговараме за светот во кој живееме, за корените на проблемите, за недовербата и стравовите, од каде тие доаѓаат и како да се справуваат со нив.
Прирачникот е превод од хрватски јазик, во одредени делови прилагоден е за македонските читатели. Сметавме дека ќе биде корисен и применлив и во Р. Македонија поради сличноста на општествените контексти на двете земји, како и поради самата проблематика која е универзална. Им се заблагодаруваме на колегите и пријателите од Хрватска што ни ги отстапија правата за објавување. Добрите практики од други земји/места сакаме да ги поддржиме, да ни служат како инспирација за понатамошно работење, а во овој случај и како поттик да го дополнуваме прирачникот со македонски искуства.
Со текот на времето луѓето се навикнуваат на лошите нешта, се прифаќа дефетизмот, „ништо не можеме да направиме“, „работите се такви какви што се” итн. Ајде да се потсетуваме дека секогаш можеме да направиме повеќе, а често се доволни и мали нешта.Ана Битољануза тимот на Мировно образование на Првата детска амбасада во светот Меѓашидекември 2015 година
Ана Битољану
за тимот на Мировно образование на Првата детска амбасада во светот Меѓаши
декември 2015 година