ПОВЕЛБА
НА ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА НА СВЕТОТ
“М Е Ѓ А Ш И” - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Децата се посебен народ. Децата не се национални и верски војсководители. Тие се еден народ кој никогаш не извел револуција или контрареволуција, ниту пак повел војна. Децата не се ни класно ни национално прашање: децата се прашање над сите прашања. Тие се народ кој најмногу страда во воените судири и човековите трагедии. ДЕЦАТА СЕ САМО ДЕЦА.
“СИТЕ ИДЕАЛИ НА СВЕТОТ ПОБЕЗНАЧАЈНИ СЕ ОД СОЛЗИТЕ НА ЕДНО ДЕТЕ”.
Првата детска земја на светот Меѓаши во целост им припаѓа на децата и на возрасните кои ја прифаќаат оваа Повелба.
Првата амбасада на децата во светот Меѓаши - Македонија ја претставува, застапува и штити Првата детска земја во светот Меѓаши. Првата детска амбасада во светот формира и ги претставува и другите слободните детски територии во светот. Амбасадата ги има следните објекти: Паркот на континентите, Улица на тишината, Патека на добрината, Улица на детето, Улица на смеата, Меморијалот “Рането детство”, Детска опсерваторија, Слаткиот пат, Цветната патека, изградба на Светски детски град, Детски културени центри, Детските информативни центри, Детски ликовни студија и др.
Иако најмалечка и најмлада земја на светот, Детската земја не се брани со војска, полиција и царина. Нејзината територија се прогласува за слободна и отворена за целиот свет. Детската земја нема граници бидејќи: “каде започнува светот со граници, таму престанува детството”.
Основна задача на ПРВАТА АМБАСАДА НА ДЕЦАТА ВО СВЕТОТ е заштита на децата и нивните права. Амбасадата посебно се занимава со заштита на децата во време на воени конфликти (спасување, згрижување и дестинирање на деца бегалци во земји во кои не се води војна), спречување на појавите за злоупотреба на децата во сексуални, економски и политички цели, верска неслога и национални судири. Слободната детска територија не признава никакви тајни освен тајните на природата и тајните што ги открива науката. Затоа на децата најголеми сојузници им се хуманистите, научниците, културните пратеници, медицинските работници, спортските активисти и сите кои ги сакаат децата. Во детската земја ќе се негува само љубов и знаење, бидејќи нејзин најголем противник е омразата и незнаењето.
Први граѓани на Детската земја се: Децата амбасадори и Децата конзули-Детскиот дипломатски кор.
Првата светска амбасада на децата “Меѓаши”- Македонија имаа свои симболи(знаме, грб, химна и маскота).
Идејата, името (ПРВА ДЕТСКА АМБАСАДА НА СВЕТОТ) и маскотата “БУШАВКО” се заштитени во Министерството за развој на Република Македонија-Завод за заштита на индустриска сопственост(жиг.бр.863,864и865/94).
Во случај на губење на статусот на Детските територии и гаснење на Првата детска амбасада во Светот “Меѓаши” во Македонија имотот ќе припадне на ООН, односно на УНИЦЕФ.
ДЕТЕ АМБАСАДОР
Стефан Плескониќ
А М Б А С А Д О Р
Н.Е. Коле Ангеловски
ОСНОВАЧ И ПРОГРАМ МЕНАЏЕРКА
Гордана Пирковска Змијанац
ОСНОВАЧ И ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР
М-р.Драги Змијанац