Почетна » Информатори и публикации » Публикации » Детскиот Алтернативен извештај за состојбата со правата на децата во Република Македонија


Детскиот Алтернативен извештај за состојбата со правата на децата во Република Македонија

 








подготвен од децата вклучени во проектот „Градење култура на детско учество“


Почитувани,          
 
Првата детска амбасада во светот Меѓаши, во четврток, 21 Јануари 2010 година, во 10:30 часот, во просториите на Првата детска амбасада во светот Меѓаши организираше прес конференција со цел да го презентира Детскиот Алтернативен извештај за состојбата со правата на децата во Република Македонија, подготвен од децата.[1]
 
Децата во извештајот ги изразуваат своите мислења и ставови по низа прашања: колку се запознаени со нивните права и Конвенцијата, колку се почитува нивното мислење, говорат за насилството врз и помеѓу нив, дискриминацијата, колку се запознаени со институциите кои ги штитат нивните права, каков им е квалитетот на животот, и на крај даваат препораки за подобрување на ситуацијата со нивните права во Република Македонија.
 
Некои од заклучоците на децата се следниве:
 
·         1/3 од децата тврдат дека професорите (наставниците) не ги почитуваат нивните права.

·         Најнепочитувани права во семејствата се правото на приватност (3/5) и правото на сопствено мислење (1/3).

·         1/5 од децата се изложени на семејно насилство, а кај 2,3% од нив тоа се случува секојдневно.

·         Половина од децата тврдат дека во нивното училиште има насилство.

·         2/3 од децата се изјасниле дека постои насилство на улиците, а 1/5 од нив тврдат дека тоа се случува секојдневно.

·         1/5 до 1/3 од децата се изјасниле дека тие лично извршиле физичко и/или психичко насилство во семејството, во училиштето и/или на улиците.

·         1/6 до 1/3 од децата се плашат да одговорат дали биле изложени на некој вид насилство.

·         Само 21,5% од децата се обратиле некаде кога им било повредено некое право, а најмногу доверба децата имаат во нивните родители на кои за помош им се обратиле 50%.

·         Само 6% од децата се запознаени со некој СОС-телефонски број каде би можеле да се обратат за помош, а 1/3 од нив им се обратиле за некој проблем.

·         Правото на еднаквост (без дискриминација) е едно од најмалку познатите права (2%).

·         Девојчињата се чувствуваат подискриминирани од момчињата заради возраста и полот, додека обратното важи за јазик, етничка припадност, вероисповед и раса.

·         Децата се дискриминирани најмногу од страна на своите врсници (77%), а помалку (29%) од страна на професорите.

·         Во некои од училиштата се дискриминирани и децата со хендикеп, бидејќи не постојат услови за нивно вклучување во редовната настава, при што се прекршува нивното право на образование.

·         3/4 од децата не ги знаат своите права

·         Децата се здобиле со информации за своите права благодарение на училиштето, телевизијата, домот и од невладините организации.

 На пресот воведен збор имаа:

10:30 - 10:35 Катерина Конеска – Правник од Првата детска амбасада во светот Меѓаши

10:35 – 10:45 Елена Димитриевска – Претставник на Детскиот алтернативен извештај пред Комитетот за правата на децата во Женева

10:55 – 10:55 Васка Бојаџи - Претставник на Детскиот алтернативен извештај пред Комитетот за правата на децата во Женева

Модератор:  Катерина Конеска – Правник од Првата детска амбасада во светот Меѓаши
 
Во периодот од 23 Декември 2008 до 1 Декември 2009 година се изработуваше Детскиот Алтернативен извештај од страна на децата вклучени во проектот „Градење култура на детско учество“. Ова е за првпат во Република Македонија деца да подготват нивен извештај и истиот да го застапуваат пред Комитетот за правата на детето при Организацијата на Обединетите нации (ООН). Многу малку држави досега во светот биле претставувани пред Комитетот со алтернативен извештај за состојбата со праватa на детето подговен од деца.
 
Сите податоци кои се содржани во извештајот се добиени преку истражување спроведено во почетокот на месец јуни 2009 година. Тоа беше направено со помош на анкетен прашалник кој содржеше 63 прашања, со цел да бидат опфатени што повеќе сфери кои ги засегаат децата. Анкетниот прашалник, како и анкетирањето го извршија група од 62 деца од 7 различни града (Скопје, Струмица, Куманово, Тетово, Кичево, Кавадарци, Прилеп). Беа анкетирани 2234 ученици од основните и средните училишта во Македонија.
 
Извештајот опфаќа анализа на неколку аспекти од истражувањето поделени во 5 тематски целини:
 
Запознаеноста на децата со нивните права и Конвенцијата
Учество на децата во донесување на одлуки за прашања од нивен интерес
Насилство врз децата
Дискриминација
Квалитет на живот
 
Во засебен дел од извештајот именуван како „Посебни напомени “ обработени се уште неколку теми кои не беа опфатени со анкетата, но децата сметаа дека се од големо значење.
 
Деца исклучени од училиште
Квалитет на образование
Деца со посебни потреби
Непочитување на детските права
 
Децата ги издвоија следните препораки за подобрување на состојбата со нивните права во Република Македонија:

 Државата преку релевантите институции мора да преземе соодветни мерки со кои ќе ја гарантира безбедноста на децата во секојдневниот живот.

Активно промовирање на мировно образование и вклучување во редовниот наставен процес со цел намалување на високата стапка на дискриминација и насилство меѓу врсниците.
Државата да изнајде форми за поддршка на детски/младински клубови (асоцијации, друштва) во училиштата и граѓанските организации, каде што ќе се промовира и поттикне детското учество.
Овозможување на современи и професионални услови за квалитетно совладување на наставните содржини во образовниот процес.

Преку државните кампањи и преку медиумите децата треба да се охрабруваат да го пријавуваат насилството и каков било друг вид на прекршено право.

Државата да изнајде форми за масовно информирање за детските права кај сите категории граѓани (деца, родители, образовен кадар и професионалци од сите релевантни институции).
Државата да воведе закон за безбедно користење на интернетот од страна на малолетници (кампањи за безбедно користење во училиштето и преку медиумите).
Во секое училиште да има лекар по општа пракса и заболекар.

Државата да изнајде механизми за искоренување на просењето на децата по улици како начин на снабдување со средства за живот.

Воведување на построги мерки за заштита од несоодветни содржини за возраста и психофизичкоит развој на децата во медиумите и другите информативни служби.
Построго спроведување на Законот за забрането продавање на алкохол и цигари на малолетни лица, посебно во помалите градови и забрана за продажба на какви било порнографски материјали на јавни места достапни за децата.

Соодветно работење на стручните служби во училиштата (педагози и психолози) и проширување на тимовите со социјални работници и дефектолози.

Државата треба да изнајде поадекватни форми со кои ќе ги запознае децата за постоењето, работата и улогата на центрите за социјални работи, СОС-телефонските броеви и Народниот правобранител каде би можеле да се обратат за каква било помош.

Државата да изнајде механизми за лоцирање и евидентирање на новородените деца Роми и да ја забрза постапката за стекнување на нивниот идентитет за оние кои тоа навреме го немаат сторено за да можат и тие деца да бидат вклучени во образовниот процес. 
 
Овој извештај е испратен до Комитетот за правата на детето на ООН и истиот ќе биде презентиран од страна на две деца претставници на предсесија пред Комитетот на почетокот од Февруари 2010 година, во Женева.
 
Изготвувањето на Детскиот Алтернативен извештај е дел од проектот Градење култура на детско учество, финансиран од Европската Комисија и УНИЦЕФ.

 

http://www.sitel.com.mk/dnevnik/makedonija/megjashi-masovno-se-krshat-detskite-prava
http://vesti.alfa.mk/default.aspx?mId=44&egId=8&eventId=17399

повеќе                    PDF 



Публикации