Почетна


Извештај за состојбата на правата на децата во Република Македонија подготвен од Македонската национална коалиција на невладини организации за правата на детето
           

Извештајот за состојбата на правата на децата во Република Македонија е подготвен од страна на Македонската национална коалиција на НВОи за правата на децата (неформална коалиција) која ја сочинуваат 14 граѓански здруженија и една коалиција на граѓански здруженија.[1] Оваа коалиција е формирана на 13.11.1997 година и е координирана од страна на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

            Овој извештај претставува приказ на состојбата со правата на децата во Република Македонија за периодот од јуни 2010 до декември 2011 година. Извештајот е изготвен преку следење на имплементацијата на Конвенцијата за правата на детето, имплементацијата на заклучните коментари односно препораки кои дојдоа од страна на Комитетот на Обединетите нации за правата на детето во јуни 2010 година како и имплементацијата на другите меѓународни инструменти  кои ги регулираат правата на децата. Предмет на следење при подготовката на Извештајот беа и тековната состојба на правата на децата во овој период; претходните алтернативни извештаи подготвени од Националната коалиција на НВОи и претходниот алтернативен извештај подготвен од страна на децата.

            По анализата на спроведените и постигнатите резултати се дава оценка за степенот и квалитетот на имплементацијата како и препораки за тоа како да се надминат одредени проблеми и што треба да се направи за да се овозможи остварување на правата на децата. Овој извештај, освен што ги нотира преземените иницијативи и мерки, се очекува да ги направи надлежните институции и поодговорни со што ќе се има увид во квалитетот на спроведените активности од нивна страна.

 
            Претходниот извештај подготвен од Македонската национална коалицијата е оценет од  Комитетот на ОН како соодветен за следење на состојбата на правата на децата од страна на граѓанскиот сектор. Затоа и во овој извештај собраните податоци се обработени и претставени согласно структурата која е препорачана од овој Комитет така што информациите се систематизирани по области и тоа: општи мерки на имплементација; општи принципи на Конвенцијата; граѓански права и слободи; семејна средина и алтернативна грижа; здравство и социјална помош; образование, слободно време и културни активности и специјалните одбранбени мерки.   

            Генералната слика за состојбата со правата на децата покажува дека може да се препознаат напорите на сите заинтересирани страни, вклучувајќи ги релевантните државни институции, за промена на главните недостатоци на грижата за децата, но како Коалиција сметаме дека поголемиот дел од препораките кои дојдоа од страна на Комитетот за правата на детето до Република Македонија во јуни 2010 година сe уште се актуелни и треба да се работи во правец на подобрување на целокупната состојба.

            Она што досега констатиравме дека не е реализирано од страна на Владата на Република Македонија, а е препорака на Комитетот, како и новонастанатата состојба со правата на децата е:

-          отворање 24 часовнo прифатилиште за деца жртви на сексуална злоупотреба, педофилија и родосквернавење;

-          задолжително евидентирање на децата кои немаат регулирано извод од матична книга на родените затоа што во спротивно детето не може да оствари ниту едно право

-          воведување на задолжително предучилишно образование со намера искоренување на сиромаштијата, неписменоста и исклученоста од образование со посебен акцент на обезбедување на бенефиции за ранливите групи деца

-          воведување на евиденција за децата жртви на злоупотреба на детскиот труд имајќи предвид дека транзитен центар, прифатилиште и дневен центар не се решение за надминување на овој проблем, туку потребно е вклучување на децата во задолжително предучилишно и основно образование

-          измена и дополнување на Законот за малолетничка правда каде е предвидено децата да даваат две, максимум три изјави. Ние како коалиција и понатаму сметаме дека децата е доволно да даваат само една изјава во посебна специјализирана скрин-соба, во присуство на стручен тим (психолози, педагози, социјални работници, психијатри), каде што детето-жртва или сведок на кривично дело низ неформална атмосфера ќе даде информации што се важни за органите на кривично гонење и пресудување

-          Хармонизација на СОС детскиот телефон 0800 12222 со шестоцифрениот  европски детски број 116 111, обезбедување негова 24 часовна достапност од сите фиксни и мобилни оператори и обврзно финасирање од буџетот на Република Македонија

-          СОС линијата да биде признаена како извор на информации и податоци за политиките и законите за правата на детето и како алатка за рано интервенирање и спречување.

Покрај општите проблеми и препораки кои ги содржи извештајот разработени се и доста специфични проблеми од чие надминување зависи и нивото на заштита и остварување на правата на децата. Некои од тие препораки кои произлегоа како заклучок во текот на подготовката на овој извештај за подобро имплементирање на Конвенцијата за правата на детето во пракса се следните:

-          кодификација на законските акти кои ги регулираат правата на децата во еден систематизиран правен акт;

-          вклучување на децата во работата на Националната комисија за правата на децата при Владата на РМ;

-          обезбедување на конкретен буџет наменет само за деца;

-          едукација на децата и младите за препознавање на формите на дискриминација и начините за заштита од нееднаквиот третман;

-          правна и психосоцијална помош и поддршка за децата жртви на психичка, физичка и сексуална злоупотреба, експлоатација и насилство;

-          принципот за најдобар интерес на детето треба да биде составен и водечки дел на сите политики и одлуки кои се однесуваат на децата;

-          надлежните институции треба да го земат сериозно во предвид мислењето на детето кога донесуваат одлуки кои се од негово значење;

-          неопходно е ангажирање на социјални работници во училиштата кои во координација со останатиот стручен тим ќе утврдат одредени промени во однесувањето на учениците и ќе интервенираат во самите семејства;

-          вработување на дефектолози во сите училишта;

-          потпишување и ратификување на Третиот факултативен протокол од страна на државата.

 
            Следен чекор е запознавање на јавноста, државните институции, како и што поголем број на деца и млади со содржината на овој извештај и процесот на мониторирање, затоа што тоа воедно е и една од препораките на Комитетот. Следат конференции, дебати, тркалезни маси со цел да се презентираат резултатите од спроведеното следење и да се најдат заеднички решенија за идентификуваните недостатоци и надминување на проблемите. Добиените искуства и знаења во текот на овој процес ќе бидат пренесени и искористени во насока на подобрување на состојбата со детските права во Македонија преку лобирање и застапување за креирање на политики кои ќе бидат инкорпорирани во постојната законска рамка.

            Со цел да имаме јасна слика за степенот на почитување на правата на децата, преглед  на тоа дали има подобрување или влошување на состојбата, Националната коалиција, почнувајќи од оваа година, подготвува годишни извештаи што ќе бидат основа за следниот периодичен алтернативен извештај.

            Работата на Коалицијата е поддржана од страна на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија преку проектот „Градење на капацитетите на невладиниот сектор во мониторирање на детските права“.

--------------------------------------------------------------------------------

[1] Организации членки на неформалната Национална Коалиција за правата на детето: Асоцијација за здравствена едукација и истражување „ХЕРА“ – Скопје; Женска граѓанска иницијатива „Антико“ – Скопје (мрежа на 18 локални организации); Коалиција „Сите за правично судење“ – Скопје (коалиција на 17 НВО-и); „Лајфстарт“ – Битола; Младински образовен форум – Скопје; Отворена порта Ла Страда – Скопје; „Отворете ги прозорците“ – Скопје; Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“ – Скопје; Совет за превентива од малолетничка деликвенција – Кавадарци; Здружение ХОПС - Опции за здрав живот – Скопје, Хуманитарно здружение „Мајка“ – Куманово; Хуманитарно и добротворно здружение на Ромите во Македонија „Месечина“ – Гостивар; Центар за граѓанска иницијатива – Прилеп; Центар за човекови права и разрешување конфликти – Скопје; Центар за одржлив развој „Порта“ – Струмица, Здружение на граѓани, Македонски центар за женски права - Шелтер центар – Скопје

 

Целосен Извештај видете тука

PDF