Почетна

ИНТЕРВЈУ СО ДРАГИ ЗМИЈАНАЦ, ПРВИОТ ЧОВЕК НА ПРВАТА ДЕТСКАТА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ МЕЃАШИ
Доживотен затвор и хемиска кастрација за педофилите! ВЕЧЕР вторник, 22 мај 2012 Бр. 14996 НОВИНАРИ Стефан Рашковски и Огнен Чанчаревиќ Драги Змијанац е на чело на Детската амбасада Меѓашии веќе неколку години и на себе го има преземено товарот да се бори за правата и заштитата на децата во Македонија. Со својот тим и скромните ресурси и законски алатки кои ги има на располагање успеа да ја смени свеста на јавноста во државата и да ги убеди и едуцира децата дека имаат свои права и дека секогаш има кој да ги заштити
 
Веќе 20 години преку првата детска амбасада во светот Меѓаши, живее идејата децата да имаат своја земја. Колку сте вие лично задоволни од досегашната работа?
 
Меѓаши е првата детска земја во светот која се наоѓа на тромеѓето меѓу Босна, Србија и Хрватска таму каде што се среќава исламот, католицизмот и православието. Нашата идеја е да се бориме против меѓи, да нема граници, да нема полиција, да нема царина. За да бидеш амбасадор треба да имаш народ и територија, а ние сметаме дека во светот најбројниот народ се децата без разлика на вера, нација и социјален статус. Детскиот народ си има своја детска земја која се вика Меѓаши. Иако е само идеја, таа веќе 20 години живее преку првата детска амбасада во светот Меѓаши која на конкретен начин како меѓународна организација ги застапува најдобрите интереси на децата и се бори за нивна заштита кога се прекршуваат правата во семејството и во институциите каде децата се згрижени.
 
Сега Меѓаши славеше две декади постоење. Кој е прогресот и колкаво позитивно влијание има Меѓаши остварено за овие години?

  Ако споредиме како почнавме и каде сме сега, нас се уште не загрижува транзицијата и неизвесноста како и проблемите со потенцијалните војни и конфликти кои се уште се присутни на Балканот. Ние на драматичен повик од Сараево згриживме деца-бегалци погодени од војната во БиХ. Во еден период активно се ангажиравме за нивни организирани дестинации во други западноевропски земји со цел Македонија да ја растовариме, бидејќи во еден период во Македонија имаше 60 000 деца-бегалци. Како започнавме со водење на грижа за бегалците така отваравме активности кои се за децата кои живееја во Македонија. Прво го отворивме СОС-телефонот за деца и млади, бесплатната правна служба и советување лице в лице, детски работилници, креативни активности каде што децата го користат слободното време, центар за другарување, центар за деца алергични на глутен и некои други новитети кои во тоа време беа за првпат отворени во државата. Она што сега не загрижува се последните случувања кои дефинитивно ја загрозија безбедноста и сигурноста на децата. Зборувам за сеење на нетолерантност меѓу младите, немање заедничка стратегија за живот и градење на иднина.
 
Во последно време јавноста е сведок на се позачестени случаи на сексуално и физичко злоставување и искористување на деца. На што се должи тоа?
 
 Тоа е најтешката траума која може на детето да му се случи. Децата некогаш молчат со години за тоа што се случило од срам и страв што ќе кажат најблиските, а често не наоѓаат доволно заштита од нив. Нашите искуства покажуваат дека најчесто девојчињата се жртви и тоа секое четврто девојче и секое седмо момче до 17 години барем еднаш било сексуално злоставувано или вознемирувано. Она што сакаме да кажеме е дека го срушивме молкот на децата и патешествијата низ кои децата поминуваат. Децата се охрабрени да го пријавуваат насилството, но немаат доволна родителска и институционална грижа. Имено, она што отсуствува во овој момент е прифатилиште за деца жртви на педофилија и родосквернавење затоа што и психијатрите и психолозите не уверуваат дека првите 48 часа се клучни за детето кое било жртва на сексуална злоупотреба. Воведовме и СОС-линија која работи 19 години и таа е директна служба за помош. Досега се имаат јавено 18 500 деца и тоа ни е главен индикатор за проблемите и состојбите со децата. Она што не загрижува е дека повеќе се јавуваат возрасни за деца кои имаат проблеми отколку самите деца. СОС-телефонот треба да се хармонизира со европскиот број 116 111, и во оваа насока Комитетот за правата на децата во Женева даде јасни препораки до Владата на РМ со поддршка од Цилд хелп интернационал да се реализира проектот сплотување на двете СОС-линии. Спојувањето со европскиот број ќе значи 24-часовна работа и децата ќе можат да вртат од сите фиксни и мобилни оператори.
 
Дебатата за хемиската кастрација се заострува се повеќе, особено по последниот случај со педофилот во Скопје, кој е ставот на Меѓаши?
 
Ние проговоривме гласно уште во 2008 година дека се залагаме за доживотна казна затвор од едноставна причина што немаме уверување дека додека ја одлежуваат казната затвор педофилите имаат сигурен третман. За жал неколку случаи се повторија што ја потврдија нашата забелешка дека рецидивизмот е главна карактеристика на педофилите и дека за нив нема сигурен третман за ресоцијализација. Тоа значи или целосна изолација - затвор, болница, или доживотен затвор. Го покачивме прагот на нетолерантност кон педофилите и судиите можат да досудат доживотна казна затвор според член 188 од кривичниот закон ако делото се случи на грозоморен начин или ако делото го сториле повеќе сторители. За жал во Република Македонија и покрај неколку случаи на инцест од родител кој ги силувал своите ќерки во Велес и претходно случај кога еден родител со неговиот пријател ги силуваше двете сестрички на возраст од 7 и 8 години судовите не досудија доживотна казна затвор. Тоа значи дека по излежување на казната од 15 години кога сторителот на ова тешко кривично дело ќе излезе на слобода има следни мерки: хемиска кастрација или медикаментна терапија каде ќе се контролира либидото и нагонот на сторителот и алки-локатори кои ќе и помогнат на полицијата точно да ја знае локацијата на педофилот. Соодветна мерка е ограничениот пристап до централниот регистар на досега осудени педофили со цел родителите и работодавците да се информираат кој е осуден за ова кривично дело и превентивно да делуваат да ги заштитат децата.
 
Дали за оваа тема е разговарано со надлежните државни институции. Дали има волја за воведување на хемиската кастрација во Македонија? Кој е нивниот став по ова прашање?
 
Нашите ставови биле секогаш транспаренти во овој контекст, но пак ќе кажам дека зголемувањето на казните и Централниот регистар и хемиската кастрација нема да го решат проблемот со рецидивизмот, односно повтореништвото се додека не се мобилизираат сите институции, вклучувајќи ги и родителите во поголема превенција, едукација на децата во самозаштита во однос на избегнување на ризично однесување на ризични групи и во однос на поголема доверба кон децата кога се жртви да не бидат дополнително трауматизирани во процесот на докажување на вината на сторителот.
 
Кој е официјалниот став на Меѓашии за хемиската кастрација и проблемот со педофилите?

 Бидејќи со зголемување на казните од 10-15 години минимум па нагоре педофилијата се уште е во пораст ние нудиме дополнителни мерки, а дополнителните мерки се ограничен пристап до Централниот регистар на педофили, хемиска кастрација и носење на електронски алки-локатори со намера центрите за социјална работа и полицијата да имаат постојан строг надзор на педофилите за тие да не го повторат делото. Педофилите секогаш го повторуваат делото што упатува на тоа дека педофилот едноставно не може да го контролира нагонот.

 Како ја оценувате работата на социјалните работници, дали тие соработуваат со вас и колкава е нивната мобилност и активност на терен?
 
Соработка постои, но во ефективноста има застој. Најчесто се наоѓаме во улога една ситуација да ја повторуваме неколку пати, а во меѓувреме детето и понатаму е жртва и не му се помага навреме. Ако ние забележиме отсуство на функционална заштита од институциите ние се обраќаме до народниот правобранител, јавниот обвинител, полицијата или до одредени ресорни министерства во зависност од проблемот. Нам ни е битна брзата интервенција за детето да се смести во сигурна средина, а тоа значи дека државата мора да ги подигне капацитетите на своите институции, посебно на центрите за социјална работа. Генерално, иако не важи за сите центри на социјална работа, е дека не се доволно присутни на терен, не се доволно мобилни и главен изговор е дека чекаат дојава од јавувачот доколку има некој проблем во центрите за социјална работа. Центрите за социјална работа не е доволно само да даваат социјална помош туку треба да ги имаат на увид семејствата кои се во ризик, за да ги превенираат насилствата навреме да го одземат родителското право пред мајката да го претепа синот или пред таткото да ја силува ќерката.
 
Кој е ставот на Меѓаши и какви конкретни акции презема за децата кои се злоупотребуваат во политичките кампањи, за политички цели, малолетниците кои се организираат за политички исконструирани протести и митинзи?
 
Многупати досега сме реагирале дека не треба политичките партии и нивните политички подмладоци да регрутираат младинци под 18 години за остварување на било какви бенефиции за политичките партии, нивните кампањи и интереси. Ние неколку пати сме реагирале за политичката злоупотреба на децата. За жал не успеавме во целост да се избориме, иако народниот правобранител ни даде поддршка кога една граѓанска организација одржа митинг со група деца "Македонија во НАТО ние децата нивно злато". Секоја година кога има парламентарни локални или претседателски избори ги потсетуваме политичките партии дека сносат одговорност доколку во кампањите бидат вклучени деца, на билборди, спотови или пак бидат присутни на нивните митинзи. Зборуваме, пред се, од безбедносен аспект, а потоа и од аспект на влијание на нивното право на мислење и избор.

 
На улица има деца-питачи. Акцијата на МВР, "Питач", имаше цел да ги собере децата, да ги однесе во дневни центри до 5 часот попладне, а после пак тие остануваат на улица. Што мислите околу ова?
 
Ние во 2008 година јасно кажавме дека со апсење и оттргнување на децата од улица не се решава проблемот со питачите. Дадовме јасни препораки до Владата и веќе 11 години спроведуваме кампања за вклучување на децата во образованието. Јасно кажавме дека со вклучување на едно дете во образованието, имаме едно дете помалку на улица. Со оттргнувањето на децата од улица и вклучувањето во дневните центри кои ја немаат таа улога да бидат училишта не е во целост решен проблемот. Да се стекнуваат одредени навики во дневниот центар, хигиенски и здравствени и има некаков процес на описменување, но после 17 часот слободно се препуштени на улицата и најчесто нивните родители ги користат заради нивни социјални причини. Треба да се работи паралелно со родителите и со децата. Постои можност за глоба, казна, санкционирање за родителот кој не го запишува своето дете во училиште, а сепак судовите ги враќаат овие предмети од просветните инспектори. Нашите податоци говорат дека 5% или 6% од вкупната популација не е вклучена во образованието, а тоа се 18 500 деца, а над 200 000 деца генерации наназад го немаат завршено основното образование во целост. Секојдневно на улиците во Македонија има некаков тип на злоупотреба на детскиот труд и над 2000 деца се изложени на питачење, продажба на прехранбени производи, тешки физички работи и сл. Проблем во државата е невидливата група на деца во извод од матичната книга. Тоа значи дека од 500 до 1500 деца не постојат во евиденцијата во РМ, а оваа група деца се најчесто жртви на трговија со деца, детски органи, сексуална злоупотреба и детска проституција.

Стефан Рашковски и Огнен Чанчаревиќ

http://vecer.com.mk/?ItemID=CCCFAC751C55C249A3DAE1CAA12E06F0