Почетна


ДЕТСКАТА АМБАСАДА МЕЃАШИ - 20 ГОДИНИ РАСТЕШЕ СО ДЕЦАТА

 Нова Македонија број 22574 | вторник 8.5.2012
 

Децата нe препознаа и ни ја доверија потребата да ги заштитуваме и да ги застапуваме. Проговоривме јавно за многу проблеми со кои тие се соочуваат и ја издигнавме јавната свест за значењето и неопходноста од почитувањето на правата на детето На прославата беше презентиран документарниот филм „20 години прва детска амбасада во светот – Меѓаши“

 Првата детска амбасада во светот Меѓаши го одбележа јубилејот - 20 години од формирањето. Во изминативе две децении таа се грижи, им помага и ги поддржува децата и се бори за заштитата на нивните права.

 - Кога пред 20 години се оформивме за да им помогнеме на децата-бегалци од Босна и Херцеговина, не знаевме воопшто во што се втурнуваме со сето срце и пред какви предизвици ќе се најдеме. Но се соочивме со нив и така учевме. Не беше лесно да се трасира патот на новото светско детско движење во Македонија, наречено прва детска амбасада во светот – „Меѓаши“. Сепак, децата н? препознаа и ни ја доверија потребата да ги заштитуваме и да ги застапуваме. Проговоривме јавно за многу проблеми со кои тие се соочуваат и ја издигнавме јавната свест за значењето и неопходноста од почитувањето на правата на детето - рече м-р Драги Змијанац, основач и директор на Првата детска амбасада Меѓаши, на свеченоста што по повод јубилејот се одржа во Драмскиот театар на 27 април.

 Амбасадорот на Меѓаши, Коле Ангеловски, пак, се надева дека и во следните 20 години првата детска амбасада ќе биде совест на ова општество и на оваа држава, во поглед на третманот и на грижата за децата. - Стигнавме и до 20-годишнината, а и сами не знаеме како, бидејќи во сите тие ургентни барања за помош на децата погодени од војните, децата што беа злоупотребувани, малтретирани, силувани... ние не помислувавме на бројки, на јубилеи, едноставно немавме време за тоа. За да не ги заборавиме тие важни датуми, детската амбасада Меѓаши испраќаше реакции до медиумите и укажуваше колку е важно да се работи со и за децата. Но, кога почна да се спомнува 2012 година, ни стана јасно дека нешто мора да направиме, дека некогашните деца (членови, волонтери, бегалци) очекуваат од нас да ги собереме, како родители што ги собираат своите деца за нивниот роденден. Тие почнаа да се изнаоѓаат на социјалните мрежи, особено некогашните деца-бегалци и волонтерите, и прашуваа кога ќе може да се сретнат. И има ли подобар момент за такво нешто од јубилејот, кој, ете, чука на врата? Убаво чувство, но и обврска - вели Гордана Пирковска-Змијанац, творецот на ова детско движење.

 Таа додаде дека досега се направени многу промени во општеството во врска со третманот на децата, а огромен дел од заслугата за нив припаѓа несомнено на работата на детската амбасада Меѓаши. - Но, за жал, тоа понекогаш изгледа како капка во морето, има уште толку многу што да се направи и сработи. Децата н? обврзуваат на тоа, да ја продолжиме мисијата повеќе од кога било порано, и покрај многуте сопки и тешки моменти на опстојување - порача Гордана-Змијанац.

 На прославата беше презентиран документарниот филм „20 години прва детска амбасада во светот – Меѓаши“, кој, и покрај драматичните слики и изнесени податоци за условите во кои живеат некои припадници на најранливата група во нашето општество - децата, заврши со оптимистичката порака „ние продолжуваме“. Бидејќи Драги Змијанац посака наредниот голем јубилеј, 30-годишнината, да се одбележи само со убави вести од животот на децата, активностите на амбасадата продолжуваат во оваа насока. Во холот на театарот, многубројните гости, од сите сфери на општествениот живот, пријатели на „Меѓаши“, можеа да ја погледнат изложба на детски цртежи, што ги изработија ученици од основните училишта во земјава, а с? беше засладено и со една прекрасна торта со логото на Меѓаши.

 Што е Меѓаши?

 Меѓаши е првата детска земја, формирана во 1991 година од страна на Душко Томиќ во Босна и Херцеговина. Основната замисла беше да им се помогне на децата во образованието, усовршувањето, запознавањето на светот преку милионите деца што живеат во него. Со тврдењето дека децата се посебна нација се дојде и до реализацијата на идејата за детска земја. Во почетокот тоа беше селото Меѓаши, кое се наоѓа на тромеѓето на Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија. Војната го спречи создавањето на детскиот свет во Босна и Херцеговина, но самата идеја продолжи да живее благодарение на основачите Гордана и Драги Змијанац, вработените и стотиците волонтери што на најразличен начин ја поддржуваат работата на амбасадата. - Првата детска амбасада во светот Меѓаши во Македонија е меѓународна граѓанска организација основана на 29 април 1992 година во Скопје.

Во тоа време, пред 20 години, се здруживме како група граѓани за да им помогнеме на децата-бегалци погодени од војната во БиХ, но продолжувајќи со работата и со другите деца, од Македонија, на површината излегоа, за жал, многу други тешки проблеми на кои требаше да се работи. За тие проблеми тогаш воопшто не се ни зборуваше: луѓето немаа слушнато дека децата имаат свои права, а сексуалната злоупотреба на децата и педофилијата беа табу-теми, за детскиот труд се сметаше дека не постои на овие простори - вели Гордана Змијанац.

Автор: М.Т.


http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=58121032486&id=25&setIzdanie=22574