Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.36 » Недела на детето (5-9 октомври) Светски ден за превенција на злоупотреба на децата (19 ноември) и Светски ден на детето (20 ноември)


Посета на децата од училиштата во Скопје на нивната Прва детска амбасада во светот Meѓаши 
Секоја година, првата седмица од месец октомври им се посветува на децата под мотото Детска недела. Детската амбасада Меѓаши како организација чија главна мисија се децата и заштитата на нивните права, и оваа година организираше активности со цел да се одбележи Детската недела. Во периодот од 5 до 11 Октомври 2009 година Детската амбасада Меѓаши беше посетена од учениците од неколку основни училишта во Скопје: ОУ. „Блаже Конески“, ОУ „Кочо Рацин“, ОУ „Љубен Лапе“, ОУ „Мирче Ацев“, ОУ „11 Октомври“, ОУ „Ѓорче Петров“, ОУ „Кузман Јосифовски Питу“, ОУ „Димитар Миладинов“ и деца од детската градинка „Корчагин“. Во текот на посетата тие беа учесници на работилници за правата на детето. 


 Работилниците кои се одржуваа не беа класични  школски предавања. Нашата идеја е децата сами активно да се вклучат во дискусиите за своите права, обврски, желби и потреби. Тие со помош на волонтерите сами го потикнуваат своето мислење за тоа кои се нивните права, кои се нивни обврски, што се потреби, а што желби.

  Улогата на волонтерите е да му овозможат на секое дете простор и време  за размислување со цел децата да се мотивираат и да го искажат своето мислење на различен начин. Сакаме со еден покреативен пристап да допреме до децата и да ги поттикнеме самоиницијативно почесто да размислуваат за своите права.

Еден од начините на работа е со помош на сликички каде децата сами ја објаснуваат сликичката и согледуваат некое нивно право кое го имаат, желба, потреба или обврска потикнати од тоа што го гледаат на самата сликичка.

Во текот на овие работилници покрај тоа што се дискутираше за нивните права, децата добиваа и општи информации за Детската амбасада, за бесплатниот СОС телефон 0800 1 2222 и за Конвенцијата за правата на детето.

После секоја работилница децата ја посетуваа просторијата каде што се наоѓа СОС телефонот. Идејата за посета на  СОС телефонот е децата да добијат подобра визуелизација за тоа како изгледа еден телефон каде што можат да се јават. Со тоа сакаме децата да почуствуваат дека на овој телефон може да се јави секое дете кое некогаш има потреба да разговара со некој, а не само кога е повредено некое негово детско право.

Волонтери: Билјана Златева и Наде Мисоска