Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.37


ЗА ОДЗЕМАЊЕ НА МАЛАТА АНГЕЛА Социјалните центри задоцнето дејствуваатСветлана Ристеска

Одземањето на родителското право треба да се врши превентивно, а не дури кога ќе настанат тешки повреди и последици врз децата.

Одгледувањето, воспитувањето и подигнувањето на децата во прв ред е одговорност на родителите, но ако постои занемарување на грижата врз децата како резултат на соочување на семејствата со обезбедување на основен животен стандард, државата треба да преземе соодветни мерки. Ова е реакцијата на првата детска амбасада „Меѓаши“ по почнување на постапка за одземање на родителското право на брачниот пар Марта и Гоце Кулевски од село Штавица, на кои им изгоре едногодишната ќерка во лулка покрај шпоретот. - Доколку во случајот со семејството Кулески имало увид и надзор врз вршење на родителското право се наметнува прашањето зошто претходно не е покрената постапка за одземање, туку се дејствува отпосле, односно откога се случи несреќата - вели Драги Змијанац од детската амбасада. Според него центрите за социјална работа треба да се помобилни, поефективни и континуирано да ја следат состојбата на терен, да ги посетуваат семејствата и да им даваат помош. Со одлуката на Меѓуопштинскиот центар не се согласуваат ниту експертите од социјалната наука, но од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и понатаму тврдат дека згрижувањето на детето во семејство е заради негова заштита бидејќи родителите немаат капацитет да се грижат за него. Експертите се на став дека не е решение да се одзема родителското право, туку потребно е создавање услови во општеството. - Прво, родителите да можат своите деца економски да ги издржуваат, а второ, доколку се појавуваат проблеми, без оглед од каков карактер се да се решаваат и семејствата да се социјализираат. Со вакви санкции губитници се и родителите и децата - вели д-р Љупчо Печијарески, професор на „Економски факултет“ во Прилеп. Таткото Гоце не може да се помири со фактот дека ќе остане без своето постаро дете и вели дека неговото дете не го дава никому. - Детето е кај сестра ми во Прилеп, а на никој друг не го давам. Ниту суд, ниту полиција не може да ме натера да се откажам од детето. Точно е дека дојдоа две жени од Центарот за социјално, но со сестра ми. Ако сум изгорен со Билјана, немојте да ме догорите - вели таткото Гоце. Од Центарот за социјална работа тврдат дека превентивно дејствувале со временото згрижување на Ангела кај блиски роднини. - Оценивме дека родителите немаат доволно капацитет да се грижат за другото дете и со цел да се избегнат траумите и да му се овозможат услови за нормален развој донесовме таква одлука. Таткото не одговара на прашањето како мисли да го гледа семејството - вели Снежана Јованоска, директор на Центарот за социјална работа. Според неа последната посета на социјалниот работник на ова семејство била во април 2009 година, но тогаш не беше констатирана негрижа и запоставување. До сега Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Прилеп го одзеде родителското право на мајката од ромска националност, која го остави своето дете на Бит-пазар. Постапката за одземање во Основен суд во Прилеп траела една година.

http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=10&tabid=1&EditionID=1968&ArticleID=136310