Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.37


Се губат меѓу семејството и системотЗдруженијата и организациите за заштита на децата ги обвинуваат институциите на системот за неспособност, а социолозите толкуваат дека преку овие случаи се манифестира во кои крајности може да отидат работите кога луѓето, во случајот родителите, се немоќни пред забите на сиромаштијата
     
Во последните десет години како исчезнати биле пријавени 50 деца на возраст до 14 години. Од нив, 30 биле девојчиња. Ланилето исчезна шестгодишната Ангела од селото Дуње, чии остатоци беа пронајдени шест километри подалеку од селото. Сузана од скопско Драчево до смрт си го претепа чедото, а таткото ги силуваше ќерките згрижени во посебен центар. Неодамна во селото Штавица изгоре бебе во колепка, а пред неколку дена исчезна 7-годишниот Митат од Горно Коњари. Родителска негрижа или системска грешка? Кој е повеќе крив, семејствата притиснати од сиромаштијата, државата како „мајка на сите“ со слабата поддршка што им ја дава или сите заедно?

Здруженијата и организациите за заштита на децата ги обвинуваат институциите на системот за неспособност, а социолозите толкуваат дека преку овие случаи се манифестира во кои крајности може да отидат работите кога луѓето, во случајот родителите, се немоќни пред борбата за преживување.

Не го разбираат зборот „одговорност“

 

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ е револтирана поради инертноста на социјалните работници кога станува збор за децата. Наместо да ги решаваат проблемите, велат, тие се обидуваат да ги санираат последиците. Поради тоа и проблемите само со насобираат и се зголемуваат.

- Родителите некогаш одмагаат и кога сметаат дека му даваат помош на своето дете, но затоа постојат институции што треба да дадат помош. Поголемите трагедии многу често се случуваат во дисфункционални семејства, семејства во ризик, социјално обесправени и кај оние што се во бракоразводна постапка. Затоа и не треба центрите за социјални работи секогаш да очекуваат дојава на граѓани за тортура или за насилство во овие семејства, па да реагираат. Тие треба да се на терен, за да бидат во функција на засилен надзор, односно да прават повеќе контакти и контрола на овие семејства. Не е доволно да им се даде само социјална помош на оние на кои им се потребни и психолошка поддршка и економско решавање на проблемот - вели Драги Змијанац, директор на „Меѓаши“.

Тој објаснува дека центрите за социјална работа, јавниот обвинител или еден од родителите имаат можност да почнат постапка за привремено одземање на родителското право, со што може да се заштитат децата од несовесни и неодговорни родители.

- Оваа мерка може да биде привремена и вратена кога ќе се исполнат стандардите и условите што центрите ќе ги пропишат. Ние не сакаме да ги критикуваме институциите, но што ви зборува случајот кога таткото си ги силува ќерките сместени во интернат. Тој татко добил право да ги гледа во викендите. Тоа нам ни зборува за грешка, и тоа голема. А за неа никој не одговара. Дали слушнавте министерот за труд и социјала да побара нечија одговорност поради детските трагедии? Никој не презеде одговорност и кога мајката до смрт си го претепа детето. Нема да се решаваат проблемите ако никој не одговара, тоа е совршено јасно. А јас немам впечаток дека го разбираат зборот „одговорност“. Ние неделно поднесуваме по десетина претставки до народниот правобранител поради несоодветно постапување на државните институции - вели Змијанац.

Вегетираат наместо да живеат

Социологот проф. д-р Илија Ацески објаснува дека родителската негрижа и злоупотребите на децата се стар проблем, но сe позачестен и актуелен.

- Сега медиумите се поотворени, не е како пред 25-30 години, а проблемите се стари. Тие се сe позачестени поради сиромаштијата, отуѓеноста на луѓето. Практично не функционира елементарната човечка комуникација. Во многу од случаите треба да реагира околината, а таа молчи. Исто така, во одредени случаи треба да бидат поажурни институциите, а се покажуваат недоволна одговорност и способност - вели Ацески.

Неговата колешка Мариа Доневска, професорка по социјални работи, вели дека детските проблеми се поизразени во руралните средини.

- Сметам дека се работи за многу запоставени средини. Таму нема класична материјална сиромаштија, односно луѓето немаат толку голем проблем со храната. Поизразен е друг вид на сиромаштија. Овие луѓе немаат лесен пристап до здравството, образованието, културата. Малку им се посветува внимание на децата. Она што сакам да ви го кажам е дека таму животот повеќе потсетува на вегетирање. Затоа и мора работата да се насочи кон овие родители, мора да има школи и советувалишта за нив. Со еден збор, мора да се подобри нивната подготвеност за воспитување и чување деца - вели проф. Доневска.

Таа се согласува со колегите дека се работи за стар проблем, за кој сега е зголемена чувствителноста.

- Сега е поразвиена и свеста за проблемите поврзани со луѓе. Тие се поактуелни и за медиумите и за невладините организации, а се дел и од агендите на Европската Унија - додава проф. Доневска.

Заводот за социјални работи, под чија капа се центрите во земјата, не се согласува со критиките на здруженијата и на организациите за заштита на децата. Оттаму велат дека вредно работат, но проблемите не се решавале преку ноќ. Тие возвраќаат на критиките на невладиниот сектор.

- Поради непознавање на работите даваат паушални изјави. Ние ги следиме потребите на корисниците. Нема стари и нови проблеми кога се работи за децата, тие отсекогаш постојат. Треба да се решаваат со свесност, а не само со казни. Овие проблеми не се решаваат преку ноќ, тоа е процес. Сите овие појави се поврзани со долгата транзиција, затоа и имаме низа програми во кои се вклучени овие луѓе и деца - вели Татјана Ристова-Димова, директорка на Заводот.

Таа вели дека се отворени за соработка со невладините здруженија и организации.

- Но имам впечаток дека излегуваат на терен тогаш кога се актуелни фондациите или парите. А ние сме постојано на терен. Точно е дека имаме и недостиг од кадар, но тоа се решава. Треба да се разбере и страната на социјалните работници, кои дневно работат со 30-40 случаи. Како и да е, со фрлање дрва и камења не се решаваат проблемите - вели Ристова-Димова.

Во текот на 2009 година центрите за социјална работа им дале помош на 1.062 деца без родителска грижа, 1.246 деца што имале уредни односи со родителите, 1.946 малолетници што сториле кривично дело.

УНИЦЕФ: Слаб надзор и ограничени податоци

Агенцијата на Обединетите нации за заштита на правата на децата - УНИЦЕФ вели дека голема слабост на нашиот систем се системот за надзор и недостигот од податоци.

- Вообичаено е да се очекува зголемувањето на бројот на случаи на загрозени деца да соодветствува со промените на економските услови, но податоците што го покажуваат тоа се многу ограничени. Тоа што нема доволно податоци и системот за надзор се главните слабости во системот за заштита на децата - вели Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ во земјава
 
Исчезнале 50 деца за 10 години

Во последните десет години како исчезнати биле пријавени 50 деца на возраст до 14 години. Од нив, 30 биле девојчиња. Статистиката на МВР вели дека биле најдени 48 деца, а три од нив биле починати.

Едно дете, кое сe уште се води како исчезнато, е Љунтурије Исени од скопско Трубарево. Таа исчезна во ноември 2000 година, кога имала пет години.

Второто дете што се води за исчезнато е Сунај Шакири од Крушопек, Скопско, кое исчезна во март 2002 година, на тригодишна возраст. Според кажувањата на тие што последни го виделе детето, Сунај си играл во Вардар, но оттогаш му се губи трагата.
 
Ризичен животот за 28.000 деца

Повикувајќи се на податоците од Заводот за социјални дејности од 2008 година, УНИЦЕФ проценува дека има околу 28.000 деца под ризик на кои им е обезбедена различна социјална заштита во земјата. Ова ги вклучува децата во контакт со законот, децата-жртви на насилство, негрижа и злоупотреба, децата лишени од родителска грижа и децата од сиромашни семејства што се корисници на социјална заштита.

Има околу 1.000 „деца на улица“, од кои 95 отсто се Роми.

- Според расположливите податоци, речиси сите деца на улица имаат семејство, но го минуваат времето на улиците, вршејќи различни активности (питачење, миење шофершајбни на автомобилите итн.). Најголемиот дел од нив живеат во импровизирани семејни „живеалишта“, со ограничен пристап до вода и струја, не одат на училиште, немаат здравствено осигурување и немаат пристап до редовни медицински услуги. Утврдено е дека голем проблем кај децата на улица е што многу од нив не се заведени при раѓање - проценува организацијата.

Автор: Наташа Бошковска   

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=324101013247&id=9&setIzdanie=21942