Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42


МЕЃАШИ СПРОВЕДУВА КАМПАЊА МЕЃУ РАБОТОДАВЦИТЕ
Вработување на младинци од детските домови

Поттикнување на работодавачите да вработуваат младинци без родители од детските домови и дом-семејствата е целта на кампањата што ќе ја спроведува Првата детска амбасада "Меѓаши" во рамките на проектот "Од дом на свое". Директорот на "Меѓаши", Драги Змијанац, нагласи дека и институциите каде што се згрижени овие деца треба да посветат максимално внимание за нивно стручно образование со цел, како што рече, на пазарот на трудот да бидат соодветно квалификувани за да бидат почитувани и прифатени во заедницата и да добиваат повисоки материјални средства.

Змијанац тврди дека децата се подложни на манипулации и злоупотреби, трпат насилство во згрижувачките семејства, но и во институциите од постари штитеници. Смета дека треба да се посвети внимание и на степенот на образование, како во домовите, така и во згрижувачките семејства.
- Некој мора да врши надзор над овие младинци до нивното конечно осамостојување, дури не е доволно да му се обезбеди вработување, туку каква ќе биде квалификацијата на тоа вработување - посочи Змијанац, додавајќи дека покрај тоа што се дискриминирани кај работодавачите, тие се економски нестабилни и ги имаат најниските економски позиции во државата.

Весна Петрушевска истакна дека ќе бара директно од работодавачите да вработуваат вакви деца, бидејќи, според неа, тие се дискриминирани и работодавачите однапред ги осудуваат и немаат доверба во нив. Ивица Јаневски, младинец без родители, информира дека откако излегол од дом за деца без родители, една година бил на улица, но оти сега добил топол дом преку владиниот проект. Сега рече дека има работа и добро е прифатен во фирмата, порачувајќи им на сите работодавачи да го следат примерот и да вработуваат младинци од детските домови и згрижувачките семејства. Силјан Костов, кој излегол од детски дом, смета дека младинците што ќе излезат од домовите и згрижувачките семејства и откако ќе почнат да работат треба да бидат надгледувани од институциите.