Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42

Пропадна проектот на владата за отстранување на децата питачи од улицитеПропадна проектот на владата за отстранување на децата питачи од улиците

ЧЕТВРТОК, 12 АПРИЛ 2012 15:26 Новинар Сеад Ризвановиќ ТВ 24 ВЕСТИ

Целосно пропадна владиниот проект за отстранување на децата питачи од улиците. Анонимни извори од министерствата за труд и социјала и за внатрешни работи, за 24 Вести тврдат дека транзитните центри во кои требаше да се собираат овие деца не функционираат.

Информираат дека помпезно најавуваниот центар во скопска Автокоманда воопшто не се користи, а децата што питачат се целосно вратени на улиците без никаква контрола.

Министерот за труд и социјала, Ристовски, признава за проблемот, но вели дека центрите работеле, а питачите се вратиле поради топлото време.

„Ние имаме проблем затоа што врз нашите резултати и анализи ова го очекувавме, овој бран со затоплување на времето и појавата на децата на улица. Меѓутоа ние ќе продолжиме со нашата активност, фактот што во минатото голем дел од овие деца биле дислоцирани, и сами се повлекоа по најавите за акција од страна на иснтитуциите. Но сега акцијата без посебна најава продолжува“, вели Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика.

Сепак изворите за 24 Вести објаснуваат дека дополнителен проблем се јавил кога во акцииите за собирање на питачите наместо социјални работници, министерството за труд ги испраќало волонтерите од центрите за социјална работа. Нивното неискуство и нестручност предизвикало и вистински драми на теренот, кога групи на родители и луѓе кои ги организираат питачите се собрале пред скопска полициска станица, па дури и се обиделе да превртат комбе.

По ова полицијата ги пуштила децата кои биле одземени. Пред неколку месеци на токму на промоцијата на транзитниот центар во Автокоманда надлежните тврдеа дека проблемот со децата питачи се решава.

„Ваквите заеднички активности на институциите даваат резултати“ вели Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи (23.09.2011)

Од детската амбасада Меѓаши велат дека и порано предупредувале дека два дневни центри за децата кои питаат не можат да го решат проблемот. Бараат посериозен пристап за проблемот и воведување на задолжителна настава бидејќи овие деца не го завршуваат ниту задолжителното основно образование.

„Децата по 16 часот повторно се на улица, повторно се злоупотребуваат од нивните родители, државата треба да превземе мерки, децата да ги вклучи во образовен процес. Значи децата да добијат топол оброк, обувки и облека за редовно школување“, рече Драги Змијанац, детска амбасада Меѓаши.

На светскиот ден за борба против злоупотребата на децата питачи во Македонија има 18 и пол илјади деца без основно училиште, околу 1.000 деца се се впишани во изводот на матичните книги на родените, додека 2.000 деца секојдневно на улиците питачат, мијат стакла, или продаваат ситници.

Сеад Ризвановиќ

http://24vesti.com.mk/index.php/makedonija/293-makedonija/5707

http://youtu.be/RPycWJT0EY4

http://youtu.be/Vmi6C21uBtQ