Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42


Правната регулатива за деца сторители, деца жртви и деца сведоци на кривични дела

Четврток, 02 февруари 2012 година ЕДИНАЕСЕТТА СЕДНИЦА НА КОМИСИЈА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА Седница бр.11 на Комисија за труд и социјална политика, започната на 02.02.2012 год. Дневен ред: 1. Јавна расправа на тема: Правната регулатива за деца сторители, деца жртви и деца сведоци на кривични дела Дискусија М-р Драги Змијанац Директор и основач на ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ МЕЃАШИ - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Остварувањето на најдобриот интерес на децата е принцип за кој сите ние како актери за подобар и поправеден свет на децата треба да се стремиме вистински и функципонално системот да се стави во максимална заштита, помош и поддршка на децата. Најдобро би било доколку нема никаква потреба децата да се појавуваат во улога на сведоци, жртви или осомничени, но знаеме дека тоа понекогаш се случува и затоа неопходно е да постои добар закон кој ќе овозможи да се оствари најдобриот интерес на детето. Законот за малолетничка правда обезбедува законска рамка за заштита на правата на децата, но треба да се даде приоритет на неговото спроведување во пракса. Кадровско доекипирање на центрите за социјална работа кои имаат исклучително важна улога пред се во превенциата, зајакната теренска работа на социјалните работници, обезбедување соодветна просторија за работа со деца престапници, сведоци, жртви, отворање воспитни- дисциплински центри за малолетници, се само дел од активностите кои треба да бидат превземени доколку сериозно очекуваме да поттикнеме одговорно и функционално општество  кое ќе даде одговор на новите и стари предизици со кои се среќаваат децата кои се во судир со законот.

Имаме сознанија дека законот за малолетничка правда во пракса не се спроведува целосно. Многу е значајно да се внимава како се постапува со децата уште при првиот контакт со нив, со цел тие да немаат погрешна слика и претстава за полицајците, адвокатите, судиите и сите други службеници со кои се сретнат. Она за што ние, како Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“, се залагаме е доколку малолетно лице се најде во улога на жртва, сведок или осомничен во судска постапка, да постои постапка во која целосно ќе бидат испочитувани неговите права и во која нема да биде изложен на било каква стигматизација, виктимизација  и  злоупотреба од самиот систем. Тоа значи, од малолетното лице инсистираме да се земе само една изјава, а не како што е наведено во Законот за малолетничка правда два или повеќе пати, колку што ќе налага постапката. Изјавата треба да биде земена во соодветно опремена скрин соба и во присуство на стручен тим, кој ќе разговара со малолетникот. При тоа, треба да се внимава, разговорот да се одвива во пријатна атмосфера, со цел малолетникот да се чувствува опуштено и релаксирано и без никаков притисок да ја даде својата изјава за конкретниот случај како шртва или како сведок. Снимената изјава треба да биде доволен доказ за судијата во текот на целата судска постапка, без притоа малолетникот повторно да се повикува пред суд да дава изјава за истиот случај. Сметаме дека ова е една мошне чувствителен проблем со кои се среќаваат децата и поради тоа треба особено да се внимава на малолетниците за нивните чувства и емоции  и во никој случај не смее детето кое е жртва да се соочи со осомниченото лице на главниот претрес. Доколку не се внимава во постапката кон потребите и интересите на детето  може само дополнително да се истрауматизира малолетникот и уште повеќе да се влоши  неговата состојба. Она  за што се залгаме како Прва детска амбасада во светот е основање на  специјализиран суд за малолетници, со избор на судии со емпатија и сензибилитет кон децата и нивните проблеми, каде судијата за малолетници  би судел само случаи во кои се вмешани малолетни лица, било како сведоци, жртви или сторители на кривични дела. Во  вакви околности судот би работеле само судии за малолетници, кои се сензибилизирани за работа со деца и кои знаат на соодветен начин да постапуваат со нив.

      Во оние случаи каде малолетниците се јавуваат како сторители на кривични дела, исто така, треба многу да се внимава, како ќе се постапува со нив, со цел правилно да се ресоцијализираат и да се спречи нивното понатамошно девијантно однесување. Доколку децата се сместат во воспитно – поправните институции треба да имаат соодветни услови за рехабилитација, а тоа би значело, со нив да работи стручен тим, кој постојано би го следел нивното однесување. Она што е многу важно, е од мерките и санкциите предвидени со законот, секогаш да им се дава предност на превентивните, воспитните и заштитните мерки, односно да се настојува што е можно повеќе да се применуваат алтернативни мерки за малолетниците, а малолетничкиот затвор да биде ставен на последно место, единствено доколку не може да се постигне успех со некоја друга мерка. Бидејќи не е решение веднаш малолетникот сторител на кривично дело да се прати во малолетнички затвор, постојат низа други алтернативи на затворот кои треба да се исцрпат, пред да се премине на малолетничкиот затвор. 

Во оние случаи, пак, каде малолетно лице е жртва на кривично дело, потребно е истите да бидат обесштетени, односно треба да  се реактивира можноста децата жртви да бидат обештетени од  Национален фонд за обештетување за децата жртви

Исто така, мора да се обезбеди иста правда за сите деца, без разлика дали станува збор за деца од сиромашни или богати семејства. Голем проблем е не исплаќањето на трошоците на адвокатите, кои и поради тоа не се појавуваат во постапките. Децата кои немаат финансии немаат можност сами со нивните родители да се одбранат. Тоа значи дека треба да се применува правото на бесплатна правна помош, онаму каде што е потребно, без никакви исклучоци, бидејќи станува збор за малолетни лица и за остварување на нивниот најдобар интерес.

http://www.youtube.com/watch?v=A44Z_uNU4mI&feature=plcp&context=C3ef7f9cUDOEgsToPDskIq-FHUGGI8wIO1XyPCL8HE

http://www.sobranie.mk/ext/sessiondetails1.aspx?id=cf2acbca-d8c6-490c-b47a-d806495a9599