Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42


Хемиска кастрација за педофилите во Македонија

Педофилите претставуваат опасност за секое општество, а нивните злосторства се сигурно меѓу најгнасните кои може да ги стори едно човечко суштество. Лузните кои ги оставаат овие полулуѓе се трајни и неизбришливи, а жртвите засекогаш ќе ги носат траумите од пеколот низ кој минале, секако ако успеале да го преживеат.

Конечното решение за светскиот проблем

Хемиска кастрација за педофилите во Македонија

Континуираното користење на медикаментната терапија го потиснува сексуалниот капацитет на педофилот


Педофилите претставуваат опасност за секое општество, а нивните злосторства се сигурно меѓу најгнасните кои може да ги стори едно човечко суштество. Лузните кои ги оставаат овие полулуѓе се трајни и неизбришливи, а жртвите засекогаш ќе ги носат траумите од пеколот низ кој минале, секако ако успеале да го преживеат.

Проблемот со педофилијата е рак-рана за секое општество и за сите земји во светот. За жал решението не е на повидок и покрај бројните научни и лекарски истражувања и измените во казнените политики. Ресоцијализацијата безмалку никогаш не успева ниту пак психијатриските и медикаментозните терапии. Затоа во некои земји се одлучија на далеку посилен чекор со кој се надеваат дека ќе успеат да го искоренат ова зло, а тоа е хемиската кастрација. Хемиската кастрација е задолжителна за педофили во Полска, Русија, Молдавија, Чешка и во некои сојузни држави во САД. Дебата за хемиската кастрација минатата година се разжести и во Романија, по трагичниот случај во југозападниот град Џимболија, каде едно 10-годишно девојче беше сексуално напаствувано а потоа и убиено од сосед. Надлежните органи во Македонија, засега немаат конкретен и единствен став околу ова прашање и воведувањето на овој тип заштита. Драги Змијанац, првиот човек на детската амбасада "Меѓаши" ни објасни за можноста хемиската кастрација да биде воведена во Македонија.

-Доколку е возможна и применлива хемиската кастрација во другите држави како што е во Полска, Чешка, Молдавија, Русија, Јужна Кореја не гледаме пречка зошто не би можело да биде применлива и на нашиве простори. Во Данска се врши хемиска кастрација над педофилите-повратници додека во чешкото општество, хируршката кастрација се доживува како чин со кој им се помага на педофилите. Хемиската кастрација во комбинација со ограничениот или целосен пристап во архивата на досега осудени педофили може донекаде да помогне во намалување на рецидивизмот, но мое уверување е и покрај зголемените казни за педофилите и евентуалното воведување на хемиска кастрација овие репресивни мерки нема да имаат голем превентивен карактер за сузбивање на педофилијата во Македонија, вели Змијанац.

Хемиската кастрација претставува процес кој вклучува лекарства кои го потиснуваат либидото кај субјектот на кој е применета. Хемиската кастрација воопшто не е налик на хируршката со која се отстрануваат тестисите или овариумите ниту пак е форма на стерилизација. Тоа е еден вид на медикаментна терапија, што е повратен процес бидејќи по прекинување на третманот, телото и функциите се враќаат скоро во нормала. Смесата е од антиандрогени лекарства кои се инјектираат на секои три месеци. Составот на овие инјекции го намалува сексуалниот нагон, компулсивните сексуални фантазии и капацитетот за сексуална возбуда кај субјектите на нејзиното користење.

Имајќи ја предвид деликатноста на оваа материја, поточно правото на сопственост над своето тело неминовно се поставува прашањето на етичноста на постапката.

-Хемиската кастрација или медикаментна терапија е многу поетична од хируршката кастрација. Сепак таа не го решава во потполност проблемот со повторништвото. Со неа не може да се обезбеди гаранција дека сторителите на ова тешко кривично дело, силување на деца, ќе можат да го контролираат нагонот. За педофилите нема сигурен третман за рехабилитација додека се во затвор, нема сигурен и засилен надзор кога се на слобода и тие се опасност за децата, а општеството нема изградено сигурен третман и мерки за спречување на рецидивизмот, вели Змијанац.

Бројни контроверзии ја опкружуваат оваа тематика особено во делот на ефективноста на хемиската кастрација. Бидејќи ефектот не е траен, постои ризик педофилот да биде одново во состојба да го повтори делото.

Превентивни мерки кои би можеле да се преземат со цел да се намалат случаите на педофилија и покрај хемиската кастрација се мали. Досегашната пракса покажува дека сторителите на вакви дела и по издржувањето на казната најчесто го повторуваат истото дело.

-Сметаме дека во правец на превентивно делување би било воведување на комбинација на повеќе мерки паралелно од кои една би била хемиската кастрација, но во комбинација со вградување на локатори или мобилна електронска алка со што би се имало увид во секој момент каде се наоѓа сторителот на кривичното дело и со тоа би се делувало превентивно, истакна Змијанац. Според него, овие активности би требало да ги мониторира специјално оформен тим за тоа кој би бил склоп на соработка помеѓу полицијата и Центарот за социјална работа. Посебно внимание треба да се посвети на нивната ресоцијализација. Една од опциите за ресоцијализација е модел на затвор-болница со целосна изолација на сторителите на вакви кривични дела, каде ќе може стручен тим да работи со нив и каде ќе имаат можност сторителите на овие дела преку општокорисна работа да се изреализираат и секој во рамките на своите работни способности да даде свој придонес. Македонското Министерство за правда работи на амандмани со кои ќе се дозволи регистрација на педофили и силувачи. Имињата на 68 македонски граѓани кои се осудени за сексуални напади врз деца, ќе бидат објавени на интернет. Листата ќе содржи фотографии и сите лични податоци на осудените педофили. Владата очекува дека оваа листа ќе придонесе за засилена борба против педофилијата во земјата.

Како постапуваат социјалните работници со децата - жртви на педофили
Во случај кога е откриена жртва на напад на педофил, тим од педагог, психолог и социјален работник работат на рехабилитација на жртвата. Самиот процес на рехабилитација е трауматичен за детето бидејќи со секое едно испитување кое се врши жртвата се потсетува на случајот. Ноќно мокрење, петелчење, несоница, страв од ноќ и затворен простор, страв од лекари и општо страв од средби со луѓе, особено со оние од најблиската околина, се симптомите кои се јавуваат кај децата - жртви на педофил.

-Ние работиме на тоа сеќавањата кои ги има жртвата да се надминат, заборават и минимизираат за да може повторно да биде воспоставена релација со луѓето кои не им мислат лошо на децата. За жал траумите најчесто остануваат до крајот на животот, вели Крсто Маљановски, директорот на Центарот за социјална работа.

(С.Р. О.Ч.)


http://vecer.com.mk/?ItemID=6C381E2100D98A4783310568FCD89C55

 

ВЕЧЕР петок, 06 април 2012 :: Бр. 14960