Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42

Две години ги нема ни живи, ни мртвиБЕЗУСПЕШНА ПОТРАГА ПО ТРИ ИСЧЕЗНАТИ ДЕЧИЊА

Валентина Стојанчевска

Седумгодишниот Митат и петгодишните Дане и Мирсада, исчезнаа во рок од еден месец, во крајно мистериозни околности

 Семејствата Мемеди Хелдовиќ и Ибраими ги обедини болката. Веќе две години безуспешно трагаат по своите дечиња на возраст од пет и од седум години, кои исчезнаа во крајно мистериозни околности. Стравуваат дека нивните најмили биле киднапирани, но не сакаат да прифатат дека, можеби, никогаш повеќе нема да ги видат. Секој ден ги мачи неизвесноста, не знаат каде и со кого се, ниту пак, дали се живи или мртви.

Прво трагата му се загуби на седумгодишниот Митат Ибраими, од скопско Средно Коњаре. Последен пат бил виден на 19 март 2010 година во близина на реката Пчиња. Иако надлежните се сомневаа дека најверојатно паднал во реката и се удавил,  сепак неговото тело никогаш не беше најдено. По само осум дена исчезна и петгодишниот Дане Мемеди, од кумановската населба Средорек. Момчето едноставно го снемало додека си играло во близина на својата куќа. По петдневната потрага на нуркачите во реката Кумановка, потрагата беше прекината, а телото никогаш не беше најдено. Неговите родители веднаш се посомневаа дека некој го грабнал нивното најмило, а не дека се удавило. По само шеснаесет дена исчезна и неговата врсничка Мирсада Хелдовиќ. И неа како земјата да ја проголта бедејќи по пет минути откако излегла од куќата за да си игра во дворот, ја снема. Нејзината сестра-близначка и по две години ја бара. Семејството на девојчето веднаш се посомнева дека е грабната бидејќи забележале сомнителен црн џип со бугарски регистарски таблички, кој се движел во малото. Но, сомнежите останаа непотврдени и сведени на шпекулација.

По мистериозните исчезнувања, кои се случија за многу краток период, се огласи и министерката Гордана Јанкуловска, која убедливо истакна дека децата не се киднапирани, односно не биле жртви на трговци со човечки органи. Претпоставуваше дека децата настрадале во несреќни случаи и се удавиле во реките  во близина. Сепак нејзината изјава не успеа да ги смири другите родители, кои панично почнаа да се грижат за безбедноста на своите деца, бидејќи телата на исчезнатите никогаш не биле најдени. Од  МВР велат дека истрагата за исчезнатите се уште трае, а Фокус посочуваат и дека се активни и меѓународните потерници, кои беа распишани во случај децата да биле однесени надвор од земјата.

  Од Првата детска амабасада ,,Меѓаши“, пак велат дека иако надлежните институции тврдат дека постојано и енергично се борат против трговијата со деца, сепак реалноста е поинаква.

-          На родителите на три исчезнати деца се уште не им е одговорено дали нивните деца се продадени и дали се жртви на современиот организиран криминал, кој се заснова на незаконско здобивање профит од киднапирани деца. Овие деца можби, се  жртви на најлошите форми на злоупотреба на детскиот труд, како детска проституција , порногрфија, како и производство и продавање на дрога или пак, се дел од синџирот на трговија со деца и со детски органи- вели Драги Змијанац, директор на ,,Меѓаши”.

  Тој изразува и сомнеждека, сепак овие деца се жртви на организиран криминалпоради што упати порака до МВР да не ја исклучат оваа веројатност.

  Укажува и дека децата од селските средини и од сиромашни семејства се најчеста цел на криминалот со трговија со деца. Во изминативе десет години исчезнале педесетина деца, од кои дури 48 биле пронајдени, од кои три мртви.

ГИ БАРААТ ЕДНА ДЕЦЕНИЈА

Трага се уште нема од Љунтурије Исени од скопско Трубарево, која исчезна уште во 2000 година, кога била на возраст од пет години. Таа е една од близначките што паднаа во реката Вардар. Другото близначе беше пронајдено удавено, Љунтурије исчезна. Се трага и по Сунај Шакири од скопско Крушопек, кој исчезна во 2002 година, на тригодишна возраст. Си играл во близина на Вардар, по што му се губи секаква трага.