Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42


17 ти мај - Меѓународен ден на СОС линиите за помош и поддршка на децата17 ти мај се одбележува како меѓународниот ден на СОС линиите за помош и поддршка на децата низ целиот светот, а воедно се одбележува и Светскиот ден на телекомуникациите и информатичката технологија.

Child Helpline International * е меѓународна мрежа која ги обединува СОС линиите за деца од целиот свет и е составена од 155 членки во 133 земји во светот. Во оваа меѓународна мрежа е членка и Првата детска амбасада во светот Меѓаши* преку СОС телефонот за деца и млади 0800 1 22 22 како директна служба за помош и поддршка на децата..

Линиите за помош на децата им овозможуваат на децата, младите и родителите да се обратат некому кога им е потребно, кога имаат проблем или кога е прекршено некое детско право. СОС телефонот им овозмоѓува на децата  да разговараат со некого, некој кој ќе ги сослуша и разбере, служба к0ја ќе обезбеди безбедна и доверлива средина.

Оваа година на меѓународниот ден на линиите за помош на деца се става акцент на темата: „Улогата на СОС линиите и современите технологии, во заштита на девојчињата од злоупотреба и насилство.“

Податоците добиени од Меѓународната мрежа на СОС линиите говорат дека во 2010 година бројот на повици на сите СОС линии за деца во светот изнесува 28 000 000 повици и дека девојчињата и младите жени отсекогаш сочинувале повеќе од половина од јавувањата поточно 55 % од остварените контакти и повици за помош.

Можеме да констатираме дека и на СОС телефонот за деца и млади при Детската амбасада Меѓаши во 2011 година 56 % од лицата кои пријавуваат прекршување на правата на децата се од женски пол.

Воедно може да забележиме дека најизложени на насилство и злоупотреба се токму децата од женски пол со 47 % од вкупниот број на деца.

Како група, девојчињата и жените се поизложени на различни форми на насилство како што се физичко и психичко насилство, сексуална злоупотреба, комерцијална експлоатација и трговијата со деца и возрасни.

СОС телефон за деца и млади при Првата детска амбасада во светот Меѓаши    0800 12222

СОС телефонот за деца и млади функционира веќе 19 години (од октомври 1993 година) и досега се регистрирани над 18.250 повици. Детскиот СОС телефон претставува служба за директна помош и поддршка на децата, младите и нивните семејства.

Постоењето на СОС службата  е од исклучителна важност за обезбедување на првични информации, тој е индикатор за состојбата на децата во нашата држава и претставува помош за децата и обезбедува правна и психосоцијална подршка на децата и младите.

Злоупотребени,силувани, киднапирани и исчезнати, како и брутално претепани деца се дел од повиците на СОС телефонот 0800 1 2222. Децата претставуваат ранлива група во секое општество.

Линиите за помош на деца им ја даваат можноста на децата да добијат помош и да ги изразат нивните проблеми.  Функцијата на СОС телефоните е од огромно значење и важност, бидејќи тие претставуваат значаен механизам на поврзување со децата што овозможува гласот на секое момче и девојче да биде слушнат. Нивната мисија е да одговорат на детските потреби за грижа и заштита. Добро е да се знае дека од помошта/поддршката децата ги дели само еден телефонски повик.

Податоци од СОС годишниот извештај за 2011 година

На СОС телефонот за деца и млади 0800 1 22 22 во текот на 2011 година се регистрирани 235 повици со кои се опфатени 462 деца.

Децата се најнезаштитени онаму каде што треба да се најзаштитени (во домот, во училиштето, во другите институции кои се надлежни да овозможат непречено остварување на правата на децата

• 84 деца од вкупниот број на евидентирани случаи биле незаштитени и изложени на насилство во своето семејство што одговара на 17.61 %

• 86 деца биле незаштитени и изложени на насилство во своето училиште што е 18.03 % од вкупниот број случаи.

• 86 деца биле изложени на институционална злоупотреба (проблем во утврдување на надлежност и одговорност меѓу државните институции, ненавремено реагирање, непочитување на детското мислење во постапки кои се од значење за децата, дополнителна виктимизација и стигматизација на деца кои веќе биле жртви…)

Хармонизација со европскиот број 116 111 и финансиска оддржливост на СОС телефонот за деца и млади

СОС телефон за деца и млади при Детска амбасада Меѓаши е поддржан од Child Helpline International во напорите кои ги прави за имплементирање на препораките од Комитетот за правата на детето при Обединетите нации кои Комитетот ги испрати до Владата на Република Македонија во Јуни 2010 година. Каде станува збор за хармонизација на СОС телефонот за деца и млади при Детската амбасада Меѓаши со меѓународниот број 116 111, за овозможување на 24 часовна достапност од сите телефонски оператори и за добивање на финансиска поддршка од државата како и да се користи како извор на податоци при формирање на политиките и законите на правата на детето, секако се во најдобар интерес на децата.