Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42


12 Април Меѓународен ден за децата на улица

Меѓународниот ден за деца на улица за прв пат беше меѓународно одбележан на 12 април 2011 година од страна на Конзорциумот за деца на улица (GSC), една од водечките меѓународни мрежи за остварување на правата на децата на улица во светот. Кампањата се одбележа во Националниот театар во Лондон, каде се изложија фотографии од деца на улица, а го прославија децата на улица, невладиниот сектор, политичари, славни личности, компании и индивидуалци од целиот свет.


            Децата на улица во целиот свет оваа година ќе имаат можност преку одбележувањето на Меѓународниот ден за деца на улица да бидат слушнати. Овогодишната кампања е насловена ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ. Оваа меѓународна кампања треба да овозможи милиони деца од целиот свет да бидат слушнати од страна на Владите во светот. Тие се заветиле и треба да ги почитуваат правата на сите деца во светот, да направат обиди децата на улица да ги вклучат во училиште со отворање на дневни центри за деца на улица како привремена мерка до трајното решение.

Сите земји ја имаат потпишано и ратификувале Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето (освен САД и Сомалија) имаат законска обврска да работат во насока на обезбедувањето на детските права, како и на одредбите од Конвенцијата на националното законодавство.

Конвенцијата го пропишува правото на секое дете за заштита, учество и превенција од секакво зло. Универзално е прифатено дека сите деца треба да ги имаат овие права, но многу Влади сеуште ги немаат обезбедено условите за вклучување на децата на улица во општеството.
            Децата на улица ги имаат истите права и имаат ист потенцијал како и сите други деца. Првата детска амбасада во светот Меѓаши се приклучи на повикот Владите и општеството да се здружат и да се залагаат за правата на децата од целиот свет. Да се биде дете на улица не е кривично дело и наместо да се третираат како криминалци властите треба да ги увидат причините за однесување на децата на улица и да се обезбеди поддршка.

            Децата на улица се деца кои го поминуваат својот живот под ведро небо. Понекогаш тоа се сирачиња, некои од нив се заболени од ХИВ/СИДА или се зависници од опојни други, или оставени од своите семејства кои живеат во сиромаштија и немаат можност да се грижат за нив. Често се предмет на трговија со деца каде како цел се јавува потребата преку нив да се заработува односно ги оставаат да питачат но исто така и за сексуална експлоатација, присилна работа или се жртви на ланецот трговија на органи. Во нашата земја сеуште не постои темелна проценка на оваа појава. Според проценката на Првата детска амбасада во светот во Македонија има околу 2000 деца кои секојдневно се на крстосниците, на улица, питаат, мијат прозорци на автомобили, продаваат под ведро небо. Вкупната бројка на деца кои не започнале со задолжителното образование досега е 18.500 деца, а дури 200.000 возрасни не успеале да го завршат основното училиште. За жал од вкупната бројка деца на улица има од 500 до 2000 деца кои воопштно не се евидентирани во извод од матична книга на родените.

Во Македонија постојат Дневни центри кои се од привремен карактер и згрижуваат деца од улица. Иако за децата овие центри значат многу, сепак не се решение за нив. Во Скопје постојат четири вакви центри и тоа два кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика и два кои се раководени од страна на невладиниот сектор и тоа Дневен центар „Едукативно-забавен дневен центар за деца на улица“ кој се наоѓа во Шуто Оризари раководен од невладината организација „Здружение за заштита на правата на децата“ и Дневен центар во рамките на Првата детска амбасада во светот Меѓаши. Целта е да се згрижат и оттргнат од улиците но и да се стекнат со основните хигиенски навики, да им се помогне во учењето и да го поминат денот во игра и безгрижност. Во рамки на центрите на децата им се овозможуваат услови за задоволување на основните детски потреби исхрана, облека, следење на здравствената состојба, здравствено осигурување, пријавување во матичната книга на родените, организирање на слободни активности за развивање на детската креативност, организирање на културно-забавни посети и рекреативни активности, програми за мотивирање на децата и нивните родители за вклучување на децата во образовниот процес како и  психосоцијална поддршка и психосоцијална интервенција со децата и со семејствата на децата.

           Дневните центри спред Првата детска амбасада не се трајно решение бидејќи тие работат само неколку часа во денот, што ќе биде со децата потоа од кога ќе заминат од центарот. Тие повторно се на улица. Повторно се принудени на питачење или злоупотреба на нивниот труд. Обидите на Владата во поддршка на оваа ранлива група на деца со отворање на Дневни центри за деца на улица не се доволни. Крајни ефикасни и ефективни мерки во надминувањето на непсименоста, сиромаштијата и злоупотребата на децата од улица и нивниот труд е нивно вклучување во училиште.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши решението на овој проблем го гледа во преземање на посериозни и поголеми напори од страна на институциите во решавање на истиот. Доколку за семејствата кои ги злоупотребуваат децата и нивниот труд се обезбеди вработување барем на еден член од семејството, скромен дом и вклучување на децата во образованието, ќе се намали ланецот на сиромаштија и неписменост. Исто така потребно е децата на улица да се вклучат уште во предучилишното образование.

Кога овие деца би живееле во скромен дом, кога нивните родители ќе располагаат со минимални средства кои сами ги заработиле и кога нивните деца ќе бидат во училиште ќе имаат други навики и потреби. Ќе треба и ќе мора да ги исполнуваат училишните обврски. На овој начин не се ветува дека сигурно ќе се намали сиромаштијата и неписменоста, а со тоа и намалување на бројот на деца на улица, но претставува чекор напред во рушење на тој круг.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши ќе го одбележи Меѓународниот ден за деца на улица. Децата кои го посетуваат Дневниот центар со свој допринос ќе покажат колку е важна потребата секое дете да има топол дом, родителска грижа, да посетува училиште како и остварување на сите останати права предвидени во Конвенцијата за правата на детето. На овој ден во дворот на Детската амбасада Меѓаши со почеток во 11 часот децата ќе настапат со музичка точка, ликовни творби, изработка на оригами и гимнастички точки и ќе покажат дека и тие и сите деца во светот се исти, со исти потенцијали со исти желби и потреби.