Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41

Семејно насилствоСтотици деца насилно втурнати во брак

-Датум: 14.08.2011, 19:09

Малите невести скриени од животот

Девојчињата втурнати во брак, покрај тоа што им е одземено правото на безгрижно детство и образование, имаат големи шанси да бидат заразени со разни полови болести, па и со вирусот ХИВ/СИДА

Четирипати ме продаваа како невеста за 100 евра. Тоа го прави сестра ми, таа е најстара и ми наоѓа мажи. Имам 15 години и сега сум мажена во Битола, имам и дечиња. Подобро ми е отколку на улица, од мажот немам мака, ама свекрвата и свекорот ме тепаат. Во училиште никогаш не сум била, а и не ми требало. Мажот ми вика дека сега децата мора да одат на училиште, ако таму имаат ручек, ќе ги пуштам, вели Рамиза, улично дете од Скопје.

Малолетнички бракови со куп деца

Рамиза несреќно била втурната во четири брака, против своја волја. Таа е дете, а веќе има две свои деца, иако тоа не ја загрижува оти според ромската традиција било нормално девојчињата рано да ги мажат. Таа е огорчена зашто немала свое детство. Сакала уште безгрижно да талка по скопските улици.

Во Министерството за внатрешни работи велат дека само во 2010 година имало 24 кривични пријави против лица кои имале вонбрачен живот со малолетно лице, а за првите 6 месеци од оваа година полицијата интервенирала 15 пати. Според податоци од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, лани со дозвола на родителите биле склучени 28 брака на малолетници, а за првите седум месеци годинава дури 15 такви пара рекле „да“ пред матичар.

Од Државниот завод за статистика велат дека за одбележување е бројот на раѓања кај многу млади девојчиња. Во 2010 година регистрирани се 26 живородени деца од мајки на возраст под 15 години. Но, и бројот на вонбрачните живородени деца е голем, дури 2.958 деца или 12,2 отсто од вкупниот број живородени деца во земјава.

Малолетнички се сите бракови кои се склучени пред полнолетство, кое се стекнува со навршување на 18 години. Законот за семејството дава можност и лица кои не наполниле 18 години да стапат во брак, но со согласност на родителите, старателите.

Правата на децата само на хартија

Според Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации (ОН), бракот склучен под 18 години е кршење на правата на децата. Податоците на Меѓународниот центар за истражување на положбата на жената (ICRW), велат дека во светот има повеќе од 50 милиони девојчиња-невести. Се очекува дека бројката ќе порасне на 100 милиони во следната деценија.

Од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ велат дека со прераното влегување во брак се повредуваат основните права на децата за здрав психолошки развој, заштита на нивното здравје и остварување на правото на образование.

- Ако во тој малолетнички брак се роди и дете, тоа значи дека и родителот во исто време е дете и се наметнува прашањето за подготвеност за воспитување и подигнување на идните генерации. Со прераното стапување во брак, се крши правото на образование на малолетникот кој стапува во брак. Основното и средното образование се задолжителни, а редовното образование се завршува на приближно 18 години. Ако лице стапи во брак пред 18 години, се наметнува прашањето за можноста да го комплетира своето образование, односно да го оствари едното од своите основни права а истовремено да се посвети на новоформираното семејство и исполнувањето на своите брачни и родителски обврски, вели Драги Змијанац, основач на детската амбасада „Меѓаши“.

Од „Меѓаши“ велат дека Комитетот за правата на детето при Обединетите нации во своите завршни забелешки упатени до Владата, посочуваат оти се загрижени за практиката на рано и присилно стапување во брак на девојчињата од одредени заедници, традиционалните бракови кои не се регистрираат кај надлежните власти, но и за случаи на продажба на деца.

Бременоста кај девојчињата е опасна по живот

Според податоците на Американската агенција за меѓународен развој, малолетните девојчиња имаат петпати повеќе изгледи да умрат во бременоста или на породувањето отколку 20-годишна жена. Таква смртност била честа и во земјите во развој со слаба пренатална и постнатална заштита.

Гордана Петровска, шеф на одделението за гинекологија и акушерство во болницата „Систина“, вели дека девојчиња помлади од 15 години, па и на 16 или 17-годишна возраст се недоволно развиени за да може да раѓаат.

- Тие спаѓаат во ризичната група трудници исто како и старите прворотки. Нивните репродуктивни органи се недоразвиени и на таа возраст и растењето с` уште трае. Карлицата им е тесна, па најчесто ако успеат да го донесат бебето до деветти месец, се пораѓаат со царски рез. Станува збор за деца, значи животот е во прашање, можеби и ќе закрепнат од бременоста, но никој не знае каква ќе биде нивната психолошка состојба, вели Петровска.

Во Африка 60 отсто од жените и девојчињата раѓаат без медицинско лице, се вели во податоците на ОН. Во Македонија, минатата година без стручна помош се родиле 32 деца, а надвор од здравствена установа дури 38 бебиња.

Во светот, 70.000 девојчиња од 15 до 19 години умираат за време на бременоста или породувањето, велат истражувања на УНИЦЕФ, но опасноста е голема и за новороденчињата. Тие имаат повеќе изгледи да бидат со мала породилна тежина и недонесени. Девојчињата втурнати во брак имаат далеку поголеми шанси да бидат заразени со разни полови болести, па и со вирусот ХИВ/СИДА затоа што се помалку способни да преговараат со мажот за сигурен секс.

Мали казни за вонбрачно живеење со дете

Според Кривичниот законик, „Полнолетно лице кое живее во вонбрачна заедница со малолетно лице кое навршило 14, а не 16 години, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Истата казна ќе го снајде и родителот, посвоителот или старателот кој на малолетно лице, ќе му допушти да живее во вонбрачна заедница со друго лице или ќе го наведе на тоа. Доколку ова дело е сторено од користољубие, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години“.

Секоја недела по едно девојче станува невеста

На секои три секунди во светот се мажи по едно девојче помладо од 18 години, а во Македонија најмалку еднаш неделно девојчиња се втурнуваат во малолетнички бракови. Ги мажат најчесто родителите, без нивна согласност, понекогаш со маж многу постар од нив. Според истражувањата и извештајот на хуманитарната организација „План“, која работи при Обединетите нации, повеќе од 10 милиони девојчиња годишно се жртви на такви бракови. Иако таквата практика е најраширена во Африка, на Блискиот Исток и во југоисточна Азија и во Македонија голем е бројот на девојчиња-невести, па и мајки.

Марија ТАСЕВ

http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=FEBF4C64A2D27E448567D979FBBFCBE3