Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41


Се зголемува бројот на педофили

- Дојди чичо нешто да ти даде! Во 2010 година бројот на случаи на сексуално насилство врз деца е зголемен за 0,13% во споредба со 2009 година До кога злосторниците за уништување на млад човечки живот ќе бидат поштедени од вистинска казна? Секојдневно млади невини деца остануваат осакатени и истрауматизирани за цел живот, додека злосторниците добиваат минимална и блага казна.

 Во средата беше затворен уште еден грозоморен случај во којшто татко на три малолетни ќерки, кој сексуално ги злоупотребувал, доби само 15 години затворска казна. Во 2008 година исто така беше донесена пресуда 15 години затвор за татко од Велес, кој си ги силувал своите две ќерки од по 12 години. Редакцијата на Вечер дојде до изјава на една жртва на сексуално насилство.
- Јас како дете бев сексуално злоупотребена. Одам на терапии редовно речиси половина година. Ужасно е низ што се поминав овие години на емотивно поле. Тоа се болни луѓе кои никогаш нема да се покајат, никогаш нема да почувствуваат срам. Сето тоа го чувствува детето. Се казнува себеси наместо да го казни педофилот, детето мисли дека самото е виновно. А не е... Не сум била ниту јас виновна. Ниедно дете не е виновно за ништо, вели анонимната жртва за Вечер.
Европските законодавства, а и судиите во државите на Европската унија, немаат милост за педофилите. Се досудуваат најстроги казни, а доминира казна доживотен затвор. Америка се залага за повеќедецениски казни за педофилите. Во Норвешка на педофилите им се вградуваат локатори-микрочипови, така што органите за прогон знаат во секој момент каде се наоѓаат. Во Данска, Русија, Романија и Јужна Кореја се врши хемиска кастрација над педофилите-повратници, во Франција постои опција затвор-болница, а во Канада се практикува по отслужување казна затвор до 20 години, поранешните осуденици да бидат подложени на мерка социјално-судско следење. Еден елемент од оваа мерка е и мобилна електронска алка, која се приклучува на раката на повратникот од затвор. Во земјите кои се сметаат за помалку цивилизирани, смртната казна е единствената пресуда за сторителите.


Според социологот Татјана Стојаноска новите измени на Законот во Македонија за казнување на педофилите се за пофалба.
- Можеби е грубо, меѓутоа сметам дека ќе вроди со плод јавното маркирање. Иако грижата на совест (како внатрешен судија) не им е јака страна на педофилите, сепак, тоа на некој начин ќе биде механизам за спречување во одредена мера на актите. Од друга страна, и родителите ќе можат да ги посоветуваат своите деца и да им укажат секое нудење на некој подарок или услуга од тие лица веднаш да ги пријават и да не ги прифаќаат. Јас сум во тој сегмент дури и поригирозна, за драконски казни. Сметам дека доживотен затвор е една од мерките, бидејќи во најголемиот број случаи педофилот го повторува делото. Значи и по отслужување на казната, тој повторно може да злоупотребува. Во некои земји педофилите ги подложуваат на кастрација, но, сепак, од хуман аспект не сум во потполност согласна со тоа, иако не треба и тој метод потполно да се отфрли имајќи ја предвид траумата што ја доживуваат жртвите, вели Стојаноска.
Македонија е една од земјите во кои наместо да се намалува, има пораст на негативниот тренд на педофилија. Според последниот извештај на СОС телефонот за деца и млади што е отворен во рамките на Првата детска амбасада во светот "Меѓаши" во првите 7 месеци од 2011 година продолжува трендот на пријавување на случаи од страна на возрасни лица во врска со прекршување на правата на децата и сексуална злоупотреба.
Според извештајот во 2011 година од вкупниот број на јавувања 2,83 % се јавувања кои се однесуваат на можни случаи за сексуална злоупотреба, а 2,83 % се дојави за врска помеѓу малолетно лице и возрасен. Овој факт покажува дека се уште се молчи за оваа појава и уште е табу да се зборува за неа.
Првата детска амбасада во светот "Меѓаши" смета дека треба да бидат досудувани максимални казни за сторителите на ваквите кривични дела, а во зависност од тежината на делото, како на пример родосквернавење, извршување на дело на особено грозоморен начин или доколку сторителот на делото е рецидивиство, сметаме дека е потребна да се изрекува и доживотна казна затвор.
За жал, досегашната пракса покажува дека сторителите на вакви дела и по одлежувањето на казната најчесто го повторуваат истото дело.
- Педофилијата е нарушување на сексуалниот нагон во однос на објектот на сексуалното задоволство, при што станува збор за сексуална склоност кон деца кои не достигнале сексуална зрелост. Педофилијата, која исклучиво се заснова на ваквата преференција, е поретка појава. Многу почесто кај исто лице се сретнува и склоност кон задоволување на сексуалниот нагон со деца, но и со возрасни лица. Но, она што е од пресудна важност и што ги прави педофилите одговорни за своите постапки е постоење на свесност и критичност за социјалните норми и социјалната забрана за ваквите афинитети, вели проф. д-р Марија Ралева, психијатар за деца и адолесценти во Универзитетска клиника за психијатрија во Скопје.
Сексуалната злоупотреба на децата, додава доктор Ралева, претставува психолошка траума, а нејзините последици се сериозни и за физичкото и за менталното здравје на децата. Затоа неопходни се навремени и соодветни психотераписки интервенции, проценети за секое засегнато дете одделно. Тоа треба да им се довери на стручни лица (детски психијатри и психолози), уште од почетокот на самото разоткривање на злоупотребата, затоа што секоја натамошна неодмерена и нестручно изведена интервенција може да значи повеќекратно злоупотребување на децата низ системот на заштита, т.е. секундарна виктимизација на децата, тврди Ралева.
Во светот околу еден милион деца годишно се жртви на сексуална злоупотреба, а светските податоци говорат дека само 30 отсто од случаите се откриваат. Статистиките покажуваат и дека децата од женски пол се петпати почесто жртви отколку децата од машкиот пол, односно секое трето девојче и седмо момче се жртви на педофили. Во 90 отсто случаи злоупотребувањето трае повеќе години, а во 10 проценти повеќе месеци. Молкот и табуата за сексуалната злоупотреба над децата, за нивно подведување и трговија од страна на родителите, сега се урнати. Педофилијата била присутна и порано, но за неа не се говорело јавно од повеќе причини, односно од страв, срам и стереотипи дека детето жртва, посебно девојчињата треба да молчат за сексуалното насилство, најчесто од познати возрасни лица. Се позачестени се реакциите за построго казнување на педофилите, барања за одземање родителско право на злоупотребувачи родители и поголема одговорност од државните институции.
За голем број случаи утврдено е дека насилниците на некој начин биле малтретирани или злоупотребувани од страна на родителите или други лица, или пак биле сведоци на злоупотреба. Најтежок вид злоупотреба на деца е сексуалната.

Ивана Рамаданова


http://vecer.com.mk/?ItemID=1C0D26DA1F716B4295E26C07CE057ADC