Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41

Повеќе од 2000 деца работат и питачат по македонските улици-Вторник, 06 Септември 2011 12:30

Проблемот со децата на улица треба да се решава со глобална акција од сите сегменти во општеството.

Најпрвин треба да се разгледаат причините кои довеле до негово појавување, а економската состојба е една од најголемите причини децата да бидат на улица.

- Реалноста покажува дека децата на улица се од дисфункционални семејства, сиромашни и необразовани родители, истакна народниот правобранител Иџет Мемети на Годишната конференција на омбуцманите за деца на Југоисточна Европа што денеска и утре се одржува во Охрид.

На конференцијата под тема „Заштитата на децата од економска експлоатација“ беше потенцирано дека најчесто овие деца се од ромска популација а нивниот број според Детската амбасада Меѓаши достигнува и до 2.000 на територијата на Република Македонија. Децата на улица најчесто се изложени на економска, комерцијална, сексуална експлоација, секојдневна злоупотреба на трудот, трговија со органи, продажба на наркотични средства, питачење, изложување на студ или жештини, без здраствена грижа,  воспитување и образование.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски истакна дека Владата заедно со надлежните министерства промовира координиран пристап кон појавата на злоупотреба на децата и детскиот труд, а се со цел заштита на правата на овие деца. Министерството за социјала пак евидентирало 500 деца на улица а најмладото дете било со месечна возраст.

- Во овој момент се реализираат заеднички акции на Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи и се спроведуваат теренски активности за намалување на појавата на деца на улица. На територијата на Скопје се одземени 6 деца од улица, Куманово 14 деца. За 11 родители издадено е решение за вршење на надзор за родителското право а за 4 се поведени постапки за одземање на родителско право. Сепак потребен е долг процес во кој ќе бидат вклучени сите институции во сузбивање на овој проблем, вели министерот Ристовски кој најави дека акциите на терен ќе продолжат и во другите градови, а ќе бидат отварани и нови дневни и транзитни центри за згрижување на овие деца.

За Драги Змијанац од Детската амбасада „Меѓаши“, Дневните центри се делумно решение кое нема во целост да го реши овој проблем.

- Се додека Владата не направи обиди да ги вклучи сите деца преку локалните самоуправи во воспитно образовниот процес нема да може да се надеваме на целосен успех. Во Дневните центри се до 16 часот, а потоа повторно се на улица и повторно треба да остварат норма зацртана од страна на нивните родители. Затоа треба да се вклучени во воспитно образовниот систем а нивните родители да добијат барем по едно вработување но и да бидат под постојан мониторинг, дали квалитетно го остваруваат родителското право,вели Змијанац.

Според него децата не се социолошко патолошки суштества и грда слика на градот туку последица на слабоста на социјалните структури.

- Центрите за социјална работа не се доволно на терен не вршат строг  надзор врз родителите и не го одземаат родителското право на време и затоа најчесто децата се жртви на нивните родители и слабостите на системот, смета Змијанац.

Супер радио

http://ohridpress.com.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=8369:--2000-------&catid=42:2010-02-11-16-49-30&Itemid=120