Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41

Писмо со апел до Владата на Р.Македонија да го слушне гласот на младите, да ги разгледа нивните барања и да разговара со нив-Писмо со апел до Владата на Република Македонија да го слушне гласот на младите, да ги разгледа нивните барања и да разговара со нив на конструктивен начин.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши денес упати писмо со апел до Г-дин Никола Груевски, Премиер на Влада на Република Македонија, Г-дин Ѓоргe Иванов, Претседателот на Република Македонија и Г-ѓа Гордана Јанкулоска, Министер за внатрешни работи да се побара одговорност од надлежните институции за смрта на младинецот Мартин Нешковски, да се слушне гласот на младите кои демонстрираат поради прекумерната употреба на сила од полициските единици ТИГРИ при Министерството за внатрешни работи,  да се разговара со младите за нивните барања и на конструктивен начин да се слушне нивното мислење и револт.

Во писмото, Првата детска амбасада во светот Меѓаши го упатува овој апел по повод демонстрациите на младите кои траат веќе 7 дена, а кои започнаа како реакција на убиството на младиот Мартин Нешковски, и во кои се вклучени илјадници млади луѓе меѓу кои и малолетници.

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ потсетува дека Република Македонија е потписник на Конвенцијата за правата на детето и други меѓународни документи со кои на децата им се гарантираат и правата кои спаѓаат во групата на граѓански политички права. Од друга страна, како организација за заштита на децата веќе неколку години во јавноста презентираме различни партиципативни иницијативи чии иницијатори и носители се деца и млади, укажувајќи на важноста на детско/младинското учество особено во процесите на одлучување за прашања кои се важни за нив. При тоа ја потенцираме важноста децата и младите да не се набљудуваат како пасивни примачи на влијанија, знаења и искуства на возрасните, туку како луѓе кои со своите потреби, интереси и развојни компетенции учествуваат во својата средина и ја менуваат. 

Со овие демонстрации младите го дигнаа својот глас против полициската бруталност, тие бараат одговорност за убиството на Мартин, за да не се случи истото повторно, за да се спречи можноста од продолжување на насилството во било која форма, директно, структурно или културно насилство. Во овој случај директното насилство заврши најтрагично, со смрт. За жал ова не е првпат, да се потсетиме и на малолетниот Трајан Беќиров кој заедно со неговиот другар биле малтретирани и тепани од страна на припадници на полициската единица Алфи. Децата за да се спасат побегнале  накај реката Вардар. Другарот на Трајан бил фатен, тепан и малтретиран од страна на полицијата додека Трајан успеал да побегне а потоа е најден мртов во реката Вардар.

Младите секој ден мирно демонстрираат, ги кажуваат своите ставови, но досега никој од власта не ги ислуша ниту ги прими на разговор и покрај тоа што протестите траат веќе 7 дена! Први чекори кон промена се воспоставувањето контакти меѓу двете страни и започнување или одржување комуникација и затоа сметаме дека Владата на Република Македонија треба да ги повика Младите на разговор како партнери со кои ќе се потрудат да изнајдат заедничко решение за излез од состојбата која доколку не се реши навреме може и да ескалира со несакани последици, што никој всушност и не го посакува или пак да резултира со гаснење на надежта кај младите дека се можни промените и воспоставувањето на култура на ненасилство во сопствената држава.

Има неколку опции: претставниците на власта да ги поддржат младите, да ги сослушаат и да разговараат конструктивно со нив, почитувајќи ги нивните ставови и мислења или да заземат позиција на моќ и со заплашување да ги отфрлат нивните барањата, или пак како и досега да ги игнорираат. Последниве два начини се почесто практикувани од страна на државните структури иако се многу поопасни и по сигурноста на децата и младите, бидејќи првиот начин кој се заснова на активно слушање и разговор бара редефинирање на сопствените улоги и на поимот авторитет, бара вештини за комуникација и за конструктивно решавање на проблемите, водење сметка за најдобрите интереси на младите, осетливост за потребите на младите и нивните барања, партнерски однос... Но, тоа отвора и можност авторитетот да се загрози и затоа тој најчесто се потпира на заплашување и казнување со што тежи да развие послушност кај младите, затоа се потпира на стравот од казна и последиците кои следат доколку младите се однесуваат на начин кој не е во склад со очекувањата на "авторитетот", наместо да се отвори простор за партиципација, односно слушање и уважување на она што доаѓа од младите. Во таа насока би сакале да посочиме и дека говорот на омраза и повикувањето на насилства треба да се санкционираат, но треба да се има предвид дека со бришењето на некои од социјалните мрежи се ускратува правото на информирање на младите, правото да го изразат своето мислење, правото на здружување, правото на слобода на мислење...

Исто така не помалку важно е да се спречи злоупотребата на овие случувања во политички цели, а особено не за партиски интереси.

Би сакале да потсетиме дека Конвенцијата за правата на детето (КПД) му го признава правото на детето на  учество/партиципација, што значи  детето да биде слушнато и консултирано за работи и одлуки кои се од негов интерес! Учеството/партиципацијата на децата е еден од четирите основни принципи на КПД, покрај правото на опстанок и развој, недискриминацијата и најдобриот интерес на детето. Правото на партиципација експлицитно е потенцирано во член 12 од КПД како слобода на изразување на сопственото мислење и право истото да се земе предвид во сите постапки кои се однесуваат на детето и кои се од негов интерес. Овој член поаѓа од фактот дека:

-          детето е способно да го изрази своето мислење во согласност со својата возраст и развојни можности

-          детето треба да го изрази своето мислење за нешта кои непосредно се однесуваат на него. Ова бара од возрасните многу пошироко да размислуваат за работите кои се во непосреден интерес на децата односно да прифатат дека децата треба да го кажат своето мислење и за многу посерозни нешта отколку вообичаено се мисли (како што сега со овие протести е случај!)

-          на детето треба да му се даде можност своето мислење да го изрази слободно. Возрасните имаат обврска да им овозможат на децата слободно да ги изразуваат своите мислења така што ќе креираат сигурна и поттикнувачка средина за такво нешто.

-          На детското мислење му се посветува внимание и детското мислење се уважува. Ова не значи дека нужно му се излегува во пресрет на секое барање од децата, но значи дека детското мислење се зема предвид како релевантно при донесување на одлуки кои се однесуваат непосредно на нив.

Партиципативните права се особено потенцирани и во следните членови:

 -          член 17 како право на информирање

 -          член 15 како слобода на собирање

 -          член 13 како слобода на изразување

 -          член 16 како право на приватност

 -          член 29 како образование кое ќе ги промовира вредностите на човековите права и демократијата.

 -          член 14 како право на слобода на мислење и веросиповест...

Со оглед на претходно наведеното, уличните демонстрации на младите не се ништо друго освен користење на нивното право слободно да го изразат нивното мислење за инцидентите на полициската бруталност во Македонија. Сега од суштинско значење за Владата е да обезбеди конструктивен и мирен дијалог со младите и да разгледа што тие имаат да кажат, несамо за да се избегне можното насилство на улиците, туку да се постави и знак на демократијата во Македонија.