Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41

Петнаесет месеци од мистериозните исчезнувања -Време, број 2284, 30.06.2011Полицијата не знае кадесе трите исчезнати деца

Поминаа петнаесет месеци откако исчезнаа три деца од Скопско и од Кумановско, за кои ниту полицијата ниту нивните фамилии немаат никаков абер. Иако полицијата за пронаоѓање на сите три деца побара помош и од Интерпол, истрагата се уште нема никаков конкретен ефект. На 19 март, пред една година во скопското село Средно Коњари во близина на местото Јелдзе исчезна Митат Ибраими, кој имаше само осум години. Тој на себе носел горна зелена тренерка, сини фармерки и кафени чизми. За него се претпоставуваше дека паднал во реката Пчиња, но и покрај нуркачите што го пребаруваа коритото телото на малиот Митат не беше пронајдено.

На 27 истиот месец, од кумановската населба Средорек исчезна и Дани Мемеди, кој тогаш имаше пет години и кој последен пат бил виден како на себе носи бели панталони и шарена блуза. И за него постоеше сомнеж дека се удавил. На 12 следниот месец од истата населба во Куманово се губи и неговата врсничка Мирсада Хелдовиќ, која била облечена во црвена блуза, сини фармерки и црни патики.

За жал, по една година од овие немили настани ретко кој се присетува на нив.

За сите информации граѓаните се информирани и преку интернет-страницата на полицијата, но, за жал, и овој потег се уште не довел до некој резултат во потрагата.

Најголемата мистерија што остана во минатото е црниот џип за кој многубројните сведоци велеа дека е можно со него да биле однесени децата. Тој, како што велеа тие, бил без регистарски таблички додека луѓето што се наоѓале во него еден ден пред исчезнувањето со апарат ги сликале децата.

Исчезнувањето на деца во земјава почна уште во раните 90-ти години на минатиот век, за кои се уште не се знае дали се живи и здрави. Според анализите, од самостојноста на земјата мистериозно се исчезнати дваесетина деца. Официјалните податоци, пак, на МВР велат дека од 2000 до 2009 година како исчезнати биле пријавени 51, а од нив биле најдени 49 деца. Од нив четири биле починати.

Стручњаците велат дека покрај потерницата полицијата треба да преземе и оперативни мерки за пронаоѓање на овие деца.

- Случаите, за жал, застаруваат, а колку повеќе застарува делото толку во корист му оди на сторителот - вели професорот по криминологија Владимир Пивоваров.

Веднаш по оваа серија мистериозни исчезнувања на деца во април минатата година министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска изјави дека полицијата не отфрла и ги испитува сите можни сценарија и алтернативи.


http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&ArticleID=163184&EditionID=2348

http://childrensembassy.org.mk/default-mk.asp?ItemID=AC8972314B87684AA0BF19679EEA301B