Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41

Од Дом на Свое!Првата детска амбасада во светот Меѓаши во Ноември 2011 започна со реализација на регионалниот проект „Од Дом на свое” (“From Foster to Prosper“) како партнерска организација на Open Media Group од Хрватска, носител на проектот, а во соработка со невладини организации од Србија и Словенија. Овој проект е финансиран од Европската Комисија и има за цел да обезбеди активно социјално вклучување на младите од установите за сместување на деца и младинци без родители и родителска грижа и оние кои ги напуштиле овие установи, да промовира нивно вработување и еднакви можности. 

 Преку проектот се очекува објективно и аналитички да се претстави актуелната ситуација на децата и младинците без родители во Република Македонија, нивното образование и процентот на вработеност/невработеност на младите кои ги напуштиле установите за згрижување, но и проблемите со кои се соочуваат во секојдневниот живот.

Проектот ќе се одвива во четири фази, и вклучува: спроведување на истражување, интервјуа со младинците од установите за сместување на деца и младинци без родители и родителска грижа, промотивна медиумска кампања во која гласноговорник ќе биде Весна Петрушевска, која ќе го поттикне интересот на работодавчите за вработување на овие млади луѓе, а дополнително ќе бидат организирани и работилници предводени од стручни лица во кои ќе се понуди обука поврзана со аплицирање за работно место. 

Целосната реализација на проектот е во времетраење од една година, а една од целите која се очекува да биде постигната во финалната фаза е и вработување на овие млади лица во соодветни компании, институции и фирми, според нивните квалификации.