Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41


Молчат, трпат, и не кажуваат кој ги тепа

-Децата се' почесто се жртви на насилство, ама се плашат да зборуваат за тоа. Детската амбасадас Меѓаши ги охрабрува да го пријават малтретирањето

Вознемирени,   истрауматизирани, со ниска самодоверба и со суицидни идеи. Во ваква тешка психичка состојба две деца жртви на насилство неодамна се јавиле на СОС-телефонот за деца и млади (0800 12222) на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Тие се ретките малолетници што сами го пријавиле насилството во домот или во средината во која живеат и учат. Повеќето деца-жртви на насилство најчесто одлучуваат да молчат за кошмарот што им се случува во домот поради страв да не ги изгубат родителите или поради недоверба во институциите и неизвесност што ќе се случува со нив откако ќе ги обелоденат тајните што се случуваат зад семејните ѕидови. За некои од случаите, пак, невладините организации што работат на заштита на децата најчесто дознаваат од блиски роднини, кои одлучиле да проговорат и да му стават крај на насилството на децата.

Од   почетокот на годинава на СОС-телефонот на „Меѓаши“ биле пријавени дури 22 случаја на насилство врз деца. Се' почести се и случаите на сексуална злоупотреба на деца, родосквернавење и педофилија. „Лани, од вкупно 239 јавувања, дури 43 се однесувале на насилство врз децата во домот, во 19 случаи биле пријавено насилство во училиштата, а во 13 случаи децата биле жртви на сексуална злоупотреба“, велат во „Меѓаши“.

Најмалата     жртва на сексуална злоупотреба во земјава има само три години, а најмалиот сторител што извршил сексуално насилство има само 12 години. Ова го покажуваат годишните анализи на МВР, според кои секој четврти ден се случува сексуална злоупотреба на малолетници во земјава. Само лани се пријавени 90 случаи, во кои биле сексуално злоупотребени 75 малолетници, за што се поднесени кривични пријави против 97 лица.

Според    Детската амбасада „Меѓаши“, децата ретко имаат храброст да го пријават насилството, тие се исплашени и се чувствуваат немоќно. Она што најмногу загрижува е тоа што најмладите и најранливите се жртви токму на луѓе од нивното најблиско опкружување – родители, роднини, пријатели, поради што и разоткривањето и обелоденувањето на случаите е се' потешко.

Децата   минатата година најчесто биле жртви на сексуална злоупотреба од страна на познајници, роднини и луѓе блиски до фамилијата, потврдуваат и од полицијата. Полициските билтени се преполни со случаи на насилници што ги намамиле децата во своите домови или искористувале кога биле сами дома за да ги нападнат. Понекогаш ја злоупотребувале и нивната психичка состојба, па со вербални закани, заплашување и физичка сила сексуално ги злоупотребувале.

„Најчесто    децата-жртви се плашат да ги пријават своите родители, бидејќи нивната иднина е неизвесна. Тие сметаат дека подобро за нив е да бидат изложени на постојано насилство отколку да бидат жртви на дополнителна институционална злоупотреба“, укажуваат во детската амбасада „Меѓаши“.

Карактеристично     е дека децата не им веруваат на државните институции во процесот на нивна заштита, поради што избираат да молчат само за да избегнат понатамошни трауми. „Затоа особено е важно државата и сите што се грижат за децата да им овозможат да се чувствуваат заштитено, разбрано и прифатено од своите родители, старателите и од институциите на системот“, велат невладините организации што ги штитат децата.

Првата   детска амбасада во светот „Меѓаши“ ги повикува и ги охрабрува сите деца кои биле изложени на каков било вид насилство, злоупотреба, малтретирање или се сведоци на него, како и возрасни кои можат да помогнат во превенција на насилство да го пријават насилството.

Тие   апелираат родителите, старателите и наставниците да ги научат децата полесно да ги препознаваат своите чувства, болки, трауми и да се охрабрат да зборуваат за нив. Возрасните што се грижат за децата, исто така, треба да се едуцираат со цел навремено да ги препознаат негативните чувства кај децата.

Според    Детската амбасада „Меѓаши“, потребна е и поголема контрола на програмите што се нудат за децата, како и да не се потикнуваат емисии со агресивна содржина и играчки за деца што овозможуваат агресивно однесување. (Д.Т.)

http://www.utrinski.mk/?ItemID=93B821D14FD1374DB9CB364A5043FBB6
 
http://www.youtube.com/watch?v=MIQ2IU5BpcU