Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41

Катанец на куќата каде што две години се случувал инцест-Утрински весник, Број 3589 четврток, 26 мај 2011

Ќерката молчела за инцестот поради страв и закани. Таткото, пак, се брани дека станува збор за одмазда

ГОСТИВАР  - Катанец на железната врата на високата бетонска ограда од куќата на гостиварецот што е осомничен дека две години ја силувал ќерка си. Соседите во шок велат дека за случајот дознале од медиумите. За жителите во куќата, која вчера беше заклучена, велат дека знаат многу малку. За хоророт, пак, кој според полицијата се случувал во нивната улица, ниту слушнале ниту насетувале дека во соседството се крие ужасна тајна. Таткото, според нив, поголемиот дел од времето го минувал во родното село Л...., а поретко доаѓал во куќата во Гостивар.

Инцестот    што го извршил 42-годишниот М. И. врз неговата 19-годишна ќерка, како и обидот да го направи тоа и врз другата ќерка што има 17 години, ја вознемири македонската јавност и е топ-тема во гостиварската чаршија. Полицијата вчера против него поднесе кривична пријава за родоскрвнавење, за што е предвидена затворска казна во траење од 5 до 10 години. Тој е осомничен дека во 2009 година со употреба на сила во повеќе наврати ја обесчестил својата малолетна ќерка, која ја имал од првиот брак. Тоа, според изјавите на ќерката, најчесто се случувало во возилото на татко и', како и во помошен објект до нивната семејна куќа. Меѓутоа, ќерката и нејзината маќеа се плашеле да го пријават случајот бидејќи насилникот им се заканувал дека ќе ги убие. 

Сопругата    на приведениот пред три дена во полиција го пријавила брачниот придружник дека често ја тепа и ја малтретира. И следниот ден, овој пат во придружба на ќерката на нејзиниот сопруг од првиот брак, ја посетила гостиварската полициска станица и пријавила дека девојчето веќе две години било силувано од својот татко. Набргу бил уапсен М.И., а му бил одреден краткорочен притвор во траење од 48 часа, кој истекува денеска во 14 часот. Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ сметаат дека тој треба да остане во притвор се' додека не биде затворен случајот бидејќи имало случаи кога осомничените вршеле притисок врз жртвата да ја сменат изјавата. 

Родоскрвернавената  девојка,  која има пречки во развојот, пред инспекторите изјавила дека нејзиниот татко ја принудувал да имаат сексуални односи. Рекла и дека забременила од него, но потоа ја променила изјавата, тврдејќи дека забременила од невенчаниот маж. Таткото ги отфрлил обвинувањата како невистинити и тврди дека станува збор за измислици на неговата сопруга, како одмазда за нарушените брачни односи.

За  расветлување на овој комплициран случај, покрај тоа што на девојката и' биле земени брисеви, ќе се направи ДНК-анализа за да се утврди вистината.

Случаите   со инцест не се новост за јавноста во земјава. Лани беше обелоденет скандал во Велес кога 42-годишниот татко сексуално ги злоупотребувал своите три ќерки, од кои најстарата имала седум години. И во овој случај, таткото ги негираше обвинувањата, а случајот стигна до судските сали. Жителите на Рашче беа во шок кога пред три години беше откриено дека 37-годишен нивни соселанец со месеци ја тепал сопругата, ја заклучувал во соба, а потоа ја силувал ќерка си. Седумнаесетгодишното девојче било пронајдено од „алфите“ како избезумено трча низ селото, бегајќи од насилниот татко.

Од  Првата детска амбасада „Меѓаши“ укажуваат дека децата најчесто молчат за траумите што им се случуваат, пред се', од срам, страв, потоа за да не го изгубат хранителот во семејството, како и за да не се оцрни семејството. 

Во  минатото голем проблем беа малите казни на кои беа осудувани насилниците. Четириесет и едногодишен тетовец беше осуден на три години затвор поради силување на својата деветгодишна ќерка. Надлежните укажуваат дека сега има поместување во однос на казните што ги одредува судот, но дека злосторствата се' уште не добиваат соодветна санкција. (К.К.-Г.А.)

http://www.utrinski.mk/?ItemID=1E83EF91E88C3E4AB0780C73C8FBBA0B