Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41


Годишна конференција на детските омбудсмани од Југоисточна Европа- Реалноста е таа дека во Македонија како и во останатите општества, има деца кои се на улица. Нашите истражувања покажуваат дека тие најчесто доаѓаат од проблематични и дисфункционални семејства. Со заедничка акција на сите вклучени институции, сметам дека во последно време е направен значаен напредок во однос на градење на стратегијата како да се превенираат ваквите состојби со цел да се решат, истакна Народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети, на Годишната конференција на детските омбудсмани од Југоисточна Европа, која се одржува во Охрид.

Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, нагласи дека станува збор за исклучително сложен проблем кој со децении постои во Македонија и кој не може да се реши преку неколку акции од страна на надлежните.   

- Треба да се постави систем во кој секоја надлежна институција во државата ќе си го најде своето место и ќе ја превземе својата улога во имплементацијата на своите обврски насочени кон дислокација на децата од улица, ресоцијализација и нивна интеграција во образовниот систем. Тоа претставува долг процес во кој не смее да постои политика и кој секоја влада треба да го продолжува поради доброто на децата, рече министерот Ристовски.
Бјорн Хаген, директорот на Регионалната канцеларија за Југоисточната Европа на норвешката „Саве тхе Цхилдрен“, коорганизатор на конференцијата во Охрид истакна дека економската рецесија во текот на изминатите години е една од најголемите причини за  зголемувањето на бројот на деца кои се на улица во регионот.
- Затоа се обидуваме да ги идентификуваме таквите појави и согласно тоа да ги интензивираме нашите активности на терен. Нашата улога тука е преку иницијативата за формирање регионална мрежа на народни правобранители во која сега има 14 членови од 12 држави, да се дејствува преку локалните невладините организации и државни институции и органи за намалување на бројот на деца на улица. Тоа не е проблем што државата може да го реши, туку прашање што бара покомплексен пристап со вклучување на сите чинители, рече Хаген.

Според Драги Змијанац од Детската амбасада Меѓаши, децата кои се на улица се жртви на своите родители и слабоста на системот.
- Вработените од Центрите за социјална рабоота не се доволно присутни на терен, не вршат строг надзор врз однесувањето на родителите и не го одземаат навреме нивното родителско право. Во Дневните центри децата се до 16 часот, а потоа повторно се на улица. Тие треба да се вклучени во воспитно образовниот систем, а нивните родители да добијат барем по едно вработување, истовремено да бидат под постојан мониторинг дали квалитетно го остваруваат родителското право, вели Змијанац.
На конференцијата учествуваат претставници од Обдусманите за деца од 12 држави од регионот на Југоисточна Европа, како и претставници на државни институции и невладини организации чии активности се насочени кон заштита на правата на децата. Во текот на двата дена од конференцијата, ќе стане збор за неколку теми од областа на правата на децата, пред се околу заштитата на децата од економска експлоатација и асоцијалната појава - деца на улица.

http://www.ohridnews.com/index.php?mod=1&kat=4&id=34244