Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41

Децата неми сведоци на насилство-Само осум деца смогнале храброст да пријават насилство во својот дом или на училиште на СОС-бројот на „Меѓаши“

Даниела Трпчевска

Расплакано и вознемирено дете неодамна се јавило на СОС-телефонот за деца и млади на Првата детска амбасадата „Меѓаши“, барајќи помош. Со плачлив глас молело за помош да прекине семејното насилство што го трпи од своите родители. Велејќи дека не може повеќе да издржи, детето раскажало дека неговите родители постојано физички и психички ги малтретираат него и неговите братчиња и сестричиња. Молело да престане насилството, заканувајќи дека, во спротивно, ќе си го одземе животот.

„Се закануваше дека ќе си го одземе животот, бидејќи не сака повеќе да живее со своите родители, туку со бабата и дедото, кои се грижат и го почитуваат. Најпрво разговаравме со детето и се обидовме да го смириме. Откако престана да плаче, го замоливме да ни каже контакт за да разговараме со некој возрасен на кого му верува. Веднаш контактиравме со дедото и со бабата, кои ни потврдија се', дека нивниот син и снаа имаат проблем со алкохолот и дека се агресивни. Им ја објаснивме постапката и институциите што треба да ги информираат и им понудивме психолошка помош и поддршка за нивното внуче“, објаснуваат од детската амбасада.

Откако се алармирани сите надлежни институции за случајот, Меѓуопштинскиит центар за социјална работа донел решение за надзор на вршење на родителското право.

Ова е само еден од неколкуте случаи на семејно насилство кои од почетокот на годинава биле пријавени на СОС-бројот 0800 1 2222. Децата, според невладините организации, се' уште се незаштитени и постојано се изложени на насилство и злоупотреба претежно од страна на возрасни лица. Најголемиот број пријави се однесуваат на проблеми во семејството каде што се нарушени семејните односи.

„Децата молчат и трпат насилство. Тие ретко го пријавуваат насилството, бидејќи се плашат. Оние што се јавуваат се возрасни лица блиски на семејството, сведоци на агресијата на која се изложени децата“, велат од „Меѓаши“. Потврда за тоа е фактот што само осум деца жртви на насилство годинава имале храброст и сами го пријавиле насилството.

Најголем број пријави - вкупно 20 се однесуваат за семејно насилство. Иако се донесоа промени во Законот за семејство во кој строго се забранува каква било форма на насилство во домот, сепак, семејното насилство е тешко да се искорени. „Децата се најголемите жртви и, за жал, тие се неми сведоци на секојдневните случувања. Насилството во домот најчесто е поврзано со консумирање алкохол. Имаме јавувања кога двајцата родители се зависници од алкохол и секојдневно ги малтретираат своите деца“, велат во детската амбасада.

Според Драги Змијанац, извршен директор „Меѓаши“, најчесто семејното насилство го пријавуваат роднини, соседи и пријатели што го забележале проблемот. Голем број од пријавите на СОС-телефонот се однесуваат и на физичко и на психичко насилство врз децата, но и за негрижа врз децата. Најмладите се соочуваат и со прекршување на нивните права при бракоразводни постапки, насилство во училиштата и слично.

„Меѓаши“ препорачува државните институции и центрите за социјална работа да бидат побрзи во утврдување на надлежностите, социјалната инспекција да има увид во работата на центрите и да се казнуваат одговорните за неефикасното работење. Исто така, се препорачува омбудсманот да ги детектира пропустите во заштита на децата и да бара построги казни за сторителите и одговорност од институциите.

„Меѓаши“ бара и хармонизација на бесплатниот СОС-телефон за деца и млади 0800 1 2222 со европскиот шестцифрен број за помош и поддршка на деца и млади 116 111.

http://utrinski.mk/?ItemID=A3289FE7FFDCDC41BA2000885004B898

http://www.youtube.com/watch?v=8jTOcap6HX4

http://www.youtube.com/watch?v=0YMRRSI1jIM

http://www.youtube.com/watch?v=efgpOPhnf6E

http://www.youtube.com/watch?v=Nf4g8Q_beMk

http://www.youtube.com/watch?v=yRKR0xwRW6M