Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Владата глува за СОС-телефонот на „Меѓаши“Надлежните институции многу малку се повикуваат или воопшто не ја користат Конвенцијата за правата на детето и даваат објаснување дека не може директно да ја применуваат

Децата и понатаму молчат и трпат насилство, а најголем дел од пријавените случаи на непочитување на правата на децата во 2010 година е поврзан со кршење на правата на децата при бракоразводни постапки, покажува Годишниот извештај за работа на СОС-телефонот за деца и млади и бесплатната правна помош при Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Од Амбасадата велат дека СОС-телефонот за деца и млади 0800 1 2222 како служба од јавен интерес за директна помош и поддршка на децата и нивните родители с` уште не е финансиски поддржан од државата, иако тоа е една од препораките што Комитетот на Обединетите нации за правата на детето ги упати до Владата.

Децата трпат, возрасните се јавуваат
 
Според „Меѓаши“, во 2010 година на СОС-телефонот биле регистрирани 239 пријави на различни случаи на прекршување на правата на децата, а лани продолжи трендот возрасни лица да се јавуваат барајќи совети, информации или да изразат загриженост кога биле сведоци на случаи на кршење на детските права. 
 
- Од вкупниот број пријавени случаи над 87 отсто беа пријави добиени од возрасни, а само близу 8 отсто беа пријавени од деца. Тоа покажува дека најмладите и понатаму се плашат да зборуваат отворено за кршењето на своите права, што од друга страна покажува низок степен на доверба дека институциите ќе им помогнат. Стравот, несигурноста, ниската самодоверба, недовербата во институционалната заштита и неинформираноста за службите кои треба да обезбедат помош и поддршка се најчесто причината поради која децата молчат, го трпат насилството и ретко говорат за истото - велат во „Меѓаши“. 
 
Во некои случаи  граѓаните се обраќале за помош и со директни посети во СОС-службата на Детската амбасада и преку електронска пошта.
 
Од „Меѓаши“ велат дека најголем број од пријавите се поврзани со кршење на правата на децата при бракоразводни постапки, па лани биле регистрирани 46 вакви случаи. Најчести се проблемите поврзани со доделување старателство врз децата без притоа да биде земено предвид мислењето на детето - со кој родител сака да живее, проблеми поврзани со остварување на правото на видување на родителите со децата, остварување на правото на алиментација, но и јавувања поврзани со промени во психичката состојба на децата во периоди на развод и нарушена комуникација меѓу нивните родители.
 
Случаите на семејно насилство - 43 се следни на листата со пријавени случаи на кршење на правата на децата. Во ова категорија 25 случаи се однесувале на физичко, седум на психичко насилство, а 11 пријави се за негрижа или запоставување на децата од страна на родителите.
 
- Случаите на физичко и психичко насилство во с` поголем број се јавуваат како последица на зависност и користење алкохолни или наркотични средства од страна на насилникот. Најчести жртви на овој вид насилство се децата на возраст од 7 до 13 години, а кои потекнуваат од урбани средини или истите едноставно повеќе го пријавуваат насилството, за разлика од оние во помалите средини кои немаат доволно информации каде да се обратат кога се жртви на насилство од родителите.
 
Бесплатна правна служба
 
Добиените  податоци говорат дека и насилството во училиштата продолжува да расте, па во 2010 година на СОС-телефонот беа пријавени вкупно 19 случаи кои се однесуваа на физичко и на психичко насилство на релација наставник-ученик, како и на релација ученик-ученик. Седум пријави се однесувале на психичко насилство од страна на наставници кон ученици, а четири беа случаи на физичко насилство помеѓу наставник-ученик, а исто толку пријави имало и за физичко насилство помеѓу ученици. Карактеристично е што три од четирите случаи на физичко насилство на релација наставник-ученик се случиле во училишта кои се наоѓаат во руралните средини. 
 
Во „Меѓаши“ лани биле пријавени 13 случаи на сексуална злоупотреба и педофилија, меѓу кои и пријави на случаи на прикажување на фотографии од деца и млади со сексуална содржина на интернет.
 
СОС-телефонот претставува директна служба за помош и поддршка на децата, младите и нивните семејства и им овозможува со само еден телефонски повик да добијат помош и информации, стручен совет, психосоцијална поддршка или едноставно да разговараат за проблемите со кои се соочуваат. 
 
- Нашите оператори не нудат готови решенија за проблемот, туку се нудат можни алтернативи за решавање на истиот со цел јавувачот да успее сам да дојде до решението. На телефонот работат стручни лица- педагог, психолог, социјален работник и правник, а во активностите се вклучени и волонтери, кои најчесто се студенти и дипломирани лица од факултетите по педагогија, психологија, правни студии, Институтот за социјална работа и други. Паралелно со СОС-службата функционира и бесплатната правна служба која постапува со писмени обраќања до различни државни и социјални институции. Во текот на 2010 година бесплатната правна служба постапуваше со 105 писмени обраќања до соодветните институции и во сите случаи баравме заштита на децата, нивните права и интереси. Од надлежните институции секогаш бараме да н` информираат за мерките и за активностите што ќе бидат преземени од нивна страна, за да може активно да го следиме случајот и повторно да реагираме доколку е потребно. Практиката покажува дека надлежните институции при своето работење многу малку се повикуваат или воопшто не ја користат Конвенцијата за правата на детето и даваат објаснување дека не може директно да ја применуваат, иако во случај на колизија меѓународните конвенции се во супериорна позиција во однос на националните закони - велат од детската амбасада.
 
Игор Шегавиќ
 
http://dnevnik.com.mk/?ItemID=00D8419391031047BB0ED832D28C435C