Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Сурова приказна за едно уништено детство

Детскиот плач ја открил голготата на деветгодишното момче кое било изгладнувано и заклучувано од мајка си

 
Даниела Трпчевска

Детскиот   плач кој постојано се слушал од куќа во внатрешноста на земјава ја открил голготата која му се случувала на незаштитеното момче кое било заклучено дома речиси цела година. Социјалните работници тврдат дека со месеци се обидувале да го спасат детето од рацете на мајката, која го заклучувала и го изгладнувала, не дозволувајќи му да оди на училиште, што фрла сосема нова светлина на случајот. По една година живот во страв и траума, детето конечно е одземено од мајката и сместено во институции. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека ќе бидат поднесени кривични пријави за двајцата родители поради запуштање и негрижа за сопственото дете. Момчето по една година изолација, деновиве повторно се врати на училиште меѓу другарчињата. Со него ќе работи мешовит тим за надминување на траумите што ги доживеало за време на едногодишната изолација.

За   оваа шокантна животна приказна се заинтересира и народниот правобранител. Оттаму велат дека побарале детални информации околу целиот случај и ќе бараат одговорност од двајцата разведени родители, како и понатамошна заштита на правата на детето, кое изминатата година воопшто не одело на училиште. „Ја разгледуваме и опцијата да предложиме на институциите да одредат нов старател за детето, кој што ќе му ја даде потребната грижа и љубов“, велат од кај омбудсманот. 

Приказната   за деветгодишно дете кое цела година живеело изолирано без другарчиња и родителска грижа, изгладнувано и запоставувано од својата мајка ја шокираше јавноста. Случајот пред неколку дена го обелодени детската амбасада „Меѓаши“ по пријава на нивниот СОС-телефон за голготата која се случувала изминатиот период.

Но,   суровата приказна за едно уништено детство, за солзите кои со месеци никој не ги слушал и за заканите и насилството со кое се соочиле социјалните работници при обидот да го спасат запуштеното дете, започнала многу поодамна. Детето кое до својата седма година било чувано и згрижено од својата баба, пред две години го продолжило животот во нова средина – најпрво со татка си и неговата втора жена, за на крај да заврши заклучувано и изгладнувано од мајка си и нејзиниот невенчан сопруг. 

Со  цел да дознаеме што се случувало изминатата година, стапивме во контакт со Центарот за социјални работи во Гевгелија. Папката за овој комплексен случај е преполна со документи што сведочат за битката која се водела за да се спаси деветгодишното дете од измачувањето што го трпело во неговиот дом. Од  Центарот за социјални работи во Гостивар велат нивната битка за пронаоѓање на детето и одземање од несовесната мајка траела со месеци. Клопчето на целата приказна започнало да се одмотува откако таткото, кој имал старателство над детето, во еден момент одлучува да и' го довери детето на мајката, за што потпишал и писмена согласност во скопскиот Центар за социјални работи. 

„Иако  мајката е наркозависник, таа го добива правото да се грижи за детето и го запишува на училиште, но тоа не ја посетува наставата, за што во декември лани почнавме да добиваме известување од школото“, објаснува директорката на гевгелискиот Центар за социјални работи, Стана Петрова.

Од тој момент, па во наредните неколку месеци се случувала вистинска потрага по малото момче. Социјалните работници тврдат дека оделе на домашната адреса за да проверат што се случува со детето, честопати како „детективи“ се распрашувале и истражувале, но сето тоа било безуспешно.

Работата  стигнала и до полицијата откако добиле пријава дека се слуша детски плач во куќа во град во внатрешноста на земјава. „По пријавата, социјални работници одеа на посочената адреса, но оттаму не се слушаа никакви гласови. Не можевме насила да влеземе во куќата“, тврди Петрова.

Неодамна  детето било пронајдено во едно гевгелиско преноќувалиште, исплашено и само. Социјалните работници веднаш го згрижиле и ја повикале неговата баба, која го чувала детето до неговата седма година. „Детето е згрижено во друг град, со него ќе работат социјалните работници. Веќе почна да оди на училиште, но се' уште постои страв кај него“, велат социјалните работници. 

Ова  не е прв случај на дете кое било запуштено и малтретирано од страна на својата мајка. Само во Гевгелиско во изминатиот период се регистрирани три случаи на семејно насилство, каде што мајките ги запоставувале своите деца. За некои од нив веќе има и судски пресуди.

http://utrinski.mk/?ItemID=69383BB37E46B94FBE4F7844522C6E6B