Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Судовите мора да знаат како да постапуваат со децата

Автор: Искра Опетческа


Соочувањето на децата со правосудните органи е тешко и трауматично искуство. Тие не ги разбираат постапките што се водат пред полицијата или судот. Затоа сe повеќе деца молчат за насилството на кое се изложени, предупредуваат од првата детска амбасада „Меѓаши“  

Судските   лавиринти им предизвикуваат непријатности на најмладите

Влегов    во продавницата, тој ме повлече кон него, почна да ме допира и бараше и јас да го правам истото. Бев исплашена, едвај успеав да се оттргнам од него и да побегнам.

 

Ова   е верзијата на настанот што пред судот ја раскажа 13-годишно девојче од Прилеп, жртва на полов напад од соседот што живеел само една куќа подалеку од нејзиниот дом.

- Се  плашев, но морав и сакав да зборувам пред судот. Го направив тоа зашто не сакам на ниту едно дете да му се случи она што ми се случи мене - вели девојчето.

Тоа   е едно од ретките што собраа храброст отворено да се соочат со полицијата, обвинителот и со судијата. 

Од   првата детска амбасада „Меѓаши“ велат дека најчесто соочувањето на децата со правосудните органи е тешко и трауматично искуство. Децата не ги разбираат постапките што се водат пред полицијата или судот и се плашат од нови ситуации и од непознати лица. Поради тоа, сe повеќе деца молчат за насилството на кое се изложени.

- Децата   се срамат да зборуваат за тоа што им се случило. Понекогаш се чувствуваат исплашено или загубено. Понекогаш, пак, се чувствуваат виновно и напуштено и се плашат дека нема да ги исполнат очекувањата на возрасните. Немаат доверба во институциите зашто мислат дека нема да бидат соодветно заштитени и згрижени. Недовербата, стравот и неизвесната иднина ги замолчуваат децата - велат од „Меѓаши“.

Тоа  му се случи и на 13-годишното девојче од Прилеп, кое поради страв од осуда не им кажало веднаш на родителите што сторил нивниот прв сосед.

- За   она што и се случи на нашата ќерка разбрав од писмото што ми го даде. Во него, таа го имаше опишано целиот настан, но и тоа дека од страв не можела сето тоа да ни го каже низ разговор, па писмото и се сторило најлесен начин да каже што чувствува. Како родители сме задоволни од односот на правосудните органи, иако на распитот во полиција немаше присутен психолог, а на последното судско рочиште, и покрај препораката на психологот ќерката да не доаѓа, таа мораше да се појави по барање на адвокатите на обвинетиот - раскажува Роска, мајката на девојчето. 

Храброста   или стравот на детето да се соочи со судот зависи од возрасните. Од тоа во голема мера зависи и успешноста на постапката, смета психологот Мирјана Јовановска-Стојановска. Според неа, родителите се тие што ја создаваат сликата кај детето што значи одењето на суд и зошто треба да се верува во правосудните органи.

- Родителите   треба да им ги објаснат на децата постапката и причината за поканата на суд. Да го запознаат детето со ситуацијата со која ќе се сретне во судницата, да го подготват за судска расправа. Детето треба да се чувствува прифатено и заштитено од родителот или од психологот што работи со него, да му се објасни дека тоа не е единствено дете што оди на суд. Треба да знае дека е во ред да заплаче, да е вознемирено или нервозно и да има целосна доверба од родителот, да смета на неговата поддршка и заштита - вели Јовановска-Стојановска.

Судијката  Јулијана Јосифовска, раководителка на одделот за малолетници во Кривичниот суд Скопје 1, вели дека успешноста на една судска постапка многу повеќе зависи од тоа како судијата ќе му пристапи на детето, зашто често се случувало децата да останат насамо со судијата поради стравот да зборуваат за проблемите пред своите родители.

 

- Тешко   е да се работи со малолетници, бидејќи тие се наоѓаат во специфичен период од животот, кога растат, се развиваат и се образуваат како личности. Често доаѓаат со страв од судот, па на моменти и не ги разбираат поставените прашања. Се случува малолетникот што извршил кривично дело да не сака да зборува за тоа пред своите родители. Затоа, најважно е прво малолетникот да стекне доверба во судијата. Нашата цел е не да ги казниме, ниту да ги обележиме овие луѓе, туку да ги превоспитаме и воспитаме малолетниците-вели Јосифовска.

Според  нејзините податоци, загрижувачки е фактот дека се зголемуваат бројот и тежината на кривичните дела што ги извршуваат малолетниците. Кражбите, тешките кражби, разбојништвата, па и убиствата влегоа во врвот на листата на делата чии што извршители се на возраст меѓу 14 и 18 години.

Книгата „Одам на суд“ издадена на македонски  

За  полесно справување со појавувањето на децата пред судот и за утврдување на вистината во судските постапки, детската амбасада „Меѓаши“ ја преведе и ја издаде книгата „Одам на суд“ на Марија Кеплер Хамела. Основна цел на книгата е да го запознае детето со ситуацијата со која ќе се сретне во судницата и да го подготви за учество во судска расправа. Во книгата, судот е опишан како голема зграда со многу соби, во кои детето треба да ја каже вистината. Судијата е опишан како човек што одлучува што ќе се случи со луѓето што направиле нешто лошо. Книгата ги подучува децата дека пред судијата мора да ја зборуваат вистината за нешто што виделе или им се случило, но и дека може да не одговорат или да бараат да им се појаснат прашања. Ако се почувствуваат тажно, децата дури може да си ја понесат со себе и својата омилена играчка или кој било друг предмет.  Фотографија: Дарко Андоновски

http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=31411855425&id=9&prilog=0&setIzdanie=22230