Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Шведска протерува две Македончиња
Децата на пет и на девет години веќе три години живеат во дом зашто нивната мајка имала психички проблеми, тие не знаат македонски јазик, но и покрај тоа ќе бидат протерани во Македонија

Шведската влада наредната недела ќе протера две малолетни деца од шведскиот град Лунд во Македонија. Децата се на возраст од пет и од девет години и ќе бидат протерани во „земја чиј јазик не го знаат“, беше потенцирано во повеќе написи деновиве во шведските медиуми.

За адвокатот на децата, Петер Хенриксон, изрекување таква мерка е несфатливо, а поради најавеното протерување двајца шведски лекари упатија протест до генералниот директор на шведското Миграциско биро, Дан Елијасон.

- Од генералниот директор не добивме никаков одговор, но денеска успеав да разговарам со шефот на правната служба при Миграциското биро, Микаел Рибенвик, кој ми соопшти дека можеби повторно ќе го разгледаат предметот - изјави за „Дневник“ Ларс Густавсон, еден од двајцата лекари кои го упатија протестот.

Тој потенцира дека има мошне долго искуство во однос на вакви случаи и никогаш не видел нешто слично. Густавсон вели дека децата зборуваат единствено шведски, а во Македонија имаат роднини кои всушност никогаш досега не ги сретнале. Таткото на децата починал, а мајката се крие како азилант. Мајката и децата дошле од Македонија во Шведска во 2006 година. Таа има сериозни психички нарушувања поради што децата биле згрижени во дом, во кој живееле речиси три години.

Во меѓувреме децата, девојчето и нејзиното помало братче, почнале да одат на училиште и во градинка, така што шведскиот е единствениот јазик што го зборуваат.

Во Миграциското биро не сакаат да коментираат одделни предмети, со образложение дека од нивна страна не се дозволува деца да патуваат сами без да постои сигурност дека ќе бидат прифатени откако ќе пристигнат дома. Бирото било во контакт со надлежните органи во Скопје од каде што се добиени уверувања дека децата ќе бидат прифатени.

- Не се сомневам во добрите намери на македонските органи, и немам никакви забелешки во таа смисла, но станува збор за деца што се чувствуваат мошне лошо и кои би биле одвоени од мајката, која и покрај с` им е единствената цврста точка врз која се потпира нивниот идентитет, нагласува Ларс Густавсон.

„Да се протераат две деца сами без родители е голем срам“, пишува Густавсон на својот блог, додавајќи дека одлуката за протерување на две мали деца во една за нив непозната земја, кај луѓе чиј јазик не го разбираат, ги надминува границите на неговата моќ на расудување.

Контакт со Миграциското биро остварил и шведскиот детски омбудсман Фредрик Малмберг кој вели дека ќе реагираат доколку имаат сознанија дека е постапувано спротивно на Конвенцијата на децата.

 

Ивица ЧЕЛИКОВИЌ

Специјално за „Дневник“ од Гетеборг #