Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Реакција за последните случаи на насилства во повеќе училишта во изминатите месеци и последниот случај со трагичен епилог и смрт

Во врска со последните случаи на насилства во повеќе училишта во изминатите месеци и последниот случај со трагичен епилог и смрта на Мухамед Али Јашари, Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ го изразува својот револт и загриженоста за недоволната безбедност и сигурност на децата во училиштата. Воедно го изразуваме нашето длабоко жалење за смрта на Мухамед Али Јашари.  
 

Дали е потребно да се случи најлошото за да се започне со некакви педагошки и воспитни мерки за поголема безбедност на децата во училиштата? Дали и кога воопшто ќе започне нешто посериозно да се менува во однос на одговорноста на наставниците, психолошко-педагошките служби и директорите во училиштата како главни и одговорни не само за успехот на учениците туку и за нивното воспитание и поведение во училиштата? Овие прашања и потреби на децата, родителите и заедницата се наметнуваат повеќе години наназад со очекување Министерството за образование да преземе посериозни активности. Убиен е 18 годишен младинец. Тој сакал да му помогне на неговиот соученик Дарко! Смрта се случила во школскиот двор. Кој ќе сноси одговорност за овој случај? Зошто досега не се работеше посериозно на превентивни активности и програми за да се спречат насилствата во училиштата?
 
 Дали конечно Министерството за образование ќе сфати дека воведувањето на активности за ненасилно разрешување конфликти и мировно образование во сите сегменти од образованието може во голема мера да помогне во превенција на насилството?
 
 Речиси нема ден да не се случува насилство во некое од училиштата. Децата се плашат, родителите исто така. Се воведуваат служби за обезбедување а не се работи на превенција од насилство, односно ненасилна разработка на конфликтите. Децата во училиштата не се безбедни. Ниту пак органите за безбедност ја гарантираат целосно безбедноста на децата.
 
Првата детска амбасада долго години се залага за активности за ненасилна разработка на конфликти, особено во мултиетничките училишта и ја промовира идејата за воведување на Мировно образование во Македонија. Мировното образование е клучно за справување со секојдневното насилство во училиштата и околината со распростаранување вредности на мир, дигнитет и почитување на другите во нашата заедница и со обезбедување соодветно ненасилно значење на разрешувањето конфликти во секојдневниот живот на нашите деца и млади.
 
Промоцијата на мирот како основна општествена вредност и исклучувањето на насилството како начин на решавање на кофликтите е најдобра превенција. Мирот и ненасилството значат неприфаќање на неправдата и неправење неправда, тоа е дејствување против неправдата, оставајќи секому шанса да се менува и задржувајќи ја солидарноста со оние кои се изложени на неправда. Во таа насока влијанието преку воспитно/образовните компоненти во училиштата и семејството се клучни за развојот на (не)насилното однесување кај младите.
 
 Мировното образование овозможува рана превенција/интервенција во намалувањето на насилството преку промена на ставовите, верувањата, вештините за разрешување на конфликти и усвојување вештини за позитивна социјална комуникација.
 
 Првата детска амбасада во светот Меѓаши верува дека само со стратешко партнерство меѓу владините образовни институции, граѓанските организации, медиумите како и посветените индивидуалци и родителите можат да создадат училишта без насилство и да учествуваат во развој на култура на мир дозволувајќи Македонија да расте без закани од насилство.