Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Првата детска амбасада – Меѓаши, цело време е верна на децата, будна на сите неправди кои ги нарушуваат детските права.

Проф.д-р Мариа Доневска

Институт за социјална работа и социјална политика

Филозофски Факултет-Скопје

Првата детска амбасада во светот –Меѓаши претставува феномен во македонското граѓанско движење. Од самиот почеток, на романтичен порив на македонските граѓани кои се во потрага, како би рекол унгарскиот филозоф Иштван Бибо за „мали сфери на слобода“, ја формираат како невладина организација.

Меѓаши, цело време е верна на децата, будна на сите неправди кои ги нарушуваат детските права. Меѓаши секогаш има нови идеи и иницијативи. Почнувајќи од спасување и згрижување на деца од Босна и Херцеговина, преку организација на спортски, ликовни и образовни активности  во кампови за деца за време на косовскиот конфликт, по внатрешниот конфликт  во Македонија, згрижиува 16 раселени лица од кризните региони.

Тој хуманитарен пристап е карактеристичен за организацијата во која како член на Управниот одбор сум присутна многу години. Бев вклучена  во доста интересни активности, пред се  како едукатор, а исто така организирав и ги мобилизирав волонтерите-студенти од Институтот за социјална работа и политика при Филозофскиот Факултет да се вклучуваат во активностите на Меѓаши. Заедно  со Гордана и Драги се преместував од просториите наспроти Руската Амбасада , во училишни простории на ОУ "Лазо Трповски"  до конечното седиште во зградата  наспроти поликлиниката „Јане Сандански“  во Скопје.

Во Меѓаши се родија првите идеи, неповторливи и спектакуларни за невладиното движење: детски амбасадори, СОС телефон,  детски работилници, постојан мониторинг на детските права и реагирање во случај на нивно прекршување.

Гордана и Драги, од самиот почеток се поврзани со Меѓаши и се препознатливи личноси во македонскиот граѓански свет, осетливи, но и  арбитрални кога треба да се бораат  за прaвата на детето.