Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Прободен матурант во гимназијата во Драчево

Група малолетници нападнале ученик од четврта година. Еден од нив со нож го пробол матурантот во левата нога, а друг со метална прачка го удрил по главата 

Седумнаесетгодишен ученик, матурант во „Браќа Миладиновци“, во скопско Драчево, е нападнат и со нож ранет во нога од неколку ученици од истото училиште. Нему му се нанесени и повреди на главата, поради што е пренесен и задржан на лекување во Градската болница. Полицијата работи на расчистување на случајот и на утврдување на идентитетот на напаѓачите.

Според информации од МВР, настанот се случил околу 13 часот пред влезната порта на средното училиште „Браќа Миладиновци“. Група малолетници нападнале ученик од четврта година. Еден од нив со нож го пробол матурантот во левата нога, а друг со метална прачка го удрил по главата. Ранетиот раскрвавен паднал на земја, а потоа со такси-автомобил бил однесен во болница.

Професорите и другиот персонал се згрозени од она што се случило пред нивното училиште.

- Дваесет години сум професор во ова училиште и досега не се случил голем инцидент. Имало понекоја детска расправија. Ова е нешто поинакво. Немавме потреба ниту од ангажирање агенција за обезбедување, затоа што сe беше во најдобар ред - вели Елизабета Ангелеска, директорка во „Браќа Миладиновци“.

Во моментот кога група ученици по завршените часови излегувале од училишниот двор, раскажува Ангелеска, дошло до препирка меѓу едно дете од групата и сега ранетиот ученик. Но тогаш еден од групата извадил нож и му го зарил на момчето во нога, а друг, пак, со метална прачка го удрил по главата.

Неофицијално, напаѓачите се ученици од прва година во „Браќа Миладиновци“ и се од Студеничани.

Средношколците понасилни од основците

Насилството е присутно и во основните училишта, а не само во средните, покажа истражувањето што во 2009 година го спровела првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во 41 основно и 24 средни училишта.

На прашањето дали во твоето училиште се случува насилство, дури 56 отсто од децата одговориле потврдно, а 14 отсто изјавиле дека насилство се случува секојдневно.

Според анкетата на „Меѓаши“, на која одговарале 2.234 ученици на возраст од 10 до 18 години, во средните училишта насилството е за 6 отсто позастапено отколку во основните училишта.

Освен насилство меѓу самите ученици, ваков однос, велат резултатите на истражувањето, имало и од наставниците кон учениците и обратно.

Според анализата на „Меѓаши“, 57 од испитаниците познавале деца што биле удрени од наставник, а 35 отсто рекле дека познаваат ученици што насилно се однесувале кон наставниците.

Дали во твоето училиште се случува насилство?

56 % да

14 % насилство се случува секојдневно