Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


" Подадена рака на илјадници деца, жени, старци ..."

Горан Величковски

Се почна пред 15 години, во едно турбулентно и воинствено време. Во тој миг, се уште недооформената Прва детска амабасада во светот "Меѓаши" - Република Македонија се соочи со почетокот на босанската војна. Првата детска амбасада во светот "Меѓаши" од Босна упати апел до сите свои членки да помогнат во спасување на децата од воените жаришта. Гордана Змијанац, координатор на Првата детска амбасада во светот "Меѓаши" во Македонија, Скопје, уште истиот ден преку медиумите упати апел за згрижување на децата од Босна и Херцеговина. На апелот одговорија голем број семејства, но и институции како детски одморалишта, домови, хотели, Црвениот крст, Министерството за труд и социјална политика, како и многу невладини организации. Во истиот миг беа згрижени илјадници деца, жени, стари луѓе. Во текот на наредните две години ДЕТСКАТА АМБАСАДА "Меѓаши" за своите босански "голготци" обезбеди храна, образование, медицински прегледи, часови по изучување англиски јазик, културно- забавен живот, итн. На овој начин Македонија и НВО секторот на светот му покажаа висока граѓанска свест и човечност.

По извесно време, поточно во 1993-1994 година бегалците од Босна заминаа во САД и во западноевропските земји. Во оваа преселба беа офатени над 4000 луѓе од кои 2500 беа деца. Сето ова беше овозможено преку контактите и услугите на Првата детска амбасада во светот "Меѓаши" (Македонија). 

ДЕМИР ЈА НАЈДЕ МАЈКА СИ

Од овој период спомените се проектираат во бесконечна низа. Тоа беше време на солзи, маки, прегратки, очај, време на изгубени деца... Во буквална смисла на зборот – изгубени деца. Ќе се потсетиме на едно такво дете преку текстот на сараевскиот новинар Јово Димитриевиќ.

" Октомври 92. Дождливо време. Во собата 315 од некогашната Це-Ка на Македонија сместена е Детската амбасада Меѓаши во  Република Македонија. Вообичаена атмосфера. Телефоните ѕвонат. Во малиот простор сместени се десетина луѓе- Драги и Гордана Змијанац, режисерот Коле Ангеловски, актерот Миралем Зупчевиќ, десетици волонтери. Луѓе со многу трпение. Секој што дошол мора да биде сослушан. На многумина ќе им се помогне, посебно на децата. На вратата се појави едно момче со бистар поглед, но тажно и преплашено. Прашува- "Ова ли е амбасадата за нас децата". Гордана (Змијанац) му одговара потврдно, а момчето ја почна својата приказна. Ја барам мајка ми. Од Горажде сум. Татко ми остана во Босна, а јас со мајка ми и брат ми дојдовме овде. Пред два месеца во возот кај Куманово ја изгубив мајка ми. Слушнав дека е некаде во Скопје, а можеби и не е... Се викам Демир и ве молам- помогнете ми...Му понудија сок. Не сака. Не сака ни сендвич. Си ја сака мајка си. Саима, Саима се вика мајка ми, кажува низ солзи... Луѓето од Амбасадата почнуваат да вртат по телефоните. Гордана на едниот, Миралем на другиот. Се јавуваат по центрите за бегалци. Го бараат кампот на Водно. Им кажуваат дека таму има една Саима... Ве молам најдете ја, а ние ќе чекаме, порачува Гордана.

Чекаме. Сите бараат, сите апелираат, но Саима никаде ја нема. Да не се преселила на друго место, си велиме. Овде ни беше последната шанса. Демир почнува да плаче. И таман кога веќе сакавме да ја прекинеме линијата, некој од другата страна на телефонот викна- чекајте, еве ја. Демир ја зема слушалката и по десеттина секунди слушнавме крик- мајко, мајко...

По неполн час во Детската амбасада Демир и мајка му се гушкаа..."

МИСИЈАТА ПРОДОЛЖИ ЗА ВРЕМЕ НА КОСОВСКИОТ И МАКЕДОНСКИОТ КОНФЛИКТ

Првата детска мабасада во светот  "Меѓаши"  Република Македонија беше активна и за време на косовскиот конфликт (1999-2000 година). Во партнерство со Каритас- Есен, во камповите Радуша, Стенковец 1и 2, Непроштено, Радуша, Бојане и Чегране, волонтерите на Амбасадата секојдневно организираа спортски, ликовни, образовни и творечки активности за децата бегалци. Треба да се напомене дека Амбасадата "Меѓаши" ја обезбеди и првата дестинација за 107 бегалци, кои од Македонија се преселија во Франција. По ова, многу бегалци (мајки, деца, стари и болни луѓе) по организиран пат беа префрлени од Македонија во Бугарија, Шпанија, САД, Турција, односно во држави кои можеа да им пружат подобри услови за живот. "Меѓаши" се вклучи во несебично давање помош и за време на војната во Македонија (2001 година). Во акцијата влегоа над стотина волонтери кои во прифатилиштето на ПДАС "Меѓаши" згрижија 16 раселени лица (од кои 8 беа деца) од кризните региони во Македонија. Во ова прифатилиште се родија Александар, Марија, Никола... Билјана Јовановиќ е една од мајките што се породи за време на престојот во "Меѓаши". - "Ние живеевме во Арачиново, куќата ни е срушена, но она што ги заменува сите стравови и неубавини е раѓањето на нашето чедо после 8 години живот без рожба. Сега сме сместени во "Меѓаши", а ангелчево наше ни дава желба да истраеме", зборуваше тогаш мајката Билјана.   Секојдневно, раселените деца од тетовско, кумановско и Арачиново овде добиваа љубов, образование, забава и игра. Бележиме две изјави на дечиња што беа дел од прифатилиштето на "Меѓаши".

Санела (12 год.): "Многу добро се сеќаавам кога за прв пат дојдов во Првата детска амбасада во светот Меѓаши. Тоа беше пред точно две години и три месеци, но како да беше вчера. На почетокот бев тажна и ми недостасуваше домот, не спиев навечер и се прашував себеси дали некогаш ќе се вратам дома</span>

Тука, во Првата детска амбасада во светот времето бргу ни поминува и тагата полека одминува. Во амбасадата има многу работилници како: литература, драма, уметност, англиски јазик, француски јазик, математика и компјутери. Јас се дружам со сите деца, но најголем дел од времете поминувам на компјутер. Исто така сакам и спорт, најмногу кошарка. Благодарение на Првата детска амбасада во светотјас навистина ги проширив своите знаења за многу корисни нешта. Иако Амбасадата "Меѓаши" ми е втор дом, сепак сакам да се вратам назад во мојот дом. Којзнае можеби еден ден, мојата желба ќе се оствари."

Ивана (12 год.): "Беше многу тешко да се заборави минатото и моментите кога јас и моето семејство го напуштивме нашиот дом, бегајќи од виорот на војната. Тоа беше на почетокот, но сега е малку поинаку. Можеби немам доволно простор за живеење, но сепак, подобро отколку да се живее во страв. Во рамки на ПДАСМ се најдов себеси. За сето ова, многу им должам на "Меѓаш"и како и на луѓето кои ги среќавам таму секојдневно и кои ми помогнаа многу. Овде секогаш го поминувам времето пријатно, иако имам тажни моменти во моите спомени."

Луѓето кои тогаш беа прифатени од Првата детска амбасада во светот  "Меѓаши" сега се вратени во своите домови. Некои од нив тоа го сторија минатата 2006 година, по петгодишен престој во АМБАСАДАТА  "Меѓаши". Тие никогаш нема да ја заборават подадената рака во мигот кога најмногу им требаше.

Овој текст беше објавен во публикцијата Позитивни примери од Граѓанското општетсво

2007/08