Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Неефикасно постапување на Центрите за социјална работа во случај на 9 годишно дете.           

Првата детска амбасада во светот Меѓаши повеќе пати до сега има увидено нефункционалност во работата на Центрите за социјална работа и прекршување на правата на детето. Последниот пријавен случај на СОС телефонот за деца и млади при Детската амбасада Меѓаши, повторно ја посочува недовоната ефикасност, ригидноста и неодговорноста на Центрите за социјална работа во постапување во најдобар интерес на детето. 

Имено, би сакале да го наметнеме прашањето дали брзината и ефикасноста во решавањето на ваквите случаи треба да зависи од ангажманот на граѓанските организации кои се грижат за заштита на правата на детето. Дали можеби да не беа нашите напори и заложби за соодветно постапување во овој случај, судбината на ова дете ќе зависеше од админитративните процедури кои можеби ќе траеа и повеќе од една година?

Имено, во текот на 2011 година добивавме дојава од  возрасно лице кое сакаше да не информира за состојбата во која се наоѓа 9 годишно дете. Родителите на детето веќе подолго време се разведени. Родителот кој нема старателство не пројавил никаква желба да стапи во контакт со сопственото дете. Дури во 2010  година за првпат изразил желба да го види детето, при што со меѓусебен договор на родителите детето една недела требало да биде со другиот родител. После изминување на договореното време за видување родителот кој не е старател решил дека детето ќе остане со него.

Иако не е во состојба да се грижи, бидејќи има историја на асоцијално, промискуитетно однесување и е долгогодишен корисник на опојни средства, тој цела година не водел грижа за детето, било затворено само дома и  гладно. Цела година не посетувало училиште. Постојано во текот на таа година детето живеело во страв и било занемарувано и злоставувано. Родителот и роднините кои го имале правото на грижа, заштита и воспитување на детето се упатиле до Центрите за социјална работа и до Секретријатот за внатрешни работи со цел да  го земат детето и да го заштитат.

Но нивните барања и реакции не биле сериозно земени предвид. Училиштето во кое детето било запишано правело напори и ги информирало соодветните Центри за социјална работа и имале обид за домашна посета за да се увидат причините за непосетувањето на училиште, но немало некаков резултат. Родителот или не бил дома или не ја отварал вратата.  Центрите на социјална работа, иако имале информација дека тоа дете живее со насилник, во неможноста да утврдат кој од нив е  надлежен да постапува во овој случај,  цела година го оставиле детето незаштитено.

 

Првата детска амбасада во светот Меѓаши писмено се обрати до ЦСР-Гевгелија, ЦСР-Срумица, ЦСР-Скопје, СВР-Гевгелија, Народниот Правобранител,  Социјалната инспекција на Министерството за труд и социјална работа и Државниот просветен инспекторат. Одговор добивме и телефонски контактиравме со ЦСР-Гевгелија кои не информираа дека тие испратиле писмено барање до ЦСР-Струмица, ЦСР-Скопје, но не добиле одговор. Тие беа информирани за состојбата во која се наоѓа детето како и за однесувањето на родителот, меѓутоа не можеле да преземат одредени активности без присуство на полиција бидејќи станува збор за насилно лице.

Од СВР-Гевгелија не информираа дека тие неможат да реагираат додека недобијат решение од Центарот за социјална работа. Со ЦСР-Скопје и ЦСР-Струмица не можевме да стапиме во контакт.

Во текот на март  2011 година телефонски не контактираа од ЦСР-Гевгелија да не информираат дека детето е земено од насилниот родител и предадено на родителот/роднините кои го имаат старателството.

Неефикаснота на државните институции, неможноста за утврдување на надлежност на Центрите за социјална работа го довеле во прашање оптималниот раст и развој на детето.  Прекршени се основните детски права на образование, здравствена заштита, оптимален раст и развој. Детето е истрауматизирано, исплашено од насилството и негрижата на која било изложено цела година. Една година  ова детето било препуштено на судбината.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши констатираше неможност на Центрите за социјална работа во разрешувањето на позитивна или негативна надлежност, што предизвикува неефикасност во нивното работење, немобилност како и долготрајност во решавање на случаи за кои треба веднаш да се реагира со цел да се заштити детето и неговите најдобри интереси.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши бара:

-         Државните институции и Центрите за социјална работа да бидат побрзи во утврдување на надлежностите. Сметаме дека на ваков начин ќе се избегне закоченоста на административниот систем и избегнување на одговорноста за неефективното работење.

-         Социјалната инспекција при Министерството за труд и социјална политика да има поголем увид во работата на Центрите за социјална работа и да се казнуваваат одговорните за неефективното работење

-         Владата на Република Македонија да ги обезбеди сите неопходни технички средства, како и човечки ресурси и стручен кадар за професинално и навремено извршување на работата.

-         Да се врши селекција при вработување и да се распределуваат работните мести според стручноста.

-         Редовни обуки и работилници за вработените со цел професионално да се до-обучат веќе постоечките кадри.

 

Комитетот за правата на децата во Женева ќе ги добие овие препораки и информации во следниот извештај за состојбата со правата на децата во Република Македонија од Првата детска амбасада во светот Меѓаши