Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Кога децата раѓаат деца

Малолетничка бременостна малолетни девојки кои станале мајки или се одлучиле за абортус е голем.Во училиштата се уште нема сексуално образование, младите ретко или воопшто не користат контрацепција. Што се случува кога децата раѓаат деца? 

Слабите оценки, неоправданите часови и што да се облече во петок навечер, не се единствените проблеми со кои се соочуваат македонските тинејџери.Низ школските ходници сексот одамна не е табу тема, а средношколците често знаат и да ги „маркираат" врсниците кои се уште немале сексуално искуство. Кога желбата е поголема од неинформираноста, тогаш и ризиците сексуалното искуство да заврши несакано се големи.

Во училиштата се уште се чека на воведување на сексуално образование како редовен предмет, а во советувалиштата кои се отворени низ повеќе градови, тинејџерите велат, ретко или воопшто не одат.

Само на Клинката за гинекологија во Скопје, минатата година 85 малолетни девојки станале мајки, а 16 се одлучиле за абортус. Податоците од Државниот завод за статистика за последната обработена 2009 година покажуваат дека во Македонија 1501 тинејџерка станала мајка, од кои дури 33 се под петнаесетгодишна возраст. Само четири татковци биле помлади од 15 години, а во другите случаи, главно, партенерите на девојчињата биле повозрасни од нив. Приватните клиники во главниот град,  не сакаат да го откријат точниот бројот на малолетни пациентки кој кај нив доаѓале бремени, абортирале или раѓале. Но, гинеколозите од приватниот сектор велат дека реалната бројка е барем двојно поголема од официјалната. Националноста на малолетничките е различна, а има и такви кои од регионот доаѓаат кај нас, заради поголема дискреција. Некои тинејџерки и нивните семејства, сепак, проблемот со бременоста, го решаваат најрадикалн: со абортус.

Според законот, за прекин на секоја бременост кај малолетничка, задолжително е потребна согласност од родителите и комисиско одобрение за причината и прекин на бременоста. Законот не секогаш се почитува, дури и по цена на соспственото здравје.

„За да го избегнат ова, криејќи од родителите, за жал, во нашата земја се уште имаме случаи кои бременоста ја прекинуваат незаконски во амбулантски – поликлинички установи, каде абортусите се извршуваат со законски недозволени сретства. Тоа често завршува со компликации кои потоа се решаваат во болничките установи" вели за "Форум", примариус д-р Мирослав Темелковски од Клиничката болница „Систина".

И со знаење и без знаење на родителите, едно е сигурно, стапката на тинејџерска бременост, како и на абортуси, во оваа возрасна група, кај нас е неколку пати повисока од онаа во развиените држави на ЕУ.

Детето не е подготвено да има дете

Психологот Мирјана Стојановска вели дека бременоста е сосема природна состојба, но за возрасна, зрела жена. Кога на адолесцентка ќе и се случи да забремени, во повеќето случаи претставува проблем. Стојановска вели дека е важна и возраста и дека не е исто дали девојчето е на 12, 14 или 16 - годишна возраст.

„Што е помладо бременото девојче толку е поверојатно дека прво тоа самото себеси нема да се прифати. Ваквото младо лице не може да биде одговорно ни за себеси, а бременоста претставува преземање на голема одговорност за детето кое ќе се роди", вели за „Форум",  Стојановска.

Гинекологот Мирослав Темелковски од клничката болница „Систина" ги објаснува физичките последици врз здравјето на жената.

„Поради незавршениот раст и развој на гениталните органи, јувенилната бременост е со зголемена честота на предвремено раѓање. Исто така, во ваквите случаи зголемена е честотата на ЕПХ - гестозите: отоци,протинурија, хипертензија", вели доктор Темелковски.Тој додава дека психолошко-психијатриските проблеми за време на бременоста и потоа, кај овие пациентки се почести поради незрелоста, неподготвеноста за новонастатанатата состојба.

Осудата на околината влијае врз мјаката, таа често предвремено го прекинува образованието. Од овие причини, вели Темелковски, младите мајки често се решаваат за абортус, кој, пак, со себе си носи дополнителни ризици.

Во помалите средини поголема е осудата и потешкотиите со кои една тинејџерка се соочува кога несакано останува бремена. Културното милје, религијата, воспитувањето и навиките некогаш знаат дополнително да ја влошат ситуацијата.

„Кај некои заедници бременоста на шеснаесетгодишна девојка е нешто сосема прифатливо и нормално, па и адолесцентката така се прифаќа себеси. Ова прифаќање на соспствената состојба е битно затоа што значи дека девојката е свесна за ситуацијата во која се наоѓа и одговорноста што ја презема. Во ваквите ситуации, роднините околу неа, ја прифаќаат и помагаат", објаснува Стојановска. Таа додава дека во средини каде малолетната бременост е осудена и општествено неприфатена, се случува бремената да биде изложена на навреди, отфрлање и осуда. Во такви ситуации, девојката може да доживее тешки психички проблеми, депресија, па и самоубиство.

Како да им се помогне на младите?

Доктор Темелковски вели дека оптимално време за раѓање кај една жена е од 25 до 30 години. Во овој период завршен е адолецентниот период и жената влегувува во репродуктивна фаза, психолошки и физички подготвена за  потомство. Таа веќе е изградена личност, со оформен психолошко-физички статус и, најчесто, со одредена професија.

Истражувањата покажуваат дека една петина од младите девојки не знаат практично ништо дури и  за „периодот на плодните денови" кога веројатноста да се забремени е најголема.

Х.Е.Р.А. и уште 22 надлежни институции и невладини организации направија Рамка со препораки за воведување на сексуалното образование во образовниот систем, кое треба да ја зголеми информираноста на младите за сексуалното и репродуктивното здравје, да ги разбие табуата и предрасудите, да ја зголеми свесноста за правата и за заштитата, да превенира ризици од несакана бременост и полови болести.

Драшко Костовски , програмски директор на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување  Х.Е.Р.А., вели дека упорно  се залагаат преку Бирото за развој на образование, предметот Сексуално  образование да се воведе како пилот програма. Додава дека оттаму не се согласувале комплетно со она што е предвидено со Рамката и дека според Бирото,  предметот Вештини на живеење, кој во училиштата е изборен предмет, дава доволна сексуална едукација.

„Нашите истражувања покажаа дека овој предмет во училиштата го предава било кој професор и дека професорите не се подготвени да предаваат на сите теми. Последните податоци велат дека професорите поради неподговтвеност или чувство на непријатност, сами одбираат на која тема ќе говорат на часот", вели за „Форум" Костовски. Тој додава и дека кај луѓето постојат предрасуди околу предметот Сексуално образование. Наводно, многумина сметале дека со овој предмет децата ќе бидат стимулирани порано да почнат со сексуалните искуства. И психологот Стојановска смета дека е особено важно повеќе да се работи на превенција и младите детално да се информираат за бременоста. Таа потенцира дека и возрасните треба внимателно да реагираат во вакви чувствителни ситуации. Некогаш, токму реакцијата од родителите и најблиските, го засилува стравот и тинејџерката носи погрешни или фатални одлуки.

„Родителите не треба да го осудуваат и казнуваат девојчето, бидејќи дел од одговорноста ја сносат и тие самите. Бидејќи, очигледно, некаде е направен пропуст во воспитувањето и информирањето. Затоа најдобро е да рзмислат кој е најдобриот начин, адолесцентката да ја реши несаканата бременост", вели Стојановска.

Од Првата детска амбасада „Меѓаши" за "Форум" велат дека ретко добиваат повици од малолетнички кои останале бремени и дека најчесто се јавуваат млади со прашања околу репродуктивното и сексуалното здравје. Во "Меѓаши", младите барале информации за контрацепција и заштита од несакана бременост.

Министерствата за здравство и образование кон крајот на минатата година промовираа советувалишта во 19 градови низ републикава под името „Слободно прашај, имаш каде". Неофицијално, малкумина ги користат овие советувалишта за да постават прашање поврзано со половите односи. Во овие советувалишта делат бесплатни презервативи и контрацепција. Но, младите продолжуваат да практикуваат небезбеден секс и за сериозноста на проблемот стануваат свесни дури кога се ќе заврши со бременост или полна болест. На интернет постојат безброј форуми каде малолетничките меѓусебе се советуваат како да кажат дома дека се бремени, дали да абортираат или не.

Но  останува препораката дека младите треба да се поттикнат отворено да разговараат за сексуалниот живот, но и да се зголеми свеста кај родителите бидејќи, за жал, тие се последни кои дознаваат. Само така ќе избегнеме случаи кога детето раѓа дете.