Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Како да ги познавам цел живот...

Читајќи ги натписите за Првата детска амбасада на светот Меѓаши се вратив во минатото, кое не би сакала повеќе да се случи. Април, 1992 година го слушнав АПЕЛОТ на ТВ и македонското радио од Гордана Змијанац за прифаќање деца од Сарајево. Во моментот ја запомнав адресата и телефонскиот број. Ми се разбуди желба да прифатам дете. Звонев долго време, телефонот беше зафатен. 

Утредента се  упатив до нивниот дом во Ѓорче Петров. Дома беше гос. Змијанац кој не можеше да се тргне од телефонот кој непрестано ѕвонеше. Неговите деца се подготвуваа на училиште, бараа да јадат, а тој беше зафатен. По претставувањето му кажав дека можам да останам неколку часа да помогнам, а тој да ги среди децата и да се одмори. По дадените инструкции се јавував на звонењето на телефонот и забележував. По неколку дена ме известија дека децата ќе бидат сместени по кампови.

Тоа време   работев во ОУ,,Борис Кидрич,, - Сарај, а во близина беше кампот Чичино Село каде се сместија многу лица од БиХ со нивните деца. Истите тие деца требаше да одат во училиште. Државата им обезбеди учителка со мајчиниот јазик, но гледајќи и слушајќи ги зборовите и делувањето на децата кое го пренесуваа од кампот, ги интегриравме децата меѓу останатите деца во редовните паралелки. Го негувавме нивниот домашен јазик. Мојата активност во Првата детска амбасада на светот Меѓаши продолжи понатаму - станав координатор во училиштето. Зачленив многу голем број деца (од БиХ и редовните ученици) независно од нивната верска ориентираност и ги вклучив во активностите што ги организираше амбасадата. Секогаш кога нешто ми требаше да се реализира тука беа Горде и Драги (работен прибор, социјални работилници, трибини, средби,посета во училиште, во кампот).

Животот   течеше понатаму Меѓаши продолжуваше по својот макотрпен пат и покрај многуте спрепки за нивното работење. Учениците кои ги учев од БиХ (никогаш не сум ги нарекувала бегалци, не можам ни денес) некои останаа, а некои заминаа во други земји. Не можам да ги заборавам моментите кога одев на роденден во капот, нивните животни приказни. Додека сум жива ќе го паметам Сенад кој не беше во кампот, но беше сместен со мајка и татко во стара трошна куќичка. Кога го посетив дома ми кажа дека многу сака да има топка, која ја оставил во Босна, брзајќи бакнувајќи го ѕидот од куќата, а сега нема пари да купи. При одење оставив пари да му купат топка, со која утредента дојде во училиште и не се оделуваше од неа. По неколкуте години останати во Скопје, требаше да се вратат назад во Босна. До ден денес, не можам да ја избришам сликата како сите заедно плачевме при доделување на сведителствата. Сенад  ме стегна околу половината и липајќи ми рече да дојдам во Босна со него.

Понатаму   настапи период кога периодично се вклучував во активностите на Меѓаши. Заедно направивме трибина за нобеловката Мајка Тереза во КИЦ, соработка со CRS за одредени проекти (соработка со родителите) итн. Секогаш кога ќе се обратев со идеја до Горде и Драги беа расположени за соработка, а тоа и понатаму останува. Го следам нивниот развоен пат, делувања во различните проблематики за заштита на децата.
 
Вие   сте поткрепа на сите деца (не само на тие што имаат проблеми) и на нас возрасните. Сите овие години се наоѓате меѓу нас и Ви благодарам што постоите во нашава мала Македонија. Верував и верувам во Вас, продолжите ја вашата мисија.

Гордана и Драги, секогаш кога се среќаваме имам чувство како да Ве познавам цел живот!!!

Силвана Левајковска