Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40

 

Изолацијата не е лек за насилните ученици

Психолозите и педагозите сметаат дека учениците што имаат проблематично однесување не треба да се изолираат во посебни училишта, туку со нив треба да работат стручни лица

Воведување мировно образование, работење на развој на емоционалната интелигенција на учениците, како и активно вклучување на наставниците и на родителите во стратегијата за намалување на насилството во училиштата, се дел од мерките што ги предлагаат експертите за крвавите тепачки во училиштата да станат минато. Стручните лица што ги консултиравме сметаат дека учениците што имаат проблематично однесување не треба да се изолираат во посебни училишта, туку со нив треба да работат психолози, кои ќе им помогнат да се справат со агресијата.

Скопјанката Зорица В. со горчина во душата го испраќа својот син-основец в училиште. Вели дека по страшните инциденти во училиштата, нејзиното дете е исплашено.

- Училиштето е место каде што децата треба да се чувствуваат безбедни, а не да се плашат дали некој ќе ги убие. Исплашена сум за неговата безбедност, имам грутка во душата додека не си дојде дома. Некој мора да преземе нешто - вели таа.

Дека децата се плашат за својата безбедност кога се на училиште, како синот на Зорица, покажа и истражувањето на Здружението за безбедносни истражувања и едукација, според кое, половина од учениците во средните училишта во Скопје не се чувствуваат доволно безбедно во училиштата.

Повиците за ненасилно однесување на учениците, кои во последните неколку месеци ги упатија министрите, невладините организации, директорите на училиштата и експертите, како да отидоа во ветер бидејќи пред една недела дете загина во училиштен двор. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска неодамна соопшти дека, за разлика од 2010 година кога биле регистрирани 48 случаи на насилно однесување на ученици, годинава само во првиот месец имало 13.

Детската амбасада „Меѓаши“ повикува некој да ја преземе одговорноста за последните случувања.

- Дали и кога воопшто ќе почне нешто посериозно да се менува во одговорноста на наставниците, психолошко-педагошките служби и директорите во училиштата, кои треба да се грижат не само за успехот на учениците туку и за нивното воспитание и поведение во училиштата - се прашуваат од „Меѓаши“.

Мировно образование 

Гордана Пирковска Змијанац, претставник на амбасадата и педагог, вели дека мора да се обрне внимание на превентивното дејствување. Таа предлага итно воведување мировно образование, кое е дел од образовниот процес во развиените земји.

- Мировното образование не е посебен предмет што треба да се изучува, туку стратегија што треба да се вклучи во образовниот систем. Тоа значи воспитание и растење на децата со вредности што го промовираат мирот и заедничкото живеење, ненасилство како начин на комуникација. Кога дете ќе се сретне со конфликтна ситуација ќе знае како да ја трансформира во однесување што не содржи насилство. Ќе знае дека проблемите треба да се решаваат со разговор и дијалог.

Од „Меѓаши“ предупредуваат дека речиси нема ден да не се случи насилство во некое од училиштата, при што се плашат и децата и родителите.

Психологот и психотерапевт Марија Коцевска Димовска, која ја подготвува својата докторска дисертација на тема воведување емоционална интелигенција во училиштата, смета дека токму ова може да ги намали инцидентите.

Развојот на емоционалната интелигенција е нов концепт во светот кој може да се воведе на разни нивоа во училиштата, смета Коцевска Димовска.

- Наставниците се тие што треба да покажат самоконтрола во однесувањето, да покажат култура на однесување која ќе им ја пренесат на децата и како тие да ги контролираат емоциите, посебно негативните - вели Коцевска Димовска.

Училиштата да воспитуваат

Сите експерти потврдуваат дека училиштата мора да ја вратат воспитната функција, која е во втор план. Психологот Марија Батиќ советува образовните институции да ~ посветат внимание на личноста како целина, а не само на усвојување знаења.

- Најголемите забелешки до образованието се тоа што најчесто е насочено кон стекнување знаења. Работата на личноста како целина е запоставена - вели Батиќ.

Стручниот соработник од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“, Нела Радевска, вели дека во ова мултиетничко училиште околу 13 отсто од вкупниот број ученици пројавуваат насилничко однесување.

- Овие деца во никој случај не се оставаат сами на себе. Им се пристапува со советодавни разговори со психолози и педагози, се поттикнува меѓуетничката толеранција. Нашето училиште е безбедно. Учениците што прават проблеми не ги казнуваме веднаш, туку дејствуваме со разговор и со други поттикнувачки средства.

Директорот на средното стручно училиште „Димитар Влахов“, Ванчо Божиновски, објаснува дека против насилството во училиштето се борат со превентивни мерки, а во тоа им помагаат видеокамерите и двајцата обезбедувачи.

- Откако имаме физичко обезбедување, намален е бројот на инциденти и тие не се сериозни. Децата што се проблематични ги викаме на советување кај психолог и педагог, ги информираме родителите и тие добиваат опомена. Во екстремни случаи има исклучување од училиштето. Тоа се случило четири пати во последните две години - вели Божиновски.

Експертите предупредуваат дека во целиот процес и стратегија за намалување на насилството мора да се вклучат родителите, а одговорноста за безбедноста да ја преземат и наставниците и директорите, како и обезбедувачите. Од МОН сметаат дека со новите измени во законите за средното и за основното образование и воведувањето родителски школи и казни за родителите кои не се заинтересирани за однесувањето на своите деца, ќе се намалат инцидентите. Пирковска Змијанац, пак, смета дека ова е добра реформа, но не треба да биде единствена.

Социолозите предупредуваат дека за насилничкото однесување на децата влијание имаат кревките семејни вредности, слабеењето на родителската контрола, недоволната грижа на стручните служби, но и медиумите и насилничките програми што се прикажуваат на телевизија и на интернет.

Милена Атанасоска Манасиева


Да се донесе закон за младите

Коалицијата на младински организации „Сега“, како една од мерките за намалување на насилството предлага донесување закон за младите.

- Тој закон, освен што би ги штител правата на младите, би ги посочил и обврските на младите луѓе за создавање здрава општествена заедница. Тој закон би предвидел и соодветни мерки за активно вклучување на младите во заедницата и конструктивно користење на слободното време за да се минимизираат ваквите девијантни појави - вели извршниот директор Зоран Илиески.

Оваа организација неодамна направила истражување меѓу 1.040 млади во 14 градови од Македонија и утврдила дека лошата економска состојба и негрижата на општеството најмногу влијаат врз ширењето на девијантните појави.


Изјавата на министерот извадена од контекст

Од Министерството за образование и наука, во врска со вчерашната изјава на министерот Тодоров дека се разговарало децата-насилници да се изолираат во посебни училишта, велат дека е извадена од контекст.

- Министерот никогаш не кажа дека тоа е некаква мерка или дека тој ја предложил, туку дека разговарал со експерти и дека имало спротивставени мислења - велат од МОН. Од „Меѓаши“ велат дека изолирањето на ваквите деца би бил несериозен чекор. Коцевска Димовска вели дека кон овие деца мора да се постапува хумано. #


http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=12D2C963645DBF489141FC0CC77F807A