Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Деветгодишник една година оставен кај родителот насилник

Центрите за социјална работа, иако имале информација дека деветгодишник живее со родител-насилник, во неможноста да утврдат кој од нив е надлежен да постапува во овој случај, цела година го оставиле детето незаштитено, велат од „Меѓаши“

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ информира за случај во кој на деветгодишно дете од Гевгелија му биле нарушени правата поради нефункционалност во работата на Центрите за социјална работа. Случајот во амбасадата бил пријавен на СОС-телефонот. Родителите на детето веќе подолго време се разведени, а родителот кој нема старателство не пројавил никаква желба да стапи во контакт со него.

- Родителот дури лани првпат изразил желба да го види детето, при што со меѓусебен договор на родителите детето една недела требало да биде со другиот родител. По изминување на договореното време за видување, родителот кој не е старател решил дека детето ќе остане со него. Иако не е во состојба да се грижи, бидејќи има историја на асоцијално, промискуитетно однесување и е долгогодишен корисник на опојни средства, тој цела година не водел грижа за детето, кое било затворено само дома и гладно - велат од „Меѓаши“.

Тоа цела година не посетувало училиште и постојано живеело во страв. Родителот и роднините кои го имале правото на грижа, заштита и воспитание на детето се упатиле до центрите за социјална работа и до СВР Гевгелија со цел да го земат детето и да го заштитат. Но нивните барања и реакции не биле сериозно земени предвид.

- Училиштето во кое детето било запишано правело напори и ги информирало соодветните центри за социјална работа и имале обид за домашна посета за да се увидат причините за непосетувањето на училиште, но немало никаков резултат. Родителот или не бил дома или не ја отворал вратата. Центрите за социјална работа, иако имале информација дека тоа дете живее со насилник, во неможноста да утврдат кој од нив е надлежен да постапува во овој случај, цела година го оставиле детето незаштитено - велат од амбасадата.

Центарот за социјални работи од Гевгелија дури деновиве ја информирал амбасадата дека детето е земено од насилниот родител и предадено на старателите.

- Последниов случај повторно ја посочува недоволната ефикасност, ригидноста и неодговорноста на центрите во постапување во најдобар интерес на детето. Имено, би сакале да го наметнеме прашањето дали брзината и ефикасноста во решавањето на ваквите случаи треба да зависи од ангажманот на граѓанските организации што се грижат за заштита на правата на детето. Дали можеби да не беа нашите напори и заложби за соодветно постапување во овој случај, судбината на ова дете ќе зависеше од административните процедури, кои можеби ќе траеја и повеќе од една година? - прашуваат од „Меѓаши“.

Од амбасадата сметаат дека неефикасноста на државните институции, неможноста за утврдување на надлежност на центрите го довеле во прашање оптималниот раст и развој на детето, а прекршени се основните детски права на образование, здравствена заштита, оптимален раст и развој.

- Детската амбасада „Меѓаши“ констатира неможност на центрите за социјална работа во разрешувањето на позитивна или негативна надлежност, што предизвикува неефикасност во нивното работење, немобилност, како и долготрајност во решавање на случаи за кои треба веднаш да се реагира со цел да се заштити детето и неговите најдобри интереси - велат од амбасадата, која препорачува институциите да бидат побрзи во утврдувањето на надлежностите, како и Министерството за труд и социјални работи да ги засили инспекциите во центрите и да ги казни одговорните за неефикасноста. (И.Ш.) #

http://www.24online.mk/549756/indexed.html

http://www.dir.org.mk/vesti/?id=2318711&t=%2FDevetgodisnik+edna+godina+ostaven+kaj+roditelot+nasilnik