Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Децата ги демне опасностТрговија со луѓе

Истражувањата покажуваат дека последните две години трговијата со малолетници е во пораст. Полицијата потврдува дека постои трговија со деца и дека зголемувањето пред се’ се должи на сексуалната експлоатација на малолетниците 
 
Петгодишната Мирсада, нејзиниот врсник Дане и седумгодишниот Митат лани исчезнаа и сe уште ги нема!

Мирсада исчезна кон средината на април од дворот на семејната куќа во кумановското село Средорек каде што петнаесетина дена порано, исчезна Дане Мемеди. По Митат Ибраими кој исчезна во март од селото Средно Коњаре, трага и Интерпол.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, за овие деца, велеше дека не се киднапирани ниту, пак, дека станува збор за организирана трговија со детски органи. Поради фактот дека домовите на децата се наоѓаат во непосредна близина на реки, се јави сомнеж дека децата можеби се удавиле во реките.

Ниту Малата Ангела  Ѓорѓиоска  која исчезна во јули минатата година од пред домот во мариовското село Дуње, не е пронајдена. Подоцна, беа пронајдени коски за кои Институтот за судска медицина потврди дека i припаѓале на Ангела, но нејзините родители останаа со сомнеж дека е навистина така. Соселаните од Дуње велеа дека не веруваат дека Ангела сама можела да замине во планините кои се на два часа пеш од нејзиниот дом, особено не, при пеколните летни температури.

Овие случаи поттикнаа сомнежи дека децата се грабнати и преку соседните држави, префрлени во Европа за да бидат продадени. Дека постои трговија со деца во регионов потврдуваат и надлежните од македонското Министерство за внатрешни работи.

„Присутно е продавање на деца и свесно непријавување на новороденчиња, особено кај ромската популација. Најчесто се продавани деца на едногодишна и двегодишна возраст”, вели за „Форум” Санде Китанов, началник на Единица за борба против трговија со луѓе и криумчарење мигранти.

Родителите почнаа да стравуваат за своите деца. Мајка од Скопје , за „Форум” раскажа дека по зачестените случаи кај нас и во соседните земји, таа незјиниот седумгодишен син веќе не го остава сам да си игра во паркот пред  влезот на зградата каде што живеат. Како што вели, деновите кога децата можеа без надзор од родителите, да си играат низ маало, се приказна од некое друго време.

Китанов вели дека има нова појава  на зголемен број барања за посвојување на деца од една европска земја. Оваа појава не би била зачудувачка да не станува збор за деца кои имаат ментални или вродени аномалии. Нашето МВР истражува, за како што рече Китанов, да се утврди дали станува збор за хумани причини или одредена цел.

Сексуална експлоатација

 

Истражувањето на коалицијата „Сите за правично судење” во рамките на нивниот проект за следење на предметите од областа на трговијата со луѓе , покажа дека во последните две години трговијата со малолетници е во пораст. Шокантен е фактот дека деца се врбуваат за сексуална експлоатација.

И Китанов потврди  дека  кај нас е зголемена трговијата со малолетни лица за сексуална експлоатација. Како што кажа Китанов, застрашувачки е податокот дека дури 90 отсто од жртвите се малолетници од 14 до 17 годишна возраст.

„Во текот на 2010 година, според неофицијалните податоци од СОС телефонот за деца и млади, состојбата со сексуалната злоупотреба врз децата и понатаму останува непроменета и досега се регистрирани околу 15 случаи на сексуална злоупотреба и педофилија”, велат за „Форум” од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши”.

Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши” додават дека годинава на истиот телефон биле пријавени и неколку случаи кога родителите сексуално ги експлоатирале своите ќерки, односно ги принудувале на давање сексуални услуги на возрасни лица.

Македонија беше шокирана од случајот во Штип каде што неколку малолетнички биле принудувани, од познати бизнисмени, да се проституираат. Судскиот процес никако да започне бијеќи сега бизнисмените поради психички проблеми не можеле да следат судење. Неколку од нив кои судот ги пушти да се бранат од слобода, побегнаа.

Децата ги демне опасност и дома. Со напредокот на информатиката, цел свет им е на дланка, но и тие му се на дофат на светот. Секојдневно  на најраспространетата социјална мрежа „Фејсбук” се објавуваат фотографии и податоци на деца. Тоа, несвесни за ризикот, го прават и нивните родители. Но, социјалните мрежи се идеални за врбување на потенцијаните жртви. Денес „профил” на Фејсбук без какво било ограничување може да отвори кој било, со информации за себе , по желба. Честа е појавата кога возрасни „врбувачи” отвораат лажен профил претставувајќи се како малолетници. Потоа започнуваат комуникација со „врсници” , сe до моментот кога жртвата прифаќа средба. Ваков модел на врбување е познат во светот и сe почесто се практикува и кај нас.

Китанов за „Форум” објасни дека во неговиот оддел има двајца вработени кои работат исклучиво на интернет-понудите, сомнителните огласи и сe што вклучува потенцијална опасност за трговија со луѓе.

Зголемени казни

„Се зголеми јавната свест за проблемот со трговија со луѓе. Луѓето мислеа дека тоа секогаш му се случува на некој друг. Не беа доволно свесни дека секој може да стане жртва и затоа сериозно работевме на кампањи и подигање на свеста” вели Китанов.

Светските организции и невладиниот сектор за најчести фактори кои придонесуваат за трговија со луѓе, ги посочија сиромаштијата, дисфункционалните семејства, недостигот од образование, големата побарувачка за детски труд, илегалното посвојување и педофилијата.

Од Детската амбасада „Меѓаши” велат дека по секоја добиена дојава на СОС телефонот за деца и млади, веднаш ги контактираат надлежните институции за итна проверка на состојбата и преземање на потребни мерки и активности со цел брзо решавање на проблемот.

„Првата детска амбасада во светот „Меѓаши”, активно лобираше за измени во Кривичниот Законик за построго казнување на педофилите и сторителите на ваков вид кривични дела, со барање за минимум 15 години казна затвор до доживотен затвор. Нашите напори на застапување и лобирање, беа прифатени од Министерството за правда и од Владата и казните за полов напад врз дете од страна на возрасно лице, беа зголемени на минимум десет години затвор, а за дела кои се сторени на грозоморен начин или од страна на повеќе сторители или во случаи кога жртвата добила тешки повреди и трајни последици, предвидена е казна доживотен затвор” велат од Амбасадата „Меѓаши”.

Сите надлежни институции тврдат дека постојано и енегргично се борат со трговијата со луѓе, особено со деца. Но, родителите на Митат, Дане и Мирсада се сомневаат дека децата им се продадени, но како што велат, живеат со надеж дека или ќе се вратат или таму каде што сe, се на подобро место.

Бугарија – нов пазар за продажба на бебиња

Статистичките податоци на Националната комсија за борба против трговија со луѓе покажа  дека во Бугарија два нови региона станале пазар за трговија со луѓе, односно  трговија со  бебиња, а „купувачите” се најчесто од Грција. Според истиот извор во Грција новородено девојче се продава за околу 14.000 евра, а машките бебиња помеѓу 16.000 и 18.000 евра. Во тие бугарски региони практиката била, жената која решила да го продаде своето бебе, во Грција да замине уште за време на својата бременост. Но, поголемиот број од мајките „продавачки”,  не го добиваат ветениот износ туку само незначителна сума. Софиските медиуми пишуваа дека во Бугарија е во пораст и илегалната продажба на бебиња на родители без деца по цена од 7.500 евра. Бебињата ги продаваат млади мајки, средношколки или студентки кои штотуку се запишале на факултет. Шемата на продавање е едноставна, и како што пишуваа бугарските медиуми, откако таткото ќе и’ ги предаде парите на родилката, во матичната книга го впишува детето како свое.

Во Србија, според статистиките кои ги има тамошниот невладин сектор, од 2004 година трговијата со деца е во постојан пораст. Оттаму велат дека во Србија не постои стратегија со која децата би се заштитиле од продажба, педофилија и проституција како и дека нема специјализирани засолништа за децата – жртви.

Фондот на Обединетите нации ги посочи Кина, Филипините, Индонезија, Малезија, Тајланд и Виетнам како земји  кои се најзагрозени со проблемот за трговија со деца