Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Деца – фантомиЖивот  без матичен број  15:13 | 28 февруари 2011 Мери Јордановска

Повеќе од илјада ромски семејства не ги регистрирале своите деца во матичната книга на родените. Сега, децата немаат здравствено осигурување, ниту одат во училиште. Правно, не постојат никаде

Петгодишно девојче од ромска националност ја преминуваше улицата во населбата Топанско Поле во Скопје. Се движеше накај својот дом, преморено, бидејќи цел ден просеше на една од скопските крстосници. Не го забележа возилото кое со голема брзина се движеше по булеварот. Се слушна силен удар. Пред голем број очевидци, лежеше безживотото тело на девојчето. Петгодишното девојче веднаш беше пренесено во Ургентниот центар во Скопје, но залудни беа сите напори да се спаси нејзиниот живот. Речиси пет години подоцна, случајот сe уште нема епилог, а возачот не одговараше за одземениот живот. Зошто? Затоа што девојчето не постои во матичната евиденција на Македонија. Тоа е човек – фантом. Исто како што беше и деветгодишното момче од Тетово, пред многу години прегазено од возило што се движело со голема брзина. И покрај отворената судска постапка, возачот ја избегнал одговорноста, затоа што не можело да се докаже дека момчето навистина постоело.

Два изгубени животи, а во матичната евиденција – исто како ниеден. Овие деца немале изводи од матичната евиденција, а со тоа, не се третираат ниту како постоечки македонски граѓани. Во записниците на надлежните ќе останат запишани само како удрени деца. Без име и презиме, без матичен број. Нив ги спојува националноста – и двете деца се Роми. Починати се, а според евиденцијата, не биле ни родени. Поминати се многу години од нивната смрт.

Но, и по толку време, судбината на нерегистрираните Роми ја живеат повеќе од илјада семејства во земјава. Во текот на проектот спроведен од првата детска амбасада во светот „Меѓаши”, идентификувани се 840 деца – фантоми, кои не поседуваат изводи од матичната евиденција. Од нив, 338 воопшто не се регистрирани или дури не се ниту пријавени.

„Причини за настанување на ваквата ситуација има безброј. Од немањето документација од страна на родителите, немањето финансии, доколку родителите живеат во вонбрачна заедница без точно наведена причина, ако мајката нема отпусна листа од болница, страв од казна, незнаење, незаинтересираност на родителите, деца родени во домашни услови, немање доказ за татковство, немање регулирано место на живеење, неинформираност...”, вели Драган Змијанац извршен директор на првата детска амбасада во светот „Меѓаши”. Уште поголем е проблемот да се идентификуваат овие деца. Но, доволно е само да прошетате низ импровизираните живеалишта на Ромите во населбата Шуто Оризари. Речиси и да нема семејство каде сите жители се пријавени во македонската матична евиденција.
 
РЕАЛНО  7, ЗАКОНСКИ 5
 
Во куќа во населбата Шуто Оризари, живеат седуммина. Но, пред законот, само петмина. Трите деца на Сејфула Ѓусефаи немаат изводи, немаат држјаванства, а со самото тоа и никакви права како граѓани на Македонија. Децата не одат во училиште, затоа што немаат документи, не можат да добијат здравствено осигурување, социјална или друга државна помош.

„Немаат документи, немаме пари за да им извадиме. Сакам да ми учат децата во училиште, да можат да се снајдат во животот, да не бидат како мене да одат по контејнери”, вели Ѓусефаи.

Таа своите деца ги родила дома. Кога почнале породилните болки, ги повикала најблиските за да i помогнат да се породи. Вели дека тоа го сторила поради страв, дека доколку отиде во болница, тоа ќе ја чини скапо. Не знаела дека породувањето во државните болници е бесплатно. Подоцна, сакала да ги регистрира, но не го запазила законскиот рок.

И Шеќерија Рустеми ја дели истата судбина. Нејзините две деца не постојат пред македонските закони. Се породила во болница, но во тоа време ни самата немала документи. Потоа успеала да извади за себе, но не и за своите деца.„Не можев, не успеав да извадам изводи за моите деца. Едноставно, ништо не можам да сторам за нив. Жално е, но тоа е вистината”, вели Рустеми. Ја прашавме дали барем ги памети родендените на своите деца. Кратко ни одговори: „Одамна беше. Еве има колку години...не можам да запаметам, не знам кога се родија”. Од невладината организација „Амбрела” велат дека овие проблеми во најголем дел се јавуваат поради недостиг од едукација кај ромската популација. Па така, мајките кои се породуваат дома се плашат дека поради тоа можат да имаат проблеми со законот, доколку задоцнат со пријавувањето почнува стравот да не бидат кривично гонети или, пак, воопшто не знаат каде да ги пријават своите деца.„Кога нема на време да го пријават детето, тогаш семејствата се плашат од кривични постапки, од казни. Други причини се и неукоста и непознавањето на постапката за вадење изводи кај поголемиот број семејства. А подоцна, кога ќе посакаат да ги регистрираат децата се јавуваат проблеми со администрацијата. Тие тешко се снаоѓаат во сиот тој административен лавиринт, а од друга страна се соочуваат и со дискриминаторски третман од страна на службениците”, вели Љатифе Шиковска од здружението на граѓани „Амбрела”. Таа раскажува дека пристапот кон Ромите е многу поразличен отколку кон останатите граѓани. Кога службениците ќе забележат дека некој документ недостига, едноставно не им даваат информација и не ги упатуваат таму каде што е потребно. Тука најчесто и завршува потрагата по документи. А нивните деца остануваат живи во реалноста, а ниту живи ниту мртви во статитистиката. Токму и затоа ги нарекуваат луѓе-фантоми. Постојат и случаи кога од оваа невладина организација успевале да ги евидентираат во Матичната книга на родените и да им помогнат на семејствата.

ШТО ДА СЕ НАПРАВИ?
 
Од невладините организации велат дека поголемиот број деца кои не се регистрирани во Македонија се Роми. Тие не се здравствено осигурани и не се вклучени во образовниот систем, иако законите велат дека не смее да има граѓанин без здравствено осигурување. Законите за образование пак, велат не смее дете на возраст погодна за образование да е надвор од образовниот систем.„Нема поголема дискриминација од тоа државата да не најде начин да го реши ова прашање неколку години наназад, а за тоа секоја година да предупредуваат граѓанските организации, Европската комисија и други меѓународни организации во Македонија”, вели Змијанац. Од невладините организации апелираат дека повеќе од потребно е да се воспостави електронско собирање на потребните податоци за регистрација и да формира помошни служби во општините за помош при регистрација. Освен тоа, велат од невладините организации, доколку државата се стреми кон тоа да има реална евиденција за граѓаните, треба да иницира законски промени во насока на олеснување на пријавувањето и да одреди еднократни стимулативни пакети за прво пријавување на дете.

Според членот 15 од Универзалната декларација за човекови права од 1948 година, секој има право на државјанство и на ниту едно лице не смее произволно да му се одземе државјанството. Правото на државјанство е основно човеково право. И покрај ова, меѓународната заедница во моментов се соочува со бројни ситуации на бездржавјанство. Од Министерството за труд и социјална политика признаваат дека недостигот од изводи за раѓање, државјанство, лични карти, пасоши, возачки дозволи, повлекува со себе спреченост на Ромите да се здобијат со здравствена заштита, социјална заштита и сигурност, социјално осигурување, образование, вработување, домување... еден долг список на применливи човекови права, кои не претставуваат идеал, туку неопходност за еден достоинствен човечки живот, реалност без која не се може. Многу извештаи укажуваат дека припадниците на Ромската етничка заедница се соочуваат со тешкотии при добивањето на лични документи или со недостиг од истите. Сепак, не постојат прецизни податоци за точна бројка на лица кои се соочуваат со ваков проблем во Македонија и пошироко во регионот.

„Проблемот на пристапот на Ромите до документи за лична идентификација е утврден од Владата. За надминување на овој проблем се формираше меѓуресорска работна група составена од претставници од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Кабинетот на министерот без ресор, Управата за матична евиденција, УНХЦР, УНИЦЕФ, Информативниот центар за граѓанско општество, ромски НВО и експерти кои работаат на овој проблем заеднички да подготват препораки до Владата за надминување на овој проблем. Имајќи предвид дека проблемите поврзани со непоседување на документи за лична идентификација од страна на припадниците на заедниците на Ромите, особено во земјите од поранешна Југославија, ги оневозможуваат овие лица да ги остварат своите основни човекови права, државните авторитети, граѓанските организации и меѓународните организации сметаат дека ова прашање бара итни решенија за спречување и искоренување на бездржавјанството и заштита на лицата без државјанство или лицата кои се изложени на ризик на бездржавјанство”, велат од Министерството за труд и социјална политика.Работна група координирана од ова министерство подготвило мерки за идентификација на лица кои немаат лична документација. Овие мерки треба да се имплементираат до крајот на 2012 година.

Дали и кога навистина ќе се случи тоа, останува неизвесно. А дотогаш, децата на Шеќерија и на Сејфула нема да си ги знаат своите родендени, а лица кои одзеле нечиј живот, нема да одговараат пред судот, само затоа што не се евиднтирани во Управата за матична евиденција. (Истражувањето е поддржано од Данската асоцијација за истражувачко новинарство и од проектот СКУП)

http://forum.mk/search#247038