Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40

Деца без детствоЗаклучено ,  изгладнувано, препуштено на судбината, запоставено токму од родителот кој треба најмногу да се грижи за него. Ваква судбина цела година преживувало деветгодишно дете од внатрешноста на земјава, немоќно да се справи со кошмарот што се случувал токму во неговиот семеен дом. Потресната сторија која деновиве беше обелоденета од страна на Детската амбасада „Меѓаши“ не може никого да остави рамнодушен. Таа е само сведоштво дека во земјава се' уште се случуваат семејни драми, во кои жртви се децата. Поради неагилноста на институциите, детската голгота останува затскриена зад ѕидовите во домот, а родителската негрижа и „изживување“ со најмладите останува скриена под куќниот праг, далеку од очите на соседите.  
 
Ова  деветгодишно дете, како и секое друго, посакува весело детство, дружба со другарчињата, родители кои го сакаат и се грижат за него. Но, место весела игра и мирен сон, детето завршило една година зад затворени врати, оддалечено од училиштето и од другарчињата, честопати оставано без храна и без мајчинска грижа.

Еден  повик на СОС-телефонот на  Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ја разоткри стравотната судбина на ова деветгодишно дете на разведени родители. Една година талкање по институциите му биле потребни на таткото за да го врати дома своето чедо, за кое го добил старателството. Една година им била потребна на институциите за да го спасат детето од кошмарниот живот, кој можел да има и трагичен епилог. Зошто не се реагирало навреме и колку вакви случаи остануваат затскриени далеку од очите на јавноста, се само дел од дилемите што се поставуваат со години наназад. Магичниот круг речиси секогаш почнува и завршува на исто место – кај семејствата и социјалните служби. Штом една од овие алки ќе попушти, товарот паѓа на плешките на најкревките, уништувајќи го нивното детство.

http://utrinski.mk/?ItemID=A70CC63BFDF2A246804F60FB97E65705