Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40

Акција на Меѓаши за вклучување на сите деца во задолжителниот процес на образование Зајакнување на свеста за потребата од вклучување на сите деца во задолжителниот процес на образование ширум целиот свет, е целта на кампањата што почна денеска во рамки на Глобалната недела на акција, што се одржува секоја година од 2001. на меѓународно ниво. Национален координатор за Македонија е Првата детска амбасада во светот Меѓаши. 

Темата на акцијата за 2011 година е „Образование на жените и  девојчињата“ со слоган „Тоа е право; Остварете го тоа право: Образование за жени и девојчиња  сега!“ и со подслоган „Да,  таа може”.  По тој повод во повеќе од 100 земји низ целиот свет ќе се здружат политичари, активисти и граѓани кои треба да ги  слушнат инспиративните приказни на жени и девојчиња кои раскажуваат за улогата на образованието во нивниот живот. 

Во Македонија во тек на еднонеделната кампања, која ќе трае до 9  мај, ќе бидат организирани повеќе настани наречени „Големата приказна“,  при што е најавено посветување на еден училишен час на темата  „Тоа е право; Остварете го тоа право: Образование за жени и девојчиња сега!“.  Наставниците и педагозите треба да им објаснат на децата на пригоден и информативен начин оти 69 милиони деца во светот не одат на училиште, не знаат да читаат и пишуваат и оти поголемиот број од нив се девојчиња.

- Еден од секои пет луѓе во светот не може да го прочита ова. Поголемиот број од нив се од женски пол, речиси 40 милиони девојчиња немаат никаково образование, не се вклучени во училиштата, соопштуваат од Меѓаши.

Според нив, и покрај постојните законски регулативи во Македонија кои пропишуваат задолжително основно и средно образование, сепак има 18.500 деца кои се надвор од училишните клупи, а вкупно 200.000 лица немаат завршено основно образование.  Невклученоста во процесот на образование претставува ризичен фактор за децата за нивно вовлекување во најлошите форми на детски труд, како и нивна подложност на девијантно однесување, укажуваат од Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

Дел од предвидените активности во кампањата се и читање на претходно собрани инспиративни писма од неколку жени во кои раскажуваат како образованието придонело за позитивни промени во нивните животи и раскажување на животната приказна на неколку жени пред децата во Дневниот центар за деца кои не одат на училиште, во просториите на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

http://sitel.com.mk/dnevnik/makedonija/akcija-na-megjashi-za-vkluchuvanje-na-site-deca-vo-zadolzitelniot-proces-na-obraz